Пратеникот на ЗНАМ – Миле Цеков изјави дека нема против внесување на Бугарите во Уставот, впрочем и останатите етникуми, но без да се загрозат националните интереси. Тој во интервју за „360 степени“ не прецизираше дали ќе остане дел од пратеничката група на ЗНАМ.
„Сите политичари од актуелното парламентарно мнозинство, од СДСМ, ВРЕДИ, ДУИ, па и лидерот на ЗНАМ, г-динот Максим Димитриевски, премиерот Христијан Мицкоски, сите имаат изјавено дека немаат против внесување на Бугарите во Уставот, впрочем и останатите етникуми како Црногорците и Хрватите, но без да се загрозат националните интереси. Впрочем, јас многу јасно ја кажав изјавата дека ние немаме информации сега што се случува во оснос на ЕУ-интегративните процеси, но мора да имаме јасен пат во однос на тие прашања, без да се загрозат идентитетските и националните прашања. Повторувам и сакам овој мој став многу јасно да биде прецизен дека сите политички партии имаат консензус околу ова прашање, но дилемата е како до таму“ – рече Цеков.
Порача дека имал реакции од раководството на ЗНАМ но вели, тоа е дел од политичкиот процес.
„Јас останувам доследен на моите ставови што ги ветував во изборната кампања и оставам на времето да покаже какви се реакциите и дали различното мислење треба да биде слабост или треба да биде предност во демократијата“, вели Цеков.