Пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, отвора сериозни прашања за пропустите на Министерството за внатрешни работи во случајот со Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, која заминала во Бугарија и покрај одземените пасоши, забраната за напуштање на државата и изречените судски мерки за претпазливост.
На денешната седница за пратенички прашања, Исмаил немал можност да му постави прашање на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, бидејќи премиерот Мицкоски, наместо да одговара на прашањата од пратениците, времето го искористил за држење лекции за тоналитет, храброст и моралност, проследени со лични квалификации.
Исмаил посочува дека на 12 октомври, во 10 часот, Михаилова не се јавила во кочанската полиција, со што не ја исполнила судската обврска. Согласно член 149 став (2) од Законот за кривичната постапка, полицијата е должна веднаш да го извести судот, но известувањето било доставено дури следниот ден. Ова отвора сериозно прашање за навременоста на институционалното постапување, особено имајќи предвид дека судот треба да ги преземе понатамошните процесни чекори за евентуално определување притвор и распишување меѓународна потерница.
„Ова е класика како ‘доцнењето’ во меѓуинституционалната комуникација се користи како златно време од обвинетиот!“, предупредува Исмаил.
Дополнителни нејаснотии произлегуваат од спротивставените тврдења за начинот на кој Михаилова ја напуштила државата. Додека таа и нејзиниот адвокат тврдат дека границата ја преминале легално, МВР соопштува дека нема евиденција за такво преминување. Ако заминала преку официјален граничен премин, каде биле граничните контроли? Ако заминала нелегално, каде бил граничниот надзор?
Исмаил потсетува дека самиот Тошковски неодамна ја опишал границата меѓу Македонија и Бугарија како „швајцарско сирење“, па бара одговорност од министерот кој веќе три години раководи со МВР.
„Епа, веќе три години сте министер – каде вие го гледате пропустот и кој ќе сноси одговорност?“, прашува Исмаил.
Тој нагласува дека одговорноста не смее да се бара единствено кај граничните полицајци и службениците на терен, туку мора да се испита и на повисоките институционални нивоа. Во таа насока, Исмаил бара да се испита и улогата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, имајќи ја предвид неговата неодамнешна посета на Бугарија, по која Михаилова заминала токму во таа земја.