ТРИ ГЕНЕРАЦИИ, ЕДЕН ЖИВОТЕН ЗАВЕТ И ЧЕКОР КОН ИДНИНАТА

by irena 13:40
13:40

Има нешто специфично во прилепскиот деловен менталитет што не трпи импровизации. Онаму каде што индустриската транзиција „изеде“ многу стопански капацитети, еден бренд не само што продолжува да ниже успеси, туку стана синоним за македонскиот идентитет. Годинава, ПИ „Витаминка“ АД Прилеп заокружи точно 70 години постоење. Свечениот настан, кој ја собра елитата на домашниот бизнис, беше лекција по деловен континуитет – категорија што толку често ни недостига на домашната сцена.

Додека на видео-бимовите се прелеваа филмувани кадри и изјави, јасно се гледаше трансформацијата: од скромна локална фабрика за мелен црвен пипер во 1956 година, до денешниот автоматизиран систем кој диктира темпо на пазарот. Но, историскиот осврт беше само мал сегмент од одбележувањето на овој голем јубилеј. „Витаминка“ покажа дека не го чека европскиот воз, туку го управува, промовирајќи го својот прв ESG извештај за одржливо работење, со што стана пионер во воведувањето на овие стандарди помеѓу прехранбените индустрии кај нас.

 

Свеченоста на ниво на Академија јасно ја покажа синергијата во компанијата. Во своите обраќања, Генералниот извршен директор, Сашо Наумоски, и Оперативниот директор, Илија Наумоски, потенцираа дека спојот на повеќедецениското деловно искуство и амбицијата на новите генерации е погонот што ја движи компанијата напред. „Витаминка“ е индустриски столб, но во суштината, таа останува деловно семејство и дом изграден од луѓе кои продолжуваат да ги негуваат и пренесуваат основните вредности и постулати на компанијата од генерација на генерација.

Кулминацијата на вечерта, која предизвика стоечки овации, беше резервирана за Признанието за животен успех, доделено на Претседателот на Одборот на директори, г-дин Симон Наумоски.

 

Признанија за исклучителна деловна соработка беа доделени и на компаниите кои со децении, дел од нив уште од осамостојувањето на државата, будно го следат и го поддржуваат развојот на „Витаминка“: „Бадев“ д.о.о.е.л., „Веропулос“ д.о.о.е.л., „Даути – Комерц“ А.Д., „Дием – ГП“ д.о.о., ДПТУ „Жито“ д.о.о.е.л., „Кам“ д.о.о., „Киппер Маркет“ д.о.о., „Макропром“ д.о.о., „Рамсторе Македонија“ д.о.о., „Стокомак“ д.о.о., „Тинекс-МТ“ д.о.о.е.л., „Футура“ д.о.о. и Шпар Северна Македонија. Покрај домашните компании, со Признание за трајно партнерство се закити и „Витаминка Трејд“, долгогодишен стратешки партнер и пријател на „Витаминка“. Воедно, на свечениот настан беше доделено и Признание за деловна соработка со институциите на Претседателот на најстарата и најбројна бизнис асоцијација во земјава, Стопанската комора на Северна Македонија, г-дин Бранко Азески.

Во македонската економија, ваквиот 70-годишен континуитет е редок и скапоцен пример кој докажува дека со јасна визија и чесни темели, македонскиот производ може и го освојува светот. А во зборовите на менаџментот на „Витаминка“ – најдоброто допрва доаѓа!

Слични вести