Шеесетгодишен маж, осомничен за убиство на двајца вработени во окружната управа на Нојмаркт, е уапсен за време на полициска операција во Бернгау, Баварија, откако со часови бил забарикадиран во станбена зграда.
Полицијата упаднала во станот околу 02:20 часот наутро, користејќи експлозив, и го совладала осомничениот, кој се здобил со полесни прострелни рани на ногата и бил префрлен на лекарска нега, соопшти полицијата, а пренесе „Билд“.
Според досегашните информации, осомничениот – за кого се верува дека е спортски стрелец – пукал во двајца службеници за време на проверка на оружје.
Првично било пронајдено телото на 45-годишен маж, додека подоцна специјалните единици од зградата го извлекле и телото на 54-годишна жена.
Од полицијата изјавија дека последниот истрел бил испукан околу 14 часот.
Мотивот за нападот е непознат, а криминалистичката полиција во Регенсбург покрена истрага.
По пукањето, областа околу Бернгау, место со околу 2.600 жители, беше блокирана, а на терен беше испратен и полициски хеликоптер.