Празнината по заминувањето на Фатмир Лимани, ВЛЕН ќе ја пополнува со Шкодран Алили

Адвокатот Шкодран Алили, кој на последните локални избори беше независен кандидат за градоначалник на Кичево, присуствуваше на вчерашниот Конгрес за трансформација на коалицијата ВЛЕН во единствена политичка партија, во чии редови немаше место за се уште актуелниот министер Фатмир Лимани.

by vlatko 19:14
19:14

Независниот кандидат за градоначалник на Кичево на ланските локални избори, адвокатот Шкодран Алили, присуствуваше на вчерашниот Конгрес за обединување на ВЛЕН, на кој за копретседатели на новата партија беа избрани Изет Меџити и Биљал Касами.

Како што забележаа дел од медиумите на албански јазик, Алили пристигна во Филхармонија и постојано беше во друштво на пратеникот на ВЛЕН Аднан Азизи, кој пред обединувањето на ВЛЕН беше дел од Беса на Касами.

Имено, „Тетова Сот“ објави дека токму вчера, на денот на одржување на конгресот за трансформација на коалицијата ВЛЕН во единствена политичка партија, Алили се приклучил кон ВЛЕН.

Според „Ина“, пак, овој развој на настаните претставува важен потег на локалната политичка сцена, бидејќи Алили го изградил својот политички профил надвор од традиционалните партии.

„Се очекува неговото вклучување во ВЛЕН да ја зајакне коалицијата во Кичево и да донесе нова политичка конфигурација пред претстојните изборни процеси во Кичево“, пишува порталот.

Инаку, јавното поврзување на Алили со ВЛЕН се случува во период кога оваа коалиција, т.е. партија целосно се разиде со се уште актулниот министер за социјала, демографија и млади Фатмир Лимани, кој исто така доаѓа од Кичево, каде традиционално силен е ДУИ поради локалното влијание на партискиот лидер Али Ахмети.

За потсетување, Лимани е роднина на Ахмети, но долги години изразуваше незадоволство и упатуваше критики и обвинувања кон него и кон партијата, како и кон долгогодишниот градоначалник на Кичево од ДУИ Фатмир Дехари, кој по политичките промени заработи повеќе кривични пријави.

Во такви услови, Лимани на локалните избори во 2021 година се кандидираше за градоначалник на Кичево како независен кандидат и освои респектабилен број на гласови, по што стана потпретседател на тогаш опозициската БЕСА.

Кога оваа партија се здружи со Демократското движење, Алтернатива и други партии и групации во ВЛЕН, Лимани автоматски стана дел и од ВЛЕН, која по последните парламентарни избори стана дел и од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во рамки на оваа Влада, Лимани беше избран за министер, ама набргу дојде до конфликт меѓу него, сопартијците и лидерот Касами, кој отворено побара негова смена од министерската функција.

Иако првично премиерот Христијан Мицкоски му изразуваше доверба и му даваше поддршка на Лимани, посочувајќи дека тој е додадена вредност во Владата (двајцата своевремено беа дел од менаџментот на АД ЕСМ), последно порача дека тој е внатрешна работа на ВЛЕН.

Тоа ќе треба да го прашате раководството на ВЛЕН, кое претпоставувам и понатаму ќе биде дел од Владата и наш стратешки партнер  – рече Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали Лимани ќе биде опфатен со претстојната реконструкција.

Пред само неколку дена, Лимани и Мицкоски заедно се појавија на настан поврзан со демографијата, при што двајцата срдечно се поздравија, така што може да се претпостави дека ако Лимани се врати или доближи до ДУИ, тој ќе стане силен лобист за обновување на некогашното партнерство меѓу ВМРО и ДУИ.

Дека има затоплување на односите меѓу Лимани и Ахмети, потврди нивното заедничко присуство на ифтарска вечер во Тирана во организација на албанскиот премиер Еди Рама, кој, за потсетување, имаше клучна улога во преминувањето на Арбен Таравари од ВЛЕН во коалицијата на ДУИ.

Додека некои се обидуваат да создадат вештачки дилеми од фотографија од ифтар, јас се соочувам со друга реалност: отворен и исклучив напад врз мене, токму од оние со кои заедно изградивме политички проект – рече тогаш Лимани.

Претходно, во изјава за „Фокус“ тој упати порака до, како што рече, индивидуалци од раководството на ВЛЕН дека ако почнат „игри со лактови“ ќе ги снајде полоша судбина од онаа на ДУИ.

Не би сакал индивидуалци кои се дел од раководството на ВЛЕН да почнат игри со лактови, бидејќи ќе ги снајде полошо од ДУИ, во времето кога почнаа да се самобендисуваат. Јас не сум за да и се врати насмевката на сегашната опозиција, но ако некој го посакува тоа, тогаш и ќе се постигне – ни изјави неодамна Лимани.

Во меѓувреме, се расчисти ситуацијата дека тој дефинитивно се разидува со ВЛЕН, како што самиот потврди деновиве, барајќи предвремени парламентарни избори.

Сепак, тој не одговори на нашето прашање како ќе настапува во иднина, односно дали ќе формира нова партија или ќе се приклучи кон ДУИ, каде, покрај останатото, му се отвора простор и по дискредитацијата на Дехари?

Со оглед дека освојуваше по неколку илјади гласови во Кичево на последните два изборни циклуси, прво како независен кандидат и лани како кандидат на ВЛЕН, неговото заминување неминовно ќе отвори празнина во ВЛЕН пред се во Кичево, која албанската владејачка коалиција очигледно ќе се обиде да ја пополни со Алили.

Сега е моментот да им се даде простор на младите за да покажеме што знаеме и што можеме да изградиме – изјави тој за време на изборната кампања, кога побара поддршка и од ДУИ и од ВЛЕН, а во една прилика порача дека сите албански кандидати имаат само еден противник – кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначалник Александар Јовановски.

Покрај Лимани, од ВЛЕН отпадна и вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој веќе извесно време не се појавува на работа во Владата, но, како што порачаа Мицкоски и Меџити, можно е тој да стане специјален пратеник во Брисел.

Лимани за „Фокус“: Ако индивидуалци од врвот на ВЛЕН почнат игри со лактови, ќе ги снајде полошо од ДУИ!

Влатко Стојановски

Слични вести