Лекари, без лиценци за мртвопроверител, проверуваат дали некој починал од насилна или од природна смрт

Морничавата приказна за осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане отвори сериозни прашања за постапувањето на надлежните служби на терен, а е поврзано со лекарите, кои кај дел од жртвите констатирале природна, а не процениле дека се работи за насилна смрт. Од тука се отвораат многу прашања, непознати за јавноста, а тоа е што, всушност, значи самиот збор - мртвопроверител, која е неговата улога во случај кога ќе настапи смртта, колку такви доктори има во земјава и дали имаат лиценци за работата што ја извршуваат?

by irena 11:48
11:48

Текстот е објавен на 21 мај, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1598

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Новите детали од пред десетина дена, за случајот во кумановско Старо Нагоричане, повторно ја отворија една од најморничавите теми во Македонија – сериските убијци. Осомничениот, 25-годишниот Т.Б. првично беше поврзан само со едно убиство, за сега ситуацијата ескалира и стана уште поалармантна, па на грб му се товарат четири убиства и два обиди за убиство.

Истрагата уште проверува дали зад сите напади стои истиот сторител и дали е идентичен моделот на напад и избор на жртви, кои доаѓале од руралните средини.

Според досегашните информации, две од убиствата се извршени на почетокот на годината, додека за другите за кои сè уште се проверува, се од пред една година, поточно од 2025 година. Ова е прв ваков случај во историјата на Македонија, на сериски убиец, со елементи на фемицид.

Целата оваа морничава приказна, која е страшна, сама по себе отвори сериозни прашања за постапувањето на надлежните служби на терен, а е поврзано со лекарите, кои кај дел од жртвите констатирале природна, а не процениле дека се работи за насилна смрт.

Кој треба да сноси вина и одговорност за таквата одлука? Дали воопшто лекарите се виновни или има некоја друга заднина? Каде е тука полицијата, која таа вечер била на терен? Многу прашања, малку одговори.

Додека целиот случај се тркала по обвинителските ходници, па како се расплеткува, сè повеќе се заплеткува, така на 9 март годинава,  обвинителството на распит го повикале лекарот, кој првично констатирал природна смрт кај една од жртвите, 35-годишната Марија Маринковска. Овој лекар бил ангажиран како замена за друг доктор во моментот кога било пронајдено телото на жртвата.

Имено, иако лекарскиот тим потпишал дека нема траги на насилство, сепак, според нашите информации, една од докторките изразила сомнежи дека станува збор за насилна смрт. Откако по барање на обвинителството била извршена есхумација на телото, обдукционите наоди потврдиле дека се работи за убиство.

Тука уште повеќе почнува да се заплеткува приказната, па пред само една недела, кривични пријави за „несовесно вршење во службата“ заработија и двајцата лекари, познати како мртвопроверители од кумановската Општа болница, кои не утврдиле насилна смрт кај две од жртвите на осомничениот сериски убиец, кои потоа биле погребани како да починале од природна смрт.

Од тука се отвораат многу прашања, непознати за јавноста, а тоа е што, всушност, значи самиот збор – мртвопроверител, која е неговата улога во случај кога ќе настапи смрт, колку такви доктори има во земјава и дали имаат лиценци за работата што ја извршуваат?

Сè на сè, тие ја имаат клучната одлука за да пресечат – дали некоја смрт е природна или насилна, со што на грб им се става тежок товар, кој понекогаш може да биде фатален за нивната работа, а уште пофатален удар и шок за семејството на жртвата!

ШТО Е МРТВОПРОВЕРИТЕЛ?

Но, тоа не е единствен случај, каде што се споменува улогата на лекарите – мртвопроверители, збор кој не така често се користи, па од тие причини и не ѝ е познат на македонската јавност.

Пред точно четири години, во струмичко Ново Село беше пронајдено мртво тело на 25-годишно момче, за што постоеја сомнежи дека станува збор за убиство.

Тогаш со жестока реакција излегоа од Институтот за судска медицина, тврдејќи дека лекарот и мртвопроверителот, кои биле на самото место немале основни познавања и дека донеле преран заклучок дека настапила насилна смрт.

Тука настана и кавгата, а обвинителство даде наредба, покрај првичната обдукција, да се направи и реобдукција на телото, со што предизвикаа дополнителен револт во Судска медицина.

И двајцата не се едуцирани, ниту, пак, имаат знаење да толкуваат повреди и промени, особено кога се работи за тело кај кое постојат развиени гнилежни промени.

Причината наведена во наредбата за реобдукција (неутврдена причина за смрт веднаш по завршување на обдукцијата) покажува дека ОЈО и колегите што го прегледале телото, немаат елементарни познавања од судска медицина, познавања што треба да ги има секој обвинител за да може да работи на случаи од ваков тип и познавања што треба да ги има секој лекар за да може да изврши преглед на мртво тело.

Особено не ни е јасно како може истата вечер да излезат информации во јавноста дека се работи за убиство пред воопшто да биде почната обдукцијата, тврдеа тогаш од Институтот.

Според овој пример, може да се заклучи дека постојат разни случаи, но тоа не значи дека вината секогаш треба да се става на товар на лекарите-мртвопроверители, па затоа многу важно е да објасниме – што е точно нивна улога?

Тоа што е најважно во целата приказна е дека тие мора да бидат обучени и професионално да си ја вршат работата, бидејќи само една грешка може да биде фатална, поточно да не се открие воопшто или да се забошоти убиство, што е страшно само по себе.

Мртвопроверител е лекар, кој врши службен преглед на сите починати лица, надвор од болнички услови, ја утврдува смртта и издава без понатамошна судска постапка, документ познат како умреница. Во случај, кога не е сигурен за причините за смртта (насилство, труење) го испраќа телото на обдукција и со помош на соработници спроведува истрага за причините за смртта.

Според Законот, ниту еден починат, односно мртвороден не смее да се погреба сè додека не се изврши преглед и не се утврди причината за смртта. Нив ги именуваат единиците на локалната самоуправа, односно градовите и општините.

Според Законот за здравствена заштита, во секој град мора да има мртвопроверителна служба, а докторот што го лекувал пациентот, не смее и да издаде посмртница дека лицето починало. Тие најчесто се во склоп на Брза помош, која работи 24 часа. Како и сè во Македонија и нивната бројка е мала, па нема доволно на терен во градовите, кои треба да утврдат дали нечија смрт што настапила е природна или насилна.

Дел од мртвопроверителите се вистински експерти во својата работа, но очигледно постојат и некои што попатно ги учеле работите.

НЕМА ЛИЦЕНЦИРАН МРТВОПРОВЕРИТЕЛ

„Фокус“, на оваа тема, поразговара и со доктор Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина, кој во детали ни објасни што значи мртвопроверителската служба и која е нивната задача?

Според него, тоа се здравствени работници вработени во јавното здравство, кои, според правилникот, минимум треба да бидат двајца, поточно се избираат според бројот на жители во еден град.

Досега имаше три едукации за мртвопроверители и тоа на Судска медицина, Патологија и Епидемиологија. Првата беше во 2018 година, потоа во 2019 и сè застана кога почна ковид-пандемијата. Тие сами се пријавуваат и за тоа добиваат одреден финансиски надоместок. Најчесто, тоа се луѓе што работеле во Брза помош“, објаснува доктор Станков во изјава за „Фокус“.

Тој додава дека последната обука се одржала во 2022 година и тука завршило сè.

Значи, нив ги вика обвинител кога оди на увид за да се констатира смрт и дали таа е природна или насилна и врз основа на тоа се издава посмртница. Досега на обуките беа околу 80 луѓе, ама како што сум запознаен, сè уште немаат полагано тест и немаат земено лиценци. Македонија нема лиценциран мртвопроверител, додека сите земји во околината имаат таква служба.

Вообичаено, за оваа задача се ангажираат лекари од Брза помош, но не секој лекар сака континуирано да соработува со полицијата и обвинителството при преглед на починати лица“, вели Станков.

Доктор Алексеј Дума, пак, поранешен директор на Институтот за судска медицина и експерт во областа, вели дека во цел свет увид за постапките и начинот на работа е пропишан од Комисијата за форензика на Европската Унија.

Таму е точно пропишано што треба да се прави, опишани се сите потребни документи, вештачења… поточно постојат точни прописи. На пример, лекарско уверение не може да биде вештачење. Мора точно да се знае како се врши работата, за да не се пропушти нешто или, пак, да се направи некаква грешка“, тврди доктор Дума, во изјава за „Фокус“.

Според него, посебно специфични случаи се луѓето што починале надвор од болнички услови.

Тоа значи дека може да починале дома, во кино, надвор, сè што не е болница. Нивната смрт мора посебно да се испита и да се открие дали станува збор за насилна или природна смрт.

Ако нема точно информации и докази за нивната смрт, во тој случај се алармираат и се организираат истражните органи за случајот дополнително да се испита. И за тоа им се потребни луѓе, експерти во таа област, кои можат да препознаат дали една смрт е природна или насилна, а под насилна може да бидат и труење, хемиски повреди“, објаснува доктор Дума.

Па, така се формира мртвопроверителната служба во секој град.

И тоа е постапка пропишана по меѓународни стандарди и мора да се знае како во таков случај да се постапува. Мора телото да се соблече и да се прегледа цело од главата надолу и да се формира мислење. Мртвопроверителите мора да направат детален преглед и на документ да го опишат и нормалното.

Се опишува сè во детали, тетоважи, модринки… Значи, тој што го работи тоа, мора да е добро обучен, да препознае мртовечка дамка. На пример, ако отидеш и видиш дека цело тело има модринки, тоа не значи дека тоа се модринки, туку мртовечки дамки, за да не се прават дополнителни трошоци. Многу важно е да се добро едуцирани бидејќи е страшно ако се направи само една мала грешка“, тврди за „Фокус“, доктор Дума.

Рамка1:

 Александар Станков:

НЕ СЕ ВИНОВНИ САМО ЛЕКАРИТЕ

Со актуелниот директор на Судска медицина, доктор Александар Станков поразговаравме и на темата за случајот со осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане, кој досега извршил 4 убиства и имал и два обида за ликвидација на уште две жени.

Во целата оваа страшна приказна, од кривични пријави не куртулија и лекарите, кои биле на самото место при извршувањето увид и констатирале дека се работи за природна смрт, што сега се докажа целосно спротивно.

За случајот во Кумановско, вината не е само во лекарите. Таму влијаеле повеќе фактори. Се вршело увид среде ноќ, под потешки услови. Сега има кривична пријава за лекарите, кои не се посомневале дека се работи за насилна смрт, а каде е тука полицијата. Зошто, па тие не се посомневале. Нели биле таму“, тврди доктор Станков.

 Рамка2:

 Алексеј Дума:

НЕ МОЖЕ СЕКОЈ АМАТЕР ДА ГО РАБОТИ ТОА

Доктор Алексај Дума тврди дека лекарите што ќе одлучат да работат како мртвопроверители, мора сериозно да си ја сфатат работата, за да не се прават страшни грешки.

Курсевите што ги посетуваа сè мошне сериозни, влегуваа во сала, сакам да кажам дека многу се посвети на тоа да бидат обучени како што треба. Тоа е стандардна обука за цела Европа. Имаа обуки во 2018, 2019 година и потоа со ковид-пандемијата се стопираше сè. И тој испит што требаше да се полага, мораше да го положат. Не може секој аматер да го работи тоа“, вели доктор Дума.

 

 

Слични вести