Републичката обвинителка Топалова- Исајловска: Нема никаква потреба од ревизија на обвинението за ,,Пулс”

by valentina 14:26
14:26

Нема да се прави ревизија на обвинението за случајот со пожарот во кочанската дискотека ,,Пулс”. Ова е одговорот кој ,,Фокус” го побара и доби од в.д. републичката јавна обвинителка Анита Топалова-Исајловска, по барањето на одбраната.

-Обвинителниот акт е одобрен од Кривичниот суд, а предметот за кој покажувате интерес е во фаза на судска постапка во која веќе се изведуваат докази. Со оглед на тоа, В.Д. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија смета дека во ваква ситуација нема никаква потреба од ревизија на поднесеното обвинение, ни одговорија од Обвинителството.

Одбраната на дел од обвинетите во случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ поднесе иницијатива до обвинителство со барање да се ревидира обвинението. Иницијативата се однесуваше на правната квалификација и обемот на одговорност што им се става на товар на обвинетите.

Според бранителите, сегашното обвинение е премногу широко и не прави јасна разлика меѓу директна и индиректна одговорност, поради што бараа од обвинителството повторно да ги преиспита доказите и правната квалификација. Тие сметаат дека дел од обвинетите не можат да се доведат во причинско-последична врска со трагедијата и дека обвинението се темели на, како што велат, нецелосно утврдени факти.

Во иницијативата се наведува дека вистинските причини за пожарот се недозволената употреба на пиротехника, незаконското работење на објектот и системските пропусти во контролата, а не постапките на сите лица опфатени со обвинението.

Лани на 16 март во пожарот во Кочани загинаа 63 луѓе, а над 200 беа повредени.

Валентина Вурмо

Слични вести