Новак Ѓоковиќ отворено зборуваше за крајот на својата кариера, признавајќи дека чувствува оти тој момент се приближува, иако сè уште верува дека може да игра на највисоко ниво.
Освојувачот на 24 грен-слем титули нагласи дека сè уште има мотивација и квалитет да се натпреварува со најдобрите тенисери во светот, но е свесен дека еден ден ќе мора да се збогува со професионалниот тенис.
„Сè уште чувствувам дека можам да се натпреварувам на највисоко ниво. Сепак, моментот кога ќе ја завршам кариерата е сигурно поблизу од кога било. Андре Агаси еднаш рече дека не знае кога ќе заврши мојата кариера, но дека кога тоа ќе се случи, сè ќе се одвива многу брзо. Мислам дека беше во право“, изјави Ѓоковиќ за време на настанот „Fanatics Fest“.
Тој додаде дека не постои идеално време за повлекување од спортот.
„Некои сакаат да ја завршат кариерата додека се на врвот, други заминуваат кога нивните тела повеќе не можат да издржат, а има и такви кои сфаќаат дека повеќе не можат да се натпреваруваат со најдобрите. Јас само се обидувам да уживам во фактот дека сè уште можам да играм“ порача Србинот.
Во разговор за емисијата „CBS Mornings“, Ѓоковиќ се потсети на своите тениски почетоци и на тешкото растење во Србија.
„Имав четири години кога почнав да играм тенис. Никој во моето семејство претходно немаше држено рекет во рацете. Во тоа време во Србија немаше тениска традиција, но јас се вљубив во овој спорт и побарав од татко ми да ми го купи првиот рекет. Така започна мојата љубовна приказна со тенисот“ рече тој.
Тој особено нагласи низ што сè поминувало неговото семејство во деведесеттите години.
„Поминавме низ војни, санкции, економска криза и многу искушенија. И покрај тоа, моите родители направија сè за да ми овозможат да се занимавам со еден од најскапите спортови“ – рече Ноле.
Исто така, откри дека поради неговиот тениски пат, одредени жртви поднеле и неговите помлади браќа.
„Имам двајца помлади браќа кои исто така сакаа да играат тенис, но не можеа да ја добијат поддршката што ја имав јас. Родителите чувствуваа вина поради тоа, но немаа избор. Тогаш си ветив дека еден ден ќе ѝ се оддолжам на семејството за сè што направија за мене и ќе им обезбедам подобар живот. Денес, кога гледам до каде стигнавме, знам дека целиот тој труд вредеше“ порача Ѓоковиќ.