Над 13 отсто од учениците од седмо до деветто одделение во Македонија пушат цигари

by irena 14:03
14:03

Вкупно 13,6 отсто од ученици од седмо до деветто одделение, најчесто од 13 до 15 години, користат некој тутунски производ, покажуваат резултатите од истражување спроведено во 75 училишта во државата во 2024 година, а објавени на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.

На темата се обратија министерот за здравство, Азир Алиу, претставникот на Светската здравствена организација и шеф на канцеларијата на СЗО во земјата, Аким Али, директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, и д-р Сања Прошева од Институтот за јавно здравје.

– Вкупно 12,3 проценти моментно користат тутун. Вкупно 5,3 проценти моментно пушат цигари. Вкупно 4,9 проценти од учениците моментално користат тутунски производи што се загреваат ( 5,1 отсто момчиња и 4,4 проценти девојчиња). Вкупно 3,6 отсто моментално користат тутун што не се пуши. Од учениците, девет проценти моментално користат електронски цигари – 8,2 отсто момчиња и 9,6 проценти девојчиња. Од сегашните пушачи, 66,1 отсто се обиделе да се откажат од пушење изминатите 12 месеци. Да престанат со пушење сега сакаат 56,5 проценти, информираше Прошева.

Според клучните наоди од извештајот, презентирани денеска, пушењето во училишните простори, како што се наведува, и понатаму претставува загриженост. Во 2024 година, 45,1 отсто од учениците виделе некого како пуши во училишните згради или на училишниот имот.

Министерот Алиу појасни дека истражувањето е спроведено кај ученици на возраст од 13 до 15 години, со поддршка од СЗО, во првата фаза на истражувањето биле избрани 75 училишта и биле опфатени 4.670 ученици.

– Истражувањето е дел од глобалниот систем за надзор на тутунот и претставува национално репрезентативно истражување што по четврти пат се спроведува во училиштата во нашата држава. Податоците од истражувањето покажуваат дека 13,6 проценти од учениците на возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ, и тоа е највисока преваленца досега регистрирана, истакна министерот.

Вкупно девет отсто од нив користат електронски цигари, а според податоците што ги сподели министерот, тоа е повеќе од двојно зголемување, во споредба со 2016 година.

– Дополнително загрижувачки се податоците дека дури 57 отсто од младите биле изложени на тутунски чад во домот, додека 55,4 проценти биле изложени на чад во затворени јавни простори. Во однос на достапноста на тутунските производи, ова истражување покажува дека 73,2 отсто од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст. Она што е важно за нас како креатори на здравствените политики е дека огромен дел од испитаните ученици ја поддржуваат мерката за забрана за пушење во затворени јавни простори. Вкупно 86,9 проценти од испитаниците ја поддржуваат оваа мерка, подвлече Алиу.

Токму затоа, истакна Алиу, новиот предлог-закон за заштита од пушењето се носи како закон за новите генерации, со порака упатена до младите дека државата конечно застанува на нивна страна. Суштинската цел е де нормализација на пушењето, истакна министерот, а тоа ќе се постигнело преку четирите столба на законот.

– Прво – целосна заштита од пасивно пушење. Без чад и без аеросол во затворени и работни простории. Заштитата важи и за аеросолите од електронските цигари, чија безбедност при пасивна изложеност не е докажана. Второ – намалување на привлечноста. Забрануваме продажба на производи што содржат карактеристични ароми што создаваат препознатлив вкус или сензорен ефект различен од природниот тутунски профил. Овошни, слатки, ментолни и други вкусови што ја маскираат штетноста и го олеснуваат првото пробување – повеќе нема да бидат дозволени. Трето – ограничување на маркетингот и изложувањето. Ќе се стави крај на таргетирањето на младите преку социјални мрежи, инфлуенсери, игри и дигитални платформи. Тутунските и никотинските производи повеќе нема да бидат јавно изложени, туку во затворени ормани. Четврто – ограничување на достапноста и засилена контрола на продажбата на малолетници, додаде Алиу.

Претставникот на СЗО, Али рече дека денеска е важен ден бидејќи се работи за иднината на државата. Тој нагласи дека пушењето не е добро за здравјето на младите и оти зависноста не треба да се почувствува уште на мала возраст. Тој се осврна на тоа дека родителите кога ги праќаат нивните деца на училиште очекуваат здрава и чиста средина, а некои биле подложени на тутун во училиштата.

Али подвлече дека со новиот закон се заштитуваат непушачите, особено децата.

– Време е да ги заштитиме децата, истакна претставникот на СЗО.

Слични вести