Одбраната во случајот „Пулс“ ќе инсистира доказите, 2.260 на број, да се читаат од а до ш – судењето ќе трае со години, тврди Шилегов

by valentina 10:05
10:05

Адвокатот Петре Шилегов, во интервју за неделникот „Фокус“, вели дека не очекува правда за случајот со кочанската трагедија, во која загинаа 63 деца, а над 230 беа повредени. Тој истакнува дека првостепена пресуда би имало дури за пет години, а второстепена за неверојатни седум години. Според него, поголемиот дел обвинети немаат никаква вина за катастрофалната трагедија.

Долготрајноста на судењето, пак, тој ја пресметува преку обемноста на доказите, за кои, како што наговестува, одбраната ќе инсистира да се читаат буквално од а до ш, односно во целост.

-Откако ќе завршиме со сведоците на обвинителството, ќе почнеме со читање на материјалните докази. Обвинителството има доставено 1.400 докази. Законот за кривична постапка е прецизен и вели дека тие се читаат. Еве, 15 да читаме на рочиште, тоа значи дека би можеле да прочитаме по 100 месечно. Тоа значи дека цели 14 месеци само ќе читаме докази. Потоа следуваат сведоците на одбраната, кои се околу 250 до 300. Ако сослушуваме по четворица на рочиште, физички е невозможно да се сослушаат повеќе, тогаш доаѓаме до бројка од 20 месеци, а потоа ќе треба да се изведат уште 860 материјални докази на одбраната. Попатно треба да сослушаме и уште околу 20 вештаци. И кога ќе ги соберете сите овие дејствија што треба да се преземат, тоа значи дека ќе дојдеме до временски интервал од 5-6 години за добивање првостепена пресуда, а потоа жалбената постапка.
За жал, ова ништо не мораше да биде вака, ако обвинението прво беше правно издржано, второ, не беше опфатен толкав спектар на луѓе, кои немаат допирна точка со самиот пожар, а се обвинети дека го предизвикале пожарот. Така што, фактички, поради ваквото обвинение, кое јас не знам од кои причини некој го има направено како кукавичко јајце во македонското правосудство, ние нема шанси да дојдеме до брза завршница и дефинитивно нема да дојдеме до правда, вели Шилегов во интервјуто за „Фокус“.

ФОКУС: Ако немате намера да одолжувате, зошто ќе инсистирате да се читаат доказите, од а до ш, бидејќи самиот закон предвидува да се читаат само насловите и целата процедура може да помине многу брзо? Вие секако ги имате доказите пред вас.

ШИЛЕГОВ: Законот за парнична постапка зборува за изведување докази, а Законот за кривична постапка за читање на доказите. Според ЗКП, мора да биде прочитана целата содржина, затоа што не знаете на што се однесува и на кого се однесува.

ФОКУС: Но, според судската пракса на повисоките судови, дозволено е да се читаат само насловите.

ШИЛЕГОВ: Не може да помине само со наслов. Теоретски ако зборуваме, судот ги нема доказите. Судот треба да се запознае со доказите. Во читањето, во интерпретирањето на материјалните докази, одбраната може да има свои контрааргументи.

ФОКУС: Оваа пракса, да се инсистира на читање на доказите во целост, се создаде за време на предметите на СЈО, и тогаш адвокатите ја користеа за одолжување на судењата. Тогаш, но и во другите случаи, праксата на Апелација покажува дека кусото презентирање на доказите не се смета за грешка во постапката.

ШИЛЕГОВ: Повисоките судови не се тие што судат во прв степен и тие судат на целосно презентирана доказна постапка.

ФОКУС: Да, но не го сметаат ова за пропуст, не паѓаат пресуди на оваа околност. Токму затоа и во новиот ЗКП е прецизирано да се врши идентификација на доказите, за да се избегне ваквото различно толкување.

ШИЛЕГОВ: Да, но не работиме по новиот ЗКП. Не може на правото на одбрана на еден човек, кој сѐ уште е невин, да се припишува дека наводно „злоупотребува“ она што законот му дозволува да го употреби за да ја задржи својата невиност. Ние, како општество, направивме сериозни грешки затоа што ние мислиме дека треба да ја докажеш невиноста, а тоа не е така, зошто се докажува вината. Апсолутно имаме право како бранители, како луѓе, еве ставете се во истата ситуација.

Разговараше
Валентина ВУРМО

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Слични вести