Иран е подготвен за долготраен конфликт против САД и Израел и досега не го употребил своето најсофистицирано вооружување, соопшти денеска иранското Министерство за одбрана.
Портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, изјави дека земјата располага со капацитет да се спротивстави и да продолжи со, како што рече, „офанзивна одбрана“ подолго отколку што противникот предвидел за овој, според Техеран, наметнат конфликт. Неговата изјава ја пренесе државната новинска агенција IRNA. Тој нагласи дека Иран нема намера да го распореди целото свое напредно оружје и опрема во почетната фаза од евентуалните судири.
Во меѓувреме, Иранска револуционерна гарда соопшти дека е изведен нов бран ракетни напади кон Израел.
„Започна шеснаесеттиот бран од операцијата ‘Вистинско ветување 4’, со голем број ракети и беспилотни летала што воздушно-вселенските сили на Револуционерната гарда ги лансираа кон срцето на окупираните територии“, се наведува во соопштението, алудирајќи на територијата на Израел.