Забраната за користење на водата од гостиварскиот водовод за пиење и подготовка на храна останува во сила сè додека лабораториските анализи не потврдат дека таа е безбедна, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.
„Продолжуваме будно да ја следиме состојбата и да ги преземаме сите законски мерки за целосно расчистување на случајот и отстранување на причините што го загрозиле здравјето на граѓаните. Нема да дозволиме ниту еден аспект од постапката да остане неиспитан“, изјави Миланов на прес-конференција во Владата.
Тој информира дека инспекторите на АХВ и денеска вршат вонредни контроли кај операторите со храна во Гостивар, со цел да се утврдат изворот на контаминацијата и степенот на загаденост, како и да се обезбедат дополнителни лабораториски анализи.
Според Миланов, АХВ започнала со вонреден инспекциски надзор по известување од Основното јавно обвинителство – Гостивар и пријава од МВР за можна нарушена безбедност на водата за пиење.
При контролата извршена на 16 јули во село Вруток, во координација со Министерството за животна средина, Обвинителството и МВР, било утврдено дека без одобрение биле поставени пумпи преку кои вода од реката Вардар директно се внесувала во водоснабдителниот систем.
Од системот биле земени четири мостри за лабораториска анализа – од резервоарот, каптажата, површинската вода и јавна чешма, а дополнително се земени и нови примероци од повеќе локации, вклучително и од јавни установи, градинки и угостителски објекти.
Миланов апелираше граѓаните да не ја користат водата од водоводот за пиење и подготовка на храна сè додека надлежните институции не соопштат дека таа е безбедна.
Тој најави дека АХВ ќе преземе мерки против сите субјекти кај кои ќе бидат утврдени пропусти или непочитување на законските обврски, додека конечните резултати од анализите треба да ги објави Институтот за јавно здравје.