Поплава го парализира Сплит, силна бура и во Србија

by irena 22:41
22:41

Силно невреме проследено со пороен дожд и грмотевици погоди делови од Србија, предизвикувајќи поплавени улици и отежнат сообраќај. Најкритична беше состојбата во Лозница, каде што за само неколку минути големи количини вода ги претворија улиците во реки, објавија локалните медиуми.

Според метеоролошките прогнози, бурата која претходно се движеше над Словенија и Босна и Херцеговина попладнето пристигна во Србија. Пороен дожд и темни облаци го зафатија и Белград, додека западните делови од земјата беа најсилно погодени од невремето.

Граѓаните на социјалните мрежи споделуваа снимки и фотографии од последиците, опишувајќи дека за кратко време наврнале огромни количини дожд.

„Одеднаш се стемни и како некој да истура вода од ракав. Поројниот дожд траеше околу 15 минути, но беше доволен да предизвика сериозни проблеми на градските улици“, наведуваат очевидци.

Во меѓувреме, екстремните временски услови го погодија и хрватскиот град Сплит, каде што за многу краток период наврнаа рекордни количества дожд. Од метеоролошкото здружение „Крометео“ ја опишаа ситуацијата како „епска поплава на Сплит“, истакнувајќи дека во делови од градот за еден ден наврнале повеќе врнежи отколку што е просекот за целиот месец јуни.

Само еден час подоцна, од здружението соопштија дека количината на врнежи се приближува до двојно поголема од вообичаената месечна норма за јуни, со речиси 100 литри дожд на квадратен метар.

Метеоролозите предупредуваат дека нестабилното време ќе продолжи и во наредниот период, со можност за нови поројни дождови, силен ветер и локални поплави во делови од регионот.

Слични вести