Премиерот Христијан Мицкоски одлучи неговиот трет и последен мандат како лидер на ВМРО-ДПМНЕ да го истера без партиски потпретседатели, со цел, како што рече, да има рамноправни услови и еднаков терен за сите кои ќе бидат заинтересирани да се кандидираат за нов партиски лидер во 2029 година.
Но, досегашните потпретседатели Александар Николоски, Владо Мисајловски, Тимчо Муцунски и Гордана Димитриеска-Кочоска беа избрани за членови на новиот Извршен комитет на владејачката партија, заедно со други функционери од стариот состав. Меѓутоа, таму може да се сретнат и нови лица.
Имено, и во претходниот и во сегашниот ИК се пратениците Ѓорѓи Сајкоски (двочерашен партиски генерален секретар), Драган Ковачски (нов генсек) Никола Мицевски (координатор на пратеничка група), Антонијо Милошоски (потпретседател на Собранието), Ели Панова, Дафина Стојановска, Рашела Мизрахи.
Потоа, дел од новото најтестно партиско раководство повторно ќе бидат владините функционери Игор Јанушев, Луке Галевски, Благоја Ташаминов, Марија Митева, како и националниот координатор за демографија Влатко Ѓорчев, охридскиот градоначалник Кирил Пецаков и директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска.
Меѓу оние кои беа во стариот но ги нема во новиот ИК, пак, може да се вбројат пратениците Миле Лефков, Олга Лозановска и Мевмед Џафери, директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, детскиот хирург Ристо Сименов, како и првите луѓе на партиските организации за млади, жени и ветерани кои се дел од овој орган по функција – Сергеј Попов, Жаклина Пешевска и Мане Јаковлески.
Што се однесува до групата на нови членови во актуелниот ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги немаше во стариот состав, влегуваат скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Маврово Ростуше Онер Јакупоски, пратеничката Драгана Бојковска, министерот за дигитализација Стефан Андоновски, директорот на царина Бобан Николовски, директорот на ГОБ „8 Септември Синиша Стојановски и битолскиот советник Филип Поповски.
Она што е интересно е дека во највисокото извршно тело на најголемата владејачка партија нема еден влијателен министер, а тоа е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој не беше дел ниту од претходниот состав на ИК, додека во рамки на партијата подолг период ја води Комисијата за статутарни и правни прашања и важи за автор на актуелниот партиски Статут.
Инаку, постои принцип првите луѓе на партиските комисии да не бидат дел од ИК, поради што пред околу една година, како што тогаш објави „Фокус“, од ова тело излегоа првите луѓе на партиските комисии за култура, енергетика и економија – Зоран Љутков, Сања Божиновска и Маја Кадиевска-Војновиќ, а паралелно нов нов член стана веќе споменатиот Ташаминов.
Притоа, единствен исклучок од ова правило е министерката за финансии и довчерашна потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ Димитриеска Кочоска, која и во иднина ќе биде дел од највисокото партиско раководство како член на ИК. Патем, таа истовремено ја води и Комисијата за надзор на финансиско-материјално работење во рамки на партијата.
– Имаме една промена од 20 до 25 проценти во Извршниот комитет, еден спој на искуство, на луѓе со различни портфолија, луѓе коишто имаат различно искуство во извршната власт и во законодавната власт – рече вчера Ковачки, додавајќи дека новиот ИК ќе ги распише огласите за претседатели на општинските комитети и ќе има задача во правец на реорганизација во партијата и подготовка за идните парламентарни избори.
Како што е познато, тој беше избран за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ на местото на Сајкоски, додека организациски секретар стана Ивица Томовски, директор на владината служба за општи и заеднички работи. На позиција шеф на кабинет на Мицкоски, и во партијата и во Владата, остана Владимир Нелоски.
Функции во расчекор: Дали Мицкоски ќе остане премиер откако ВМРО-ДПМНЕ ќе избере нов лидер во 2029?
Влатко Стојановски