Јеменските Хути утрово соопштија дека извршиле воена операција насочена кон два саудиски танкери за нафта, а извештаите за поморска безбедност велат дека еден од бродовите, танкерот со саудиско знаме „Енцелија“, е погоден во Црвеното Море.
Хутите објавија дека ги таргетирале танкерите „Енеција“ и „Лалја“ со повеќе балистички и крстосувачки ракети, со изговор дека бродовите ја прекршиле поморската блокада што тие ја наметнаа врз Саудиска Арабија.
Танкерот „Енцелија“ испратил повик за помош, известувајќи дека бил погоден од ракета додека работел на надворешните граници на саудиското пристаниште Џизан во Црвеното Море и дека гори.
Британската група за управување со поморски ризици „Вангард“ соопшти дека саудискиот танкер „Енцелија“ е погоден од непозната ракета околу 70 наутички милји југозападно од Ал Шукаик во Саудиска Арабија во 20 часот по Гринич.
Агенцијата за поморски трговски операции на Обединетото Кралство соопшти дека добила извештај за инцидент во истата област, во кој се наведува дека капетанот на танкерот пријавил дека е погоден од непозната ракета што предизвикала пожар на бродот, кој екипажот го гаснел.
УКТО соопшти дека нема пријавени жртви или влијание врз животната средина.