Поради емитуваната песна за „Голема Албанија“, најверојатно „ќе летне главата“ на уредникот на МТВ 2

by irena 12:23
12:23

Ќе им одговорност за уредничката на вториот телевизиски канал на јавниот сервис поради скандалот со емитуваната песна од детски фестивал со која се воспева „Голема Албанија“. Одговорниот уредник на МТВ2 Мерита Гаши најверојатно ќе биде разрешена од функцијата ,  дознава неофицијално „Фокус“ од извори од МРТ. Ова се очекува да биде епилогот од случајот, откако денеска Програмскиот совет на јавниот сервис го задолжи генералниот директор Марјан Цветковски да отвори дисциплинска постапка преку која ќе се истражи и утврди кој дозволил спорната песна да се емитува и со тоа ги прекршил законските одредби.

„Постапката треба да покаже кај кого е одговорноста и тој да ги сноси последиците, но истовремено укажавме и дека е потребно да се зајакнат механизмите за надзор на се што се емитува преку етерот на МРТ за во иднина да не се случуваат вакви и какви било прекршувања“, изјави за „Фокус“ претседателот на Програмскиот совет Давор Пашоски. Случајот сега преминува во рацете на првиот човек на МРТ Цветковски  кој преку законските овластувања што му следуваат треба да лоцира конкретна одговорност за ваквиот тежок пропуст. Во телефонски разговор за „Фокус“, поради тежината на законското прекршување тој не ја исклучи можноста од разрешување на уредничката Гаши, без оглед што, според информациите, таа веќе подолго време се наоѓа на боледување.

Да потсетиме, спорната песна за „Голема Албанија“ беше емитувана во саботата на 28.03 на програмата на МТВ 2 и предизвика бурни реакции во јавноста. Во рамките на детска фестивалска програма , беше прикажан настап на 13-годишно девојче кое ја изведе песната „Trojet shqiptare“. Содржината на песната и симболите (мапа на „Голема Албанија“) употребени за време на изведбата предизвикаа бурни реакции во јавноста. Според стиховите од песната, отворено се пееше за територијални претензии и кон Македонија, и кон Грција, кон Србија, кон Црна Гора… „Летај, летај, Албанијо, летај, знамето наше се издигнува над земјата“, „ќе дојде ден кога сите ќе бидеме заедно, зашто сме еден народ, еден сон, една цел“…, беа дел од стиховите со јасна порака за обединување на албанските територии.

Поради тоа и АВМУ направи вонреден надзор со кој е утврдено дека Македонската радио-телевизија, односно Вториот програмски сервис МРТ2, го прекршил член 48 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, откако во својата програма емитувал содржина што поттикнува етничка нетрпеливост. Надзорот бил спроведен по службена должност и се однесувал на емитување од 28 март, во рамки на музичката програма „Билбилите на Кораб“. Со кој се констатира дека уредничкиот тим на МРТ 2 треба да понесе одговорност.

„Надзорот покажа дека спротивно на член 48 став 2 од ЗААВМУ, емитуваната содржина на МРТ2, во рамки на музичката програма „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност преку иредентистички симболи и експлицитни политички пораки за промовирање на моноетнички, иредентистички „аманет“ за обединување на територии“ – се вели во заклучокот на Извештајот на ААВМУ.

Во извештајот уште се наведува и дека прекршувањето се однесува на законската забрана за емитување содржини што поттикнуваат дискриминација, омраза или нетрпеливост врз етничка и национална основа. Оценката е дека прикажаната програма не останала во рамките на уметнички израз, туку содржела јасни политички пораки со иредентистички карактер.

Клучен дел од наодите се однесува на визуелните елементи на настапот. Детето кое ја изведувало песната било облечено во маица со карта на т.н. „Голема Албанија“, а на сцената биле користени и симболи како двоглавиот орел. Според регулаторот, ваквите симболи, иако можат да имаат историски или културен контекст, во конкретниот случај биле употребени за промоција на идеја за територијално обединување.

Дополнителна тежина, според извештајот, носи и самиот текст на песната, кој содржел пораки за обединување на територии од повеќе држави во регионот, вклучително и делови од Северна Македонија. Овие пораки биле оценети како експлицитни и како директно поврзани со концепт што може да предизвика меѓуетнички тензии.

З.Ф. 

Слични вести