Пишува: Денко МАЛЕСКИ
35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија
Македонската држава се подготвува да прослави 35 години независност, разбирам од печатот. Како и во други пригоди претходно, тоа, веројатно, ќе биде серија манифестации, кои ќе обележат еден важен датум од нашата историја. Но, кои се настаните што стојат зад тој датум, како сме стасале до независна држава, е темата на овој серијал во сведоштво од прва рака. Како се формулираше надворешната политика во тие времиња на дисолуција на федерацијата, која потона во свирепи меѓуетнички војни, кои ги предизвикаа споулавените национализми обединети околу идејата за уривање на Југославија. Уривање што предизвика смрт на меѓу сто и двесте илјади луѓе и преку милион истерани од своите домови, во најголемиот, дотогаш, воен конфликт во Европа по Втората светска војна.
ТРЕБА ВРЕМЕ ДА СЕ СМИРАТ ЕМОЦИИТЕ
ЕЗ и Америка, кои со крајот на Студената војна и повлекувањето на руската моќ од Источна Европа назад во своите граници го загубија интересот за сочувување на федерацијата и нејзиниот алтернативен вид на „комунизам“, сепак не сакаа војна. Кога разговорите меѓу претседателите на републиките завршија со неуспех, тие ја организираа Конференцијата за Југославија, проект на ЕЗ поддржан од Америка, која требаше да најде мирно решение за кризата во нашата тогашна држава. Покана да се искачат на таа меѓународна платформа и да ги претставуваат своите народи добија претседателите и министрите за надворешни работи на шесте републики. Тука, низ меѓусебен дијалог, а не како во минатото, кога империјалистичките сили ја одредуваа судбината на балканските и другите народи со решенија мотивирани исклучиво од нивните империјални интереси, требаше да се најде мирно решение за кризата во Југославија.
Свесен сум дека е потребна историска дистанца за да се стаса до вистината за настаните, факт кој ми овозможи овие 35 години да ја сочувам внатрешната рамнотежа и да не реагирам на разно-разни глупости. Како онаа дека одговорниот за надворешната политика, кој ја доведе земјата пред портите на ОН, изјавил: „Независна Македонија, само преку мене мртов.“ Разбирам. Треба време да се смират емоциите, страстите и партиските пропаганди, за некои идни генерации да распознаат што е што. Тоа ќе биде задача на некои други луѓе што ќе можат да го анализираат минатото ослободени од непосредните партиски интереси, кои денес владеат со умовите на Македонците. Тоа секако не ги ослободува учесниците од настаните да ја кажат својата вистина. Напротив. Најважен е токму нивниот прилог во форма на пишан материјал, кој подоцна ќе биде просеан низ ситото на историјата. Во надеж дека многу од ова што го кажувам ќе остане во тоа сито, се навраќам на годините 1991-1993, кога бев министер за надворешни работи на Република Македонија.
БЕЛЕШКИ ОД МИНАТОТО
Безуспешни беа моите обиди да водам дневник во тие години. Едноставно сфатив дека ако на крајот од денот се обидам сета таа трескавична активност да ја проврам низ мислите уште еднаш, ќе ми експлодира мозокот.
Смртта на Југославија, која се распадна во крвави етнички војни и неизвесната судбина на Македонија и на нашите семејства, беа доволно силен стрес за некој што без претходно политичко искуство доброволно се нагрбил да го носи товарот на одлучување во надворешната политика. Згора на тоа, времињата налагаа, јас, по функција, да ја дефинирам надворешната политика на идната независна држава, па ги формулирав ставовите, ги пишував говорите и документите, да одговарам на прашалниците од странство, без некоја посериозна логистичка поддршка од Министерството за надворешни работи. Згора на тоа, давав буквално стотици интервјуа и изјави често и од домашниот телефон во вечерните часови, кога се јавуваа новинари од други континенти.
Покрај интелектуалниот напор, да се биде министер за надворешни работи, во тогашна и денешна Европа, значи и физички напор врзан за многу патувања. Сè уште ја памтам сликата на сомнобулни шефови на дипломатии, како, залегнати во столовите, стегајќи ја устата и издолжувајќи го лицето, се обидуваа да ја скријат проѕевката.
Значи, време да седнам и да ги запишам впечатоците за активностите на денот – немав. Со оглед на тоа што ме чекаше неизвесно утре, мојата главна грижа беше дали ќе имам добар сон за да бидам на ниво на оние министри, кои, барем навидум, добро се носеа со џет-дипломатијата. А, сепак, ако не на крајот од денот, правев белешки во секоја околност во која беше возможно. Пишував на првата хартија што ќе ми паднеше в раце – на хартии со меморандум на меѓународни конференции, на Министерството или на кабинетот на претседателот на републиката, на скинати парчиња од нотеси, на делови од весници, дури и на картон со хотелски информации, кој, во форма на закачалка, висел на кваката од собата во која сум престојувал. Тој куп хартии го врзав во бројни папки и ги ставив на страна кога заврши мојата политичка мисија и станавме членка на ОН и кога се вратив на академската работа. Ги отворив дваесет години подоцна, кога решив со книга да се приклучам на прославата од дваесетгодишнината од независноста.
Еве ме повторно како се навраќам на истите настани 35 години подоцна, во нов обид да ги доближам, овојпат, до генерациите што се родиле во независна Македонија.
(Продолжува)