Давор Мацура – од газда на мала менувачница до финансиски магнат во Србија, чија бизнис-империја се прошири и во Македонија!

Србин што живее американски сон или параван за капитал на власта: Како еден газда на мала менувачница успеа да изгради интернационална бизнис-империја, што работи на деловни операции во финансискиот, градежниот и во други сектори, тешки милиони евра?

by vlatko 20:55
20:55

Текстот е објавен на 28 мај, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.599.

Во изминатиов период, во српската јавност се развива темата околу потеклото на капиталот на српскиот бизнисмен Давор Мацура, кој во земјава стана актуелен откако неговата „Алта банка“ ја купи „Стопанска банка – Битола“. Освен што дел од медиумите пишуваат за значително зголемување на капиталот на белградската „Алта банка“ преку уплати на сопственикот, поради што се отвора прашањето кој го финансира растот на банката и кој стои зад капиталот што влегува во системот, тамошната опозиција оди чекор подалеку, испорачувајќи тешки обвинувања дека Мацура е, всушност, дел од организирана криминална група и дека се занимава со перење пари, односно, според партијата на Ѓилас, тој е само маска за финансиските операции на браќата Вучиќ. Што велат фактите – како еден газда на мала менувачница успеа да изгради интернационална бизнис-империја, што работи на деловни операции во финансискиот, градежниот и во други сектори, тешки милиони евра?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

„Дури 66 милиони евра беа внесени во „Алта банка“ минатата година: Со нов капитал, раст на банката и донесе работењето со државата“; „Кој стои зад капиталот од 66 милиони евра внесен во „Алта банка“; „Профитот на „Алта банка за 4 години пораснал 29 пати“…

Ова се само дел од насловите што периодов осамнаа во дел од српските медиуми, кои редовно ја следат и анализираат работата на најбрзорастечката српска банка – „Алта банка“ на Давор Мацура, која неодамна ја презеде македонската „Стопанска банка – Битола“.

Така, српска „Нова економија“ пишува дека во период од само 3 години, „Алта банка“ претрпела трансформација, која е ретко видена на банкарскиот пазар, така што од мала банка се претворила во „брзорастечка финансиска група со регионални амбиции“.

Сепак, анализата на финансиските извештаи за периодот 2023-2025 година покажале дека зад тој раст стои модел, кој во голема мера е зависен од капиталот на сопствениците, а не од добрите перформанси на банката.

„Клучно е што во 2023 година банката беше отстранета од берзата и стана 100 проценти во сопственост на Алта пеј груп. Во времето на излегување од берзата, банката не беше во проблеми.

Напротив, финансиските резултати покажуваат профит од околу 1,1 милијарди динари. Веќе следната година, банката влегува во фаза на брза експанзија. Приходите растат, а бројот на вработени бргу се зголемува.

Но, тој раст станува скап. Ова јасно се гледа во финансиските извештаи. Иако приходите продолжуваат да растат, профитот почнува да опаѓа во последната година.

Причината е јасна: трошоците растат побргу од приходите. Исто така, оперативниот паричен тек се намалува, што значи дека растот почнува да ги троши ресурсите побргу отколку што ги генерира.

Во 2025 година, бројот на вработени се зголеми за околу 23 проценти, трошоците за плати за 46 проценти, а маржата на профит падна од околу 29 проценти на 21 процент.

Во 2025 година, банката порасна благодарение на рекапитализацијата од околу 7,8 милијарди динари, што ја надминува нејзината годишна добивка многукратно.

Оваа инјекција на капитал сочинуваше околу 4 проценти од вкупните средства на Алта банка минатата година, што значи дека растот не беше само резултат на работењето, туку мораше да се инјектира дополнителен капитал“, пишува „Нова економија“.

ПОТЕКЛО НА КАПИТАЛОТ

Понатаму, српскиот портал наведува дека се забележува намалување на ефикасноста на банката во 2025 година, иако растат на приходите.

Поточно, финансиските податоци покажале профит од околу 1,37 милијарди динари, нето-приход од камати од околу 3,2 милијарди динари и нето-приход од провизии од исто така околу 3,2 милијарди динари, во што, меѓу другото, е вклучено и плаќањето сметки за електрична енергија кон српското електростопанство, кое оди токму преку оваа банка.

„Најважниот заклучок од сите финансиски извештаи не е профитот, туку капиталот. Во периодот 2024-2025 година, има значително зголемување на капиталот на банката преку уплатата на сопственикот.

Се поставува прашањето дали Алта банка станува зависна од финансирање од капитал, и покрај фактот дека добива големи владини зделки што влеваат огромни суми пари во неа?

Во истиот период, Алта банка ги проширува своите операции надвор од Србија, со преземање на Стопанска банка – Битола во Македонија.

Клучното прашање останува кој го финансира растот и најважното прашање што останува отворено не е во билансите на состојба – кој стои зад капиталот што влегува во системот?“, прашува „Нова економија“.

Воедно, во новинарскиот напис се додава: „Финансиските извештаи потврдуваат дека капиталот доаѓа од сопствениците, но не го објаснуваат потеклото на тој капитал.

Со оглед на тоа што знаеме како Давор Мацура го почна својот бизнис, односно како сопственик на мала менувачница што собра доволно пари преку ноќ за да ја пазари Јубмес банка, подоцна преименувана во „Алта“, за аналитичарите и регулаторите токму тоа е фокусната точка…“

Последната анализа на „Банкарски монитор“ ја сместува „Алта банка“ на листата на мали банки со учество во пазарот со под 3 отсто, но истовремено наведува дека станува збор за најбрзорастечка банка во Србија, чија моментална актива изнесува 1,65 милијарди евра.

Па, ако оваа банка во 2022 година имала пазарен удел од еден процент и била на 14-то место, денес има пазарен удел од 2,77 проценти, што ја позиционира на 9-то место според активата.

„Во 2023 година, активата на Алта банка се зголеми за 44,6 проценти, во 2024 година за 52,28 проценти, а во 2025 година за речиси 60 проценти.

Вкупниот раст на активата на оваа банка, во сопственост на Давор Мацура, бизнисмен близок до СНС, кој почна со менувачниците Алта во Алтина, а во 2018 година ја презеде државната банка Јубмес, изнесуваше неверојатни 252 проценти или 3,5 пати, пишува „Данас“.

ВРТОГЛАВ РАСТ

Порано, „Алта банка“ се викала „Јубмес банка“ (Југословенска банка за меѓународна економска соработка), која била основана во 1979 година.

Но, во октомври 2018 година, министерот за финансии Синиша Мали објави дека државата до крајот на годината ќе го продаде својот удел во „Јубмес банка“, чија вредност изнесуваше 25 милиони евра.

Веќе на почетокот на 2019 година, „Алта пеј груп“, во сопственост на Мацура, го купи пакетот државни акции во оваа банка од 28 отсто за околу 5 милиони евра, а со текот на времето стана целосен сопственик на „Алта банка“.

Во следните години, оваа банка привлече внимание откако, условно кажано, се избори преку неа да оди плаќањето на сметки за струја, што е само една од зделките со јавна компонента кои ја бустираат банката.

Имено, вреди да се напомене дека таа профитира и при плаќање на осигурувањето за патиштата, при плаќање за паркирање во белградските јавни гаражи, а нејзини терминали се поставени и на шалтерите во полициските станици.

Според Дејан Шошкиќ, универзитетски професор и поранешен гувернер на Народната банка на Србија, овој вид банкарски бизнис меѓу државниот и приватниот сектор воопшто не е вообичаен.

Оваа и слични нетранспарентни трансакции укажуваат на привилегиран третман во корист на компанијата, како и на нарушување на конкуренцијата – изјавил Шошкиќ за „Време“.

Она што се знае за Мацура е дека е доктор на науки по менаџмент и бизнис, а својата бизнис-кариера ја почнал во 2008 година, отворајќи ја првата менувачница под името „Алта“, за набргу да стане и претседател на Здружението на менувачи на Србија.

Оттука, неговиот прв деловен круг се состои од менувачници, но и златарницата „Алта Голд“, како и голем број помали бизниси поврзани со готовина и циркулација на стоки.

Денес, Мацура директно или посредно, т.е. главно преку „Алта пеј груп“, која важи за негова чадор-компанија, тој поседува безброј компании, меѓу кои е и „АБЛ Солвент“.

Инаку, оваа фирма го купи вредниот имот на поранешната ИМТ  (Индустрија за мотори и трактори) во Нов Белград за 70 милиони евра, со тоа што денешната вредност на имотот се проценува на 250 милиони евра.

МЕТЕОРСКО ОБРАЗОВАНИЕ

Преку „Алта пеј груп“, Мацура се обиде во 2024 година да ги прошири своите операции во ЕУ и да купи речиси 20 проценти од акциите во австриската „Адико банка“.

Меѓутоа, реагираше Европската централна банка, која го суспендираше правото на глас на „Алта пеи груп“ и уште една поврзана фирма, поради сомневање за непочитување на процедурите, нетранспарентно потекло на капиталот и непријавено преземање на контролата. На крајот, оваа операција пропадна.

Арно ама, ако Мацура не успеа да се прошири Австрија, ако не успеа да се прошири ниту во Црна Гора, со оглед дека беше обелоденето оти бил заинтересиран да ја презеде тамошната „Прва Банка“ каде најголем акционер е Ацо Ѓукановиќ, брат на Мило Ѓукановиќ, тогаш тој дефинитивно успеа да се прошири во Македонија.

Како што е познато, српската најбрзорастечка „Алта банка“ ја презеде македонската „Стопанска банка-Битола“ на крајот на 2025 година.

Според Централниот депозитар на хартии од вредност, „Алта банка АД Белград“ моментално поседува над 95 отсто од акциите во некогашната „Стопанска банка – Ад Битола“, која по купопродажбата се ребрендираше во „Алта Банка АД Битола“.

„Со ребрендирањето, АЛТА банка АД Битола станува дел од АЛТА Група – современа финансиска групација со седиште во Белград, која ги обединува банкарските, платежните и инвестициските услуги.

Како регионален лидер, групацијата работи согласно европските вредности и највисоките стандарди, со јасен фокус на иновации, дигитализација и врвен квалитет на услугите.

АЛТА Банка АД Белград е една од најзначајните членки на групацијата, која во 2024 година ја доби наградата за најбрзорастечка банка во Република Србија.

Усогласувањето со нејзините стандарди ќе отвори нови можности за АЛТА банка АД Битола, вклучувајќи развој на иновативни производи, современи дигитални решенија и унапредено клиентско искуство, секако со целосно почитување на домашните финансиски регулативи“, соопштија тогаш од „Алта банка – Битола“.

Кога ќе се земе предвид цела зделка, таа надминува 21 милион евра, со оглед дека купувачот понуди и плати 3.777 денари по акција.

Дотогаш, оваа банка имаше голем број мали и големи акционери, при што меѓу поголемите беа правни и физички лица на или блиски до семејствата Камчеви и Панделески.

Откако своевремено пропадна обидот оваа банка да премине во сопственост на „Комерцијална банка“, сега таа стана дел од системот на „Алта“ на Мацура, кој српските медиуми го портретираат како близок до СНС и српскиот претседател Александар Вучиќ.

„БЛИСКИ НАРОДИ“

Од неговата биографија објавена од „Алта Банка“ преку Македонска берза може да се види дека Мацура дипломирал на Факултетот за економија при универзитетот „Едуконс Сремска Митровица“ во 2014 година, што, ако се има предвид дека е роден во 1981 година, произлегува дека тој дипломирал економија на 33 години.

Набгу потоа, т.е. веќе во 2016 година, тој станал магистер на науки на „Унион-Никола Тесла“  во Белград, додека од 2022 година е доктор на науки по менаџмент и бизнис, бидејќи тогаш докторирал на Универзитетот „МБ“ во Белград.

Кога станува збор за образованието на Мацура, тој стекнал титули на акредитирани образовни установи, но треба да се посочи дека тие не важат на најпрестижни и најреномирани академски центри во Србија, како што се, на пример, државните универзитети во Белград и во Нови Сад.

Како што метеорски стекнува образовно-академски титули, сличен пат имат и неговите бизнис-активности, кои доминантно се во банкарско-финансискиот сектор, чии граници неодамна се проширија и во Македонија преку преземање на „Стопанска банка-Битола“.

А, дека цела аквизија не е само од бизнис природа, туку дека операцијата има и друга димензија, на некој начин потврди самиот тој во интервју за „Блиц“, каде, покрај останатото, изјави:

Влегувањето на пазарот на Северна Македонија за нас претставува многу повеќе од проширување на бизнисот. Тоа е можност да придонесеме кон јакнење на економската соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности и реални потреби.

Уште поважно, ќе отвориме простор за значително подобрување на квалитетот на банкарските услуги, за тие да бидат поблиски до луѓето, подостапни и прилагодени на нивните секојдневни потреби.

Модернизацијата на банкарскиот сектор има директно влијание врз подобрувањето на животниот стандард, поттикнувањето на претприемништвото и одржливиот економски раст.

Пазарот на Северна Македонија има потенцијал, а ние имаме ресурси и искуство за да го поддржиме неговиот понатамошен развој.

Нашите народи се блиски, многу нешта нè поврзуваат, и тоа дополнително нè обврзува да градиме односи засновани на доверба, разбирање и заеднички напредок.

АЛТА банка сака да биде мост што поврзува, не само пазари, туку и луѓе, идеи, знаења и ресурси во служба на економскиот развој…“.

Притоа, тој тврди дека групацијата „Алта“ не се вклучува во политички процеси, туку, како што посочува, нивната улога е да бидет „сигурен партнер на населението и стопанството, независно од политичките околности“.

БАРАЊА ЗА ИСТРАГА

И покрај тоа што Мацура се обидува да се дистанцира од политиката, сепак, дел од медиумите во Србија, како и тамошната опозиција, постојано го доведуваат во корелација со владејачката СНС (Српска напредна странка) и владејачката гарнитура на Вучиќ.

Во тој контекст, БИРН објави дека Мацура, преку компанијата „Даница Парк“, поседувал две парцели земјиште на Дедиње кои преминале во рацете на Никола Петровиќ, кој му е кум на српскиот претседател Вучиќ.

Во меѓувреме, пак, Мариника Тепиќ, потпретседателка на опозициската ССП (Странка на слободта и правдата) на Драган Џилас, го обвини Мацура дека е дел од организирана криминална група, па дури и дека се занимава со перење на пари.

На прес-конференција во српското собранието кон крајот на ланската година, таа посочи дека Мацура бил газда на мала менувачница, а денес поседува банка и гради станови благодарение на, како што рече, поддршката од српскиот претседател Вучиќ и неговиот брат Андреја Вучиќ.

Подемот на Мацура од сопственик на мала менувачница до сопственик на банка, магнат со недвижности и инвеститор, математички е невозможен без еден фактор – браќата Вучиќ, и се укажува на тоа дека тој (Мацура) е само маска за финансиските операции на браќата Вучиќ – рече Тепиќ.

Дополнително, таа додаде дека Мацура ја основал „Алта банка“ со сомнителен капитал.

Кога се обиде да се прошири и во ЕУ и да купи скоро 20 отсто удел во австриската Адико банка, Европската централна банка му го суспендираше правото на глас поради сомнежи за нетранспарентно потекло на капиталот и непријавено преземање на контрола – рече Тепиќ.

Во поткрепа на своите тврдења, таа го спомена и индикативниот факт дека банката на Мацура постигна стратешка соработка со српското електростопанство, врз основа на која ја доби зделката за наплата на сметки за струја, и тоа без тендер.

Исто така, таа посочи и дека Мацура го добил земјиштето на пропадната фабрика ИМТ за цена која била неколкупати пониска од пазарната, така што сега тој на 33 хектари гради згради со 5.000 станови.

Поради сето тоа, Тепиќ побара српското јавно обвинителство да спроведе истрага за работењето на сите фирми на Мацура, имотот на „Алта банка“ да биде блокиран и да се утврди потекло на капиталот.

Досега, такво нешто не е направено, но прашање е дали тоа може да се случи по евентуална промена на власта во Србија, како што впрочем се случи во Македонија по политичките промени во 2017 година, кога се отворија многу истраги и се донесоа низа пресуди, вклучително и за дел од луѓето вклучени во купопродажната зделка за „Стопанската банка-Битола“.

Кој го финансира растот на „Алта банка“ и кој стои зад капиталот што влегува во системот?

Слични вести