Чучуљ: Сè уште не се прави јасна разлика меѓу законското лобирање и недозволеното влијание

by irena 13:06
13:06

Прв регистриран лобист, покрај трите лоби-организации и петте застапници на лоби-организации кои претходно биле регистрирани, бил забележан веднаш по завршувањето на тринеделната кампања, спроведена од Државната комисија за спречување на корупцијата во соработка со ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.

Главна цел на кампањата е да се подигне свеста за лобирањето, бидејќи, како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ иако Законот за лобирање е донесен пред неколку години, во практика не е доволно применуван.

Кампањата ДКСК во соработка со ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, ја спровела во период од 7 до 28 април, а како дел од неа била спроведена сеопфатна стратегија за дигитален досег, која комбинирала промоција преку социјалните медиуми на платформите на „Мета“ и рекламно прикажување преку Гугл дисплеј нетворк.

Целта на оваа кампања, истакна Чучуљ, не била само да се информира јавноста за Законот за лобирање, туку и да се отвори поширока дискусија за тоа како да се изгради транспарентен, отчетен и кредибилен систем за лобирање кој ќе биде во функција на јавниот интерес.

Во тринеделниот период, колку што траела кампањата, пораката што ја испратиле допрела до широка публика во целата држава. На платформите на „Мета“ кампањата стигнала до 717.000 лица, генерирајќи повеќе од 3,3 милиони импресии и над 71.000 интеракции. Истовремено, кампањата преку Гугл дисплеј нетворк обезбедила повеќе од еден милион дополнителни импресии и генерирала 1.282 клика на нејзините содржини.

Кампањата постигнала висока видливост на територијата на целата држава, со најголем досег во Скопје, по што следуваат Охрид, Тетово, Куманово, Прилеп, Битола, Штип и Велес. Профилот на публиката бил избалансиран, со нешто поголема вклученост на мажите, додека кампањата успешно допрела до различни возрасни групи, вклучително и помладата публика преку социјалните медиуми, како и повозрасните граѓани преку рекламното прикажување.

-Овие резултати покажуваат дека регулираното лобирање и транспарентноста имаат одек кај јавноста. Комбинацијата од голем досег, повторливо прикажување на пораките и висока вклученост ни овозможи ефективно да ја претставиме темата пред граѓаните, да ја подигнеме свеста за важноста на транспарентното лобирање и да го поттикнеме интересот на јавноста за тековниот реформски процес. Генерално, дигиталната кампања обезбеди цврсти темели за идните напори насочени кон промовирање на транспарентноста, отчетноста и јавното разбирање на регулираното лобирање во Република Северна Македонија – истакна Чучуљ.

Слични вести