Зошто Белингам не беше исклучен поради покривање на устата, а Парагваец за слична ситуација доби црвен картон?

by irena 14:09
14:09

Англија е цел на обвинувања за преференцијален судиски третман откако Џуд Белингам си ја покри устата за време на разговор со противничкиот играч Џордан Ају за време на натпреварот против Гана (0:0) на Светското првенство, и не му беше покажан црвен картон за тоа.

Инцидентот се случи на натпревар во Бостон и предизвика гнев кај странските медиуми поради очигледните двојни стандарди, пишува Дејли Меил.

За разлика од Белингам, парагвајскиот напаѓач Мигел Алмирон стана првиот играч исклучен на ова првенство токму поради покривање на устата, и тоа на првиот натпревар против Турција.

Сепак, техничките детали на новото правило, кое беше воведено во април, би можеле да објаснат зошто англискиот играч од средниот ред избегна казна.

Правилото е создадено како одговор на инцидентот во Лигата на шампионите минатата сезона, кога Џанлука Престијани од Бенфика се обиде да ги прикрие навредите упатени кон Винисиус од Реал Мадрид.

Аргентинецот беше обвинет за расизам, што тој го негираше, и беше привремено суспендиран за еден натпревар.

По истрагата на УЕФА, Престиани беше прогласен за виновен за хомофобично однесување и доби суспензија од шест натпревари, од кои три беа суспендирани.

Според ново правило на IFAB, телото одговорно за фудбалските правила, на играчите сè уште им е дозволено да ги покриваат устите за доверливи разговори. Сепак, судијата може да додели црвен картон ако процени дека тоа се случува во „конфронтациска ситуација“.

Токму тоа беше случајот со Алмирон, кој заработи исклучување и суспензија од натпревар по судирот со турскиот играч Мерт Мулдур.

Судијата прво не го виде инцидентот, но Мулдур гестикулираше на потегот на Алмирон, по што ВАР интервенираше и го потврди прекршокот за црвен картон. Од друга страна, ситуацијата со Белингам дојде откако тој избегна жолт картон за туркање на ганскиот дефанзивец, Џером Опоку.

Напаѓачот на Гана, Ају, потоа му се приближи на Белингам, кој одговори со рака на уста. Очигледно е дека Ају не му придал толку значење на тоа како Мулдур, што покажува дека одлуката зависи од проценката на судијата и создава сива зона во примената на правилата.

Слични вести