Завршува учебната, основците и средношколците одат на летен распуст

by irena 08:51
08:51

За основците и средношколците денеска официјално завршува учебната 2025/2026 година, а пред нив следува летен распуст кој ќе трае до 31 август.

Наставата за повеќе од 14.500 матуранти заврши уште на 15 мај. Утре, на 11 јуни, учениците кои се пријавени за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик – македонски, албански, турски или српски јазик. Кандидатите за државна стручна и државна уметничка матура испитот ќе го полагаат на 12 јуни. Изборниот екстерен предмет беше полаган на 6 јуни.

Според податоците, од вкупно 14.587 пријавени кандидати, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 ученици се пријавени за државна уметничка матура.

Во меѓувреме, полуматурантите се подготвуваат за упис во средните училишта. Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk, со најава преку корисничките сметки на schools.mk, по што кандидатите ќе треба да ја достават потребната документација во училиштата каде што конкурираат.

Во јунскиот уписен рок се предвидени две електронски пријавувања – првото од 12 до 15 јуни, а второто на 23 јуни. Во августовскиот рок ќе има едно пријавување, на 20 август.

Согласно конкурсот на Министерството за образование и наука, во 109 јавни средни училишта се достапни повеќе од 25.000 слободни места. Над 17.000 од нив се во стручното образование, речиси 6.000 во гимназиското образование, додека околу 570 места се предвидени за уметничките училишта.

Слични вести