Во интервјуто за „Фокус“, лидерот на СДСМ зборуваше за тоа какви мерки треба да се преземат ургентно за, како што оценува, ефикасно да се заштити стандардот на граѓаните.
Разговарал: Зоран ФИДАНОСКИ
ФОКУС: Цената на барел нафта на светските берзи „дивее“ поради војната во Заливот. Неделава кај нас стартуваше со рапидно поскапување, особено на дизел горивото, и најава дека следната недела ќе следи уште еден голем скок на цената. Што треба владата да направи за да не се предизвика верижно покачување на многу цени и на тој начин да го штити стандардот на граѓаните?
ФИЛИПЧЕ: Секогаш кога расте цената на нафтата, поскапува храната и сè друго, како продукти и услуги. А што прави премиерот Мицкоски и владата? Наместо да свика вонредна седница, наместо да донесе мерки со кои ќе ги заштити граѓаните од вакви ценовни шокови, тој само гледа начин како да не им помогне на граѓаните. Дополнително, владата како да сака да профитира врз грбот на граѓаните. Зошто го велам ова? Затоа што Регулаторната комисија за енергетика, во екот на нафтената криза, го смени начинот на одредување на цените на горивата, односно, наместо секој ден, во зависност од движењето на цената на нафтата на светските берзи, да се одредува и цената на горивата на домашниот пазар, сега со измените тоа се прави еднаш неделно, на 7 дена.
Тоа значи дека кога цената на нафтата на светските берзи бележи пад, како што се случи на почетокот на неделава, кога се движеше од 84 до 86 долари за барел, што е поевтино во споредба со цената од 96 евра минатата недела, да важеше стариот правилник, РКЕ ќе ја намалеше цената на горивата и граѓаните ќе купуваа поевтин дизел и бензин. Сега, поради ваквите штетни одлуки, граѓаните цела недела ќе плаќаат поскапи деривати. Знаете колку пари ќе соберат од оваа штетена и избрзана одлука – околу три милиони евра повеќе за само седум дена.
Кој има интерес од ова поскапување? Каде ќе завршат овие пари? Ова се пари на граѓаните, кои и сега едвај го поминуваат месецот. Која влада, наместо мерки за помош на граѓаните, носи контрамерки за да им одмогне? Ете тоа ВМРО – од каде што може да зграби повеќе.
Граѓаните не смеат да трпат заради погрешните и непромислени одлуки на власта. Јас во името на СДСМ веќе предложив неколку мерки за справување со ценовните шокови. Прво, намалување на стапката на ДДВ од 18 отсто на 5 отсто при промет на сите енергенси: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас и метан. Намалување на акцизата за 4 денари. На овој начин директно ќе се намали цената на еден литар гориво. И во однос на цените на храната, предлагаме сведување на нула проценти ДДВ на основните прехранбени производи, за да се амортизира евентуален скок на цените на основните прехранбени производи. Зошто владата ги одбива?
Интервјуто е објавено на 12 март 2026 во неделникот Фокус, во бројот 1588