Иако градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, во неговата изборна кампања најави дека доколку дојде на власт ќе го отстрани натпатникот на булеварот „Крсте Мисирков“ кај Бит Пазар, неговиот колега Орце Ѓорѓиевски последно соопшти дека Градот подготвува план за затворање на дивиот премин кај џамијата „Јаја Паша“ и повторно пуштање на употреба на надземниот премин, кој со години „фаќа прашина“ – не се користи и е во ужасна состојба, објави „Слободен Печат“.
Натпатникот го изгради компанијата „Карпош“ АД и, како што тогаш пренесуваа медиумите, неговата изградба чинеше околу 200.000 евра, пари, кои според денешната слика се фрлени во вода бидејќи овој премин е целосно нефункционален и не е од корист за граѓаните.
Иако најавата за неговата изградба започна уште во 2008 година, преминот беше целосно изграден и пуштен во функција во 2010 година, а поголемиот дел од финансирањето беше на компанијата за рекламирање „Акцент Медиа“, од каде биле вложени 180.000 евра, додека пак остатокот го покрила Општина Чаир.
Тогаш се најави дека „Акцент Медиа“ ќе добие право на издавање рекламен простор на објектот во рок од 10 до 15 години. Тие исто така се задолжени за одржување на објектот, кој беше опремен и со лифтови што денеска се запуштени, како и сите останати делови од овој нефункционален пешачки натпатник.
После шеснаесет години од неговата изградба и речиси една деценија, ако не и повеќе, од неговото последно користење, натпатникот денес е валкан, затворен за преминување,а од пред неколку години пешаците и велосипедистите го минуваат булеварот „Крсте Мисирков“ преку нелегалниот и необележан премин сместен веднаш под натпатникот.
Дивиот пешачки премин е отворен со помош на откорнување на еден дел од заштитната ограда која води долж цел булевар, а поради огромната фреквенција на пешаци кои поминуваат одовде, на оваа необележана локација постојано се создава метеж и нервоза кај возачите, земајќи предвид дека немаат друга опција освен да ги пропуштат стотиците пешаци кои постојано минуваат преку улицата.
На оваа тема, во октомври минатата година сегашниот градоначалник на Чаир, тогаш кандидат на локалните избори, Изет Меџити соопшти дека по разговори со жителите и дуќанџиите, решил дека овој натпатник треба целосно да се отстрани бидејќи, споре него, човечката психологија е таква што не сака ниту надвозник ниту подвозник.
Неговиот последен и конечен став беше целосно отстранување на постоечкиот надвозник и да се изгради официјален пешачки премин со семафори.
– За среќа, општината Чаир не обезбедила ниту еден денар за изградба на тој мост. Тој е изграден во замена за рекламен простор со компанијата „Акцент Медиа“ и општината нема финансиска обврска. Затоа, најдоброто решение е да се сруши мостот и да се изгради официјален премин со семафори- изјави градоначалникот за време на неговата кампања.
Од победата на Меџити на локалните избори поминаа речиси четири месеци, а Општината сè уште не „мрднала со прст“ за овој подзаборавен пешачки натпатник, кој со мрежи и жици е затворен за граѓаните, а вон функција се и лифтови. Накратко, преминот уште е целосно неупотреблив за пешаците, продолжувајќи ја долгогодишната „традиција“ на неговите претходници.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, пак, на оваа тема изјави дека дивиот премин кој е отворен на булеварот „Крсте Мисирков“ итно мора да се затвори за зголемување на безбедноста на пешаците и соопшти дека Секторот за сообраќај веќе започнал со изработка на предлог-решение за овој изграден, но сепак нефункционален натпатник.
– Искрено мислам дека дивиот премин на Бит Пазар е „црна точка“ и треба да се затвори. Веќе се координираме со секторот сообраќај на оваа тема каде што им побарав, како што беше поднесено барање од страна на граѓаните но и од советниците од Влен и ДУИ, моето мислење е дека тој премин треба да се затвори бидејќи таму има натпатник кој не се користи и токму затоа сакам да го затвориме, но јас не сум стручен, има луѓе со сериозно искуство во секторот сообраќај и тие имаат рок да ми достават предлог решение и за многу брзо да започнеме со делување – вели Ѓорѓиевски.
Прашан дали по затворањето на дивиот премин, повторно ќе се исчисти и пушти во употреба натпатникот, градоначалникот на Скопје не даде конкретен одговор дали повторно ќе се отвори надземниот премин или пак ќе се наоѓа некое друго решение.
– Мостот е направен и треба да функцуонира ако пешаците го користат, но некој смислил соломоново решение дека после толку голема инвестиција и изградба на натпатник, да ги отстрани дел од безбедносните бариери, да не оди по мостот и диво да преминува преку булевар и отворил див премин. Дали мостот ќе се активира и дали ќе се затвори преминот чекам решение од Секторот Сообраќај ,од каде го чекам предлог-решението- изјави Ѓорѓиевски.
Сепак, тој ја потенцираше секојдневната опасност од овој премин за сите пешаци кои секојдневно минуваат оттука, особено најмалите кои одат во училиште и истакна дека можеби оваа промена нема да биде поддржана од сите граѓани, но според него затворањето на овој премин е најисправно решение.