Текстот е објавен во неделникот „Фокус“, во бројот 1538, на 27.03.2025 година.
Пишувала: Валентина ВУРМО
„Системот е следен“. Ова беше главната порака што ја испратија илјадниците млади на еден од протестите, кој следуваше по трагедијата во Кочани, а во која загинаа 59 млади, од кои шест деца, а околу 200 се повредени.
–Дозволивме да живееме во систем каде што моќните владеат, а другите само страдаат. Дозволивме да живееме во општество каде што правдата се мери со познанства, а животот може да зависи само од еден телефонски повик. Вака ли изгледа еднаквоста што треба да постои? Се среќаваме со неправди што станаа нормални, иако се далеку од праведни. Некои го кршат законот, а, сепак, никој не ги повикува на одговорност, рече студентка на протестот.
Затоа насобраните гласно побараа суштински, а не козметички промени на системот.
Дека тој воопшто не функционирал, туку само се одржувал во живот низ годините, пластично покажа и кабарето „Пулс“. И шефот на овој објект, како и оние, шефовите на државата, наместо да ги поправале слабостите, со годините само ги замачкувале. Буквално, не се најде барем едно нешто што било според прописот и законот!
Затоа виновниците се бараат на повеќе места и се во голем број. Засега, бројот на осомничени е 27 физички лица (плус 7 полициски службеници, за кои постапката се води посебно) и три правни лица, но се очекува бројката значително да се зголеми.
Тоа, всушност, значи, дека додека случајот да стигне до обвинение и да влезе во судница, можно е листата на осомничени да се прошири до педесетина лица, што, пак, повлекува ризик од гломазна судска постапка, која би траело бесконечно, односно би довело до болна и бавна правда.
КАЗНА ЗАТВОР ДО 20 ГОДИНИ
Гломазната бројка на можни виновници е поради фактот што МВР и Обвинителството го истражуваат периодот од 2012 година, па сè до 16 март годинава, кога се случи катастрофалниот пожар. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски појасни дека сите осомничени, секој од аспект на своето работење, со непостапување според прописите за мерки за заштита во својата област, предизвикал опасност за животот на луѓето од поголеми размери.
–Верижните пропусти и незаконити дејствија на одговорните и службените лица, довеле до тоа при користење на пиротехничките средства на 16.3.2025 година за време на настапот на музичката група ДНК во кабаре „Клуб Пулс“ во Кочани да биде предизвикан пожар во кој настапила смрт на 59 лица, меѓу кои 6 деца, а биле повредени уште 197 лица, од кои 25 деца, појасни Коцевски.
Засега, од страна на обвинителството, се споменува едно кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292, а во врска со член 288 „Предизвикување општа опасност“ од Кривичниот законик.
Најмалата предвидена казна затвор е три години, а горна граница нема, што значи дека може да се изрече највисока казна затвор до 20 години.
Сепак е сè уште рано да се предвиди дека и во обвинителниот акт состојбата би останала иста. Адвокатите со кои разговаравме велат дека секој од обвинетите ќе треба да одговара во рамките на своите дејства, што и укажува на тоа дека нивната вина за несреќата не е еднаква. Некој пропустите ги сторил свесно, друг од небрежност, некој со постапување, а некој со непостапување… Опфатениот период, кој се доведува во врска со критичниот ден, денот на трагедијата е долг, 14 години, па затоа ќе биде тешко во судница и да се докажат верижните пропусти, а со тоа и верижната одговорност.
Дел од кривичните дела што може да дојдат предвид се и „Несовесно работење во службата“, каде што запретените затворски казни се до пет години. Како и делото „Злоупотреба на службената положба и овластување“, каде што поради измените на КЗ, затворските казни се намалени до пет години.
Но, доколку некој од осомничените се гони за овие дела, постои и опасност од веќе застареност или набрзо застарување на делата поради запретената пониска затворска казна.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ, кој е и поранешен судија, вели дека во овој кривичен предмет во фаза на истражната постапка треба да се постапува согласно стандардите за докажување на веројатноста за постоење основано сомнение, како и согласно стандардите за пресумпција на невиност и загарантираните права на одбрана.
-Тоа значи дека обвинителството треба да обезбеди силни аргументи за постоење сомневање за унифицирано поставената теорија на случај за сторено кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, и тоа како соизвршители каде што е потребно да ја докаже поврзаноста на сите сообвинети во извршувањето на кривичното дело.
Особено е проблематично хоризонталното и вертикално степенување на одговорноста во конкретен кривично правен настан и учеството на градоначалниците како соизвршители, ни изјави Туфегџиќ.
Тој додава дека политиката треба да ги тргне рацете од овој предмет.
–Принципиелно се залагам за воспоставување правен тек во постапувањето без притисоци, кое нешто повеќепати сум го изјавил во јавноста, политиката и надворешните притисоци да ги тргнат рацете од овој предмет, истакнува адвокатот.
ИСТРАГАТА ЌЕ СЕ ПРОШИРИ
Бидејќи од Обвинителството и МВР најавија дека апсењата нема да запрат сè додека не се фатат сите што имале каква било одговорност, се очекува списокот на осомничени да се зголеми.
Она што засега паѓа в очи е дека, кога станува збор за градоначалниците, опфатени се сите тројца што биле во периодот опфатен со истрагата. Односно, актуелниот Љупчо Папазов, како и неговите претходници Николчо Илијев од СДСМ и Ратко Димитровски од ВМРО-ДПМНЕ. Но, оваа логика не важи и за другите функционери, кои се или биле на чело на надлежните институции.
Од директорите на Државниот пазарен инспекторат опфатени се двајца поранешни директори, иако во посочениот период од 2020 година до сега, на позицијата биле четворица. Како осомничени се Анета Симеска–Димоска и Горан Трајковски, а засега куртулиле Стојко Пауновски и Влатко Стојковски.
–Двајца поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат и три службени лица инспектори, иако биле должни да вршат инспекциски надзор, не ги извршиле своите службени должности и во периодот од 9.1.2020 година до 16.3.2025 година, во ниту еден наврат не извршиле контрола над работењето на правното лице за да утврдат дали има важечка лиценца, дали ги исполнува пријавените минимално-технички услови наведени во барањето за лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре, и другите пропишани услови согласно законот, со што овозможиле кабарето „Пулс“ незаконито да продолжи со вршење на угостителска дејност, објаснуваше Коцевски.
Барањето на верижна одговорност е прекината и во Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). И тука во временскиот период биле четворица директори Шабан Салиу, Аднан Џафероски, Беким Максути, но и Џеват Меџити. Засега во истрагата е опфатен само Максути.
Слична е и ситуацијата и во Министерството за економија. Првични сомнежи за вина истражните органи гледаат само кај екс министерот Крешник Бектеши, но не и во неговиот наследник.
И додека се работи на утврдување на системските слабости, постојано се навраќаме на прашањето зар не можеше да се спасат што повеќе животи?
Една од причините за катастрофалната трагедија, покрај крајно несоодветниот објект, кој не исполнувал ниту еден услов за да се нарекува кабаре, е и непостоењето основна противпожарна заштита.
ГАЗДАТА ГАСНЕЛ СО ПОГРЕШЕН ПП АПАРАТ
Поточно, освен тоа што објектот бил изграден со недозволени градежни материјали, кои биле лесно запаливи, кабарето во Кочани немало ниту хидрантска мрежа, ниту хидрант во употребна функција. Немало пристап за противпожарни возила од двете страни согласно Правилникот за заштита од пожари, експлозии и опасни материи. Внатрешноста на објектот била обложена со гипс-картон, но не со огноотпорни својства. Немало спуштен таван со противпожарна отпорност од најмалку 30 минути. Немало ниту доволно врати за излез, туку само една, која воопшто не била со противпожарна отпорност со најмалку 1 час, а немало ни систем, со јак звучен сигнал, кој би ги предупредил посетителите дека настанал пожар. Имало една импровизирана метална врата, но била заклучена со катанец и без квака однатре, а згора на сè, била обложена со гипс-картон и сунѓер за звучна изолација.
–Дискотеката била непрописно обложена со материјали за звучна изолација и лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од 3 метри без дозвола, објасни републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Голем пропуст во целата оваа голема несреќа е и што немало опрема за првично намалување на пожарот и правење пат за евакуација. Во објектот имало два наместо осум задолжителни ПП апарати. Згора на сè, едниот од единствените два бил несоодветен.
Од видеата што се споделуваа на социјалните мрежи, се гледа дека се прават првични обиди огнот да се изгасне на две места. На бината, според информациите на „Фокус“, огнот се обидува да го изгасне Дејан Јованов-Деко, сопственикот на дискотеката. Но, токму ПП апаратот во неговите раце бил несоодветен.
Вештачењата ќе го дадат точниот одговор, но она што го забележал Златко Илијев, член на Доброволното противпожарно друштво во Кочани, додава масло на огнот, односно ја зголемува небрежноста во одржувањето на дискотеката.
Тој вели дека изминатите денови сите зборувале за корупција, мито, одговорност, што е општо познато, бидејќи како што вели, да кажеш дека во Македонија има корупција е исто како да кажеш дека во Штип многу дува ветер. Затоа, како што вели, дава осврт на тоа како кога веќе пожарот избувнал, како требало да се пристапи на истиот, како да се отпочне со негово гаснење или спречување на неговото ширење со голема брзина.
–Ако го погледнете видеото кога пожарот е во распламнета фаза и Панчо го повикува Деко да направи нешто околу тоа, Деко доаѓа со ПП апарат и почнува да гасне, но како што се гледа на видеото, нема никаков ефект. Не станува збор за несервисиран или неисправен апарат, туку апаратот е ЦО2 ПП апарат наменет за гаснење електрични уреди под напон, а не пожар од ваков вид, каков што беше во „Пулс“, појаснува Илијев.
Втора работа, и не помалку битна според него, е што дел од гостите во дискотеката пожарот првично не го сфатиле сериозно.
-Сметам дека доколку првиот ПП апарат беше апарат со прав, во најмала рака ќе го спречеше ширењето на пожарот и ќе дадеше многу повеќе време за евакуација на младите, а тие доколку уште во првиот момент сфатеа дека станува збор за пожар и полека се упатуваа кон излезот, наместо да снимаат, бројките ќе беа многу помали, вели нашиот соговорник.
Тој додава дека она што е заедничко во двата момента е незнаењето и недоволната едукација.
-Тоа е нешто што во иднина треба да се сфати многу сериозно и да се работи на тоа, подигање на јавната свест, јакнење на капацитетите за секој од нас да има елементарно познавање на ПП заштита. Елементарните непогоди никој не може да ги предвиди, но наша обврска е да ги пречекаме подготвени и да знаеме како да реагираме, вели Илијев.
ЗАГИНА МОМЧЕТО СО ВТОРИОТ ПП АПАРАТ
Со вториот ПП апарат, кој бил соодветен и функционирал, огнот се обидува да го изгасне едно момче, за кое што кочанци велат дека, за жал, починал.
–Во моментот кога пламенот се закануваше да проголта сè, Виктор Јорданов, не се повлече. Тој застана храбро, исправен пред стихијата, решен да спаси што повеќе животи, додека самиот остануваше зад сите.
Виктор, твоето срце престана да чука, но твоето дело ќе живее вечно. Почивај во мир, хероју, објавија негови сограѓани, споделувајќи го неговиот херојски чин.
Владимир Симовски, поранешен командант на Противпожарната бригада на Скопје и актуелен заменик, потврдува дека ПП апаратите со ЦО2 не се соодветни за гаснење на огнот што пламна во дискотеката, бидејќи за таков пожар треба апарат со сув прав, каков што во рацете имало починатото момче.
–Истрагата ќе ги открие сите детали, но она што може да се каже е дека станува збор за чиста немарност, за набавка на ПП апарати што чинат по 1.700 денари. Десет години го зборуваме истото, но, за жал, нема кој да слушне. Целата противпожарна заштита на објектот можела да се направи за 1.500 евра, ни изјави Симовски.
Подзаконските прописи пропишуват дека во угостителските објекти, на секои 50 квадратни метри треба да има по една боца со тежина од 9 килограми. Според квадратурата на кабарето „Пулс“, проста пресметка покажува дека во објектот требало да има 8 ПП апарати. Рокот на траење на апаратите е 20 години, а треба да се сервисираат на шест месеци или на една година, а чинат од 1.700 до 5.000 денари.
Овие апарати се првото нешто по кое се посега при избувнување пожар. Служат за почетно гаснење на огнот, да се спречи или намали негово ширење, но и за правење пат за евакуација.
Симовски сподели еден резултат од анкета што ја направиле во скопска гимназија. Вели дека 75 проценти од 40 средношколци одговориле дека не знаат за што служи хидрантот. Од друга страна, пак, додава дека и дека не треба да се очекува од децата да знаат како да се справат со пожар или родителите да прават безбедносни проверки во какви објекти излегуваат, бидејќи за тоа постојат стриктно надлежни институции.
Но, кога и владата, еден од виталните државни објекти е изграден од лесно запаливи материјали, што останува за другите објекти, а особено за приватните.
И во двата случаи се штеди на материјали поради алчност за што повеќе пари в џеб. Но, за жал, парите сега не можат ниту да ги вратат загинатите, ниту, пак, да ја исперат совеста!