СДСМ се повлекува од Комисијата за финансирање: „Нема да бидеме дел од брутално задолжување“

by irena 12:53
12:53

Комисијата за финансирање и буџет во законодавниот дом денеска на продолжението на 64. седница го разгледува Предлог-законот за задолжување на земјава со заем од меѓународни финансиски институции во износ до 260 милиони евра, наменет за буџетски потреби, капитални расходи и рефинансирање на обврски.

Како што информираше претседавачот на седницата, Бојан Стојановски, продолжението е свикано согласно Деловникот и дека Комисијата има кворум за работа и одлучување и покрај тоа што пратениците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не учествуваат на денешната расправа.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во образложението истакна дека станува збор за задолжување од меѓународни кредитори, предвидено согласно Буџетот за 2026 година. Појасни дека Министерството за финансии, по одлука на Владата од 10 февруари 2026 година, имало задача да обезбеди средства до 300 милиони евра, при што по спроведена постапка, Јанкуловски рече е избрана најповолна понуда.

Според него, заемот ќе се повлече во една транша, со рок на отплата од седум години, грејс-период од три години и варијабилна каматна стапка составена од шестмесечен еурибор зголемен за 2,1 процент.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче рече дека СДСМ ќе се повлече од комисијата и дека нема да учествува во „бруталното задолжување на државата за криминални тендери.

„Секојдневно гледаме како владата на Христијан Мицкоски ја турка земјата во должничко ропство. Последниот предлог е да се земат 300 милиони евра од банки, но банките на Владата не ѝ ги дозволија, што укажува на веќе постоечки сомнежи во нашиот кредитен рејтинг. Имено, конзорциум на банки дозволи кредит од само 260 милиони евра, со ужасно голема каматна стапка од близу 4,5%. Нашата пратеничка група нема да учествува во ова брутално, секојдневно задолжување на земјата за огромни суми, стотици милиони евра, милијарди евра пари, кои не одат никаде, освен строго контролирано во партиските фирми преку тендерските постапки. Ние нема да учествуваме во комисиската расправа на оваа тема и целосно се повлекуваме од неа“, изјави Филипче и додаде дека СДСМ ќе поднесе интерпелација за претседателот Африм Гаши затоа што закажал состанок на Комисијата за финансирање и буџет иако претседателката Сања Лукаревска.

Слични вести