Угостителите во Гостивар мора да користат техничка вода

by irena 10:16
10:16

Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила за сите граѓани, угостителски објекти и оператори со храна сè додека лабораториските анализи не потврдат дека водата е безбедна. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) порачаа дека угостителите мора да користат технички безбедна вода, а инспекциските служби продолжуваат со вонредни контроли по откривањето на диво поставените пумпи во Вруток.

Директорот на АХВ, Оливер Миланов, информираше дека инспекторите ги прошириле контролите кај сите оператори со храна во Гостиварско, додека паралелно се земаат дополнителни мостри од целиот водоснабдителен систем, како и од градинки, јавни установи и угостителски објекти.

Од Агенцијата најавија санкции за сите субјекти кои нема да ги почитуваат забраните и препораките. Вонредните контроли биле започнати по известување од Основното јавно обвинителство – Гостивар и Министерството за внатрешни работи за можна загрозеност на безбедноста на водата за пиење.

При инспекцискиот надзор спроведен на 16 јули во селото Вруток било утврдено дека во главниот цевковод на водоснабдителниот систем без одобрение биле поставени пумпи преку кои непрочистена вода од реката Вардар директно се внесувала во водоводната мрежа.

Во координација со Министерството за животна средина, МВР и Институтот за јавно здравје биле земени мостри од четири локации – од резервоарот, каптажата, површинската вода и јавна чешма. Конечната одлука за укинување на забраната ќе биде донесена по добивањето на официјалните лабораториски резултати.

Слични вести