Функции во расчекор: Дали Мицкоски ќе остане премиер откако ВМРО-ДПМНЕ ќе избере нов лидер во 2029?

Премиерот Христијан Мицкоски вчера го доби третиот и воедно последен мандат како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека владејачката партија дефинитивно ќе има нов лидер во 2029 година, но што доколку победи на следните парламентарни избори, чиј редовен термин е во 2028 година? Ако на тие избори триумфира ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски стане премиер, тој една година потоа ќе треба да го одржи зборот и да замине од челната позиција во партијата. Дали во таква ситуација тој ќе продолжи да ја предводи Владата, или, пак, новиот партиски лидер веднаш ќе стане и нов премиер?

by vlatko 15:04
15:04

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вчерашниот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци го доби третиот мандат како прв човек на владејачката партија, кој, според негови тврдења, дефинитивно ќе биде негов последен мандат, што значи дека на следниот Конгрес во 2029 година партијата ќе избере нов лидер.

–Ова е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И додека јас сум претседател, за тој услов за максимум број мандати што еден претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги има, немам намера да поддржам каква било иницијатива за промена на тој дел од Статутот. Преку личен пример мора да покажете во моменти дека некои работи мора да се случат, не можеме ние преку лидерство да поддржуваме двојни стандари – рече Мицкоски во пресрет на Конгресот во интервју на „360 Степени“.

Во однос на прашањето како ќе се постави во битката за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, односно дали ќе постапи исто или слично како неговите претходници Никола Груевски и Љубчо Георгоиевски, одговори дека тие случаи се различни со овој сега, вклучително и од аспект дека различен бил Статутот. Притоа, порача дека лидерските амбиции се добродојдени, но, како што рече, пренагласени амбиции нема да толерира.

-Различни се тие случаи со овој сега, самиот Статут беше различен. Второ, од денешна оптика најавувам нешто што сигурно ќе се случи во 2029, не калкулирам. Но, тоа не значи дека во рамки на партијата не треба да има амбиција. Можеби и сега додека сум бил јас претседател на партијата имало луѓе што себеси се гледале на таа позиција, тоа не е забрането и не е невозможно. Амбицијата е секогаш добредојдена, но пренагласената амбиција е лоша и јас таков тип недисциплина нема да толерирам – порача тој.

Околу темата и прашањето за негов наследник, тој се осврна и во говорот на вчерашниот партиски Конгрес, истакнувајќи дека лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ не е награда, ниту привилегија, туку, според него, обврска и жртва што ја носат само оние што имаат интегритет, дисциплина и сила да ја носат тежината на државата. Воедно, упати порака дека лидер не се станува „заради блискост или по случаен пат, со плетење мрежи и со неконзистентност“.

–Кој мисли дека довчерашните субјективни заслуги ќе му донесат утрешна награда не ја разбрал оваа партија. Мојот наследник на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде човек што само победува во анкети, или што знае да аплаудира. Тоа ќе биде човек со рбет, со интегритет, со дисциплина и фокус. Ќе биде човек што знае да ја носи тежината на државата. Што знае да издржи. Што знае да прости. Што знае да биде чесен и кога боли и кога сите се откажуваат од него затоа што во моментот им е така опортуно да прават – порача Мицкоски.

Имајќи предвид дека тој јавно уверува дека нема да отстапи од намерата дека ќе биде партиски лидер уште само еден мандат, се отвора можно сценарио, според кое многу лесно може да се случи да заврши лидерскиот мандат на Мицкоски додека тој е премиер. Имено, ако Мицкоски навистина сега го тера последниот мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, како што очигледно стојат работите, тоа значи дека тој ќе остане на чело на партијата до преминот од 2029 кон 2030 година.

Доколку во истиот период нема предвремени парламентарни избори, може да дојде до расчекор меѓу неговите функции како лидер на партијата и премиер. Поточно, ако нема вонредни парламентарни избори, како што се најавува и очекува, следните избори за пратеници треба да се одржат во мај 2028 година. Па, ако ВМРО-ДПМНЕ победи на тие редовни избори за 2 и пол години, Мицкоски повторно бил бил мандатар за составување влада, т.е. тој може пак да стане премиер, доколку, се разбира, обезбеди 61 пратеник.

Теоретски, може да се случи тој да биде премиер од декември 2029 до мај 2032 година, а ВМРО-ДПМНЕ во тој период да има нов претседател. Хипотетички, можна е и поинаква разврска, односно да се избере нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ на истекот на 2029 година, кој веднаш би станал и нов премиер, на сличен начин како што Димитар Ковачевски го наследи Зоран Заев. Сепак, разликата меѓу ова претпоставено сценарио за ВМРО-ДПМНЕ и она веќе видено сценарио на СДСМ е што промената на лидерството на СДСМ се случи додека партијата е на власт, но по изборен пораз (на локални избори).

–Силно верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе извојува голема победа на следните парламентарни избори, зашто ценам дека полека завршуваме со периодот на консолидација на состојбата во државата и доаѓаат годините на просперитет и раст… Нормално, партијата во 2029 година, на редовниот Конгрес ќе добие нов претседател, но дали едното со другото (со премиер) се во фрикција? Јас не мислам дека е така и во овој момент е предалеку да зборуваме за 2029-2030 година, за да кажам дали тоа ќе подразбере мое повлекување од позицијата претседател на Влада – рече Мицкоски.

Оттука, тој уште отсега упатува јасна порака, која содржи 3 главни елементи. Прво, дека овој трет мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ ќе му биде последен, што значи дека партијата сигурно ќе избере нов партиски лидер на следниот Конгрес во 2029 година, кој би бил четврти лидер по Георгиевски, Груевски и Мицкоски. Во врска со прашањето дали имало иницијативи за промена на Статутот со цел да се отстрани одредбата за максимум 3 мандати на чело на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека тоа не би го коментирал.

Второ, тој јавно порачува дека нема проблем ако некој има лидерски амбиции, но истовремено предупредува дека доколку некој демонстрира пренагласена амбиција тој тоа нема да го толерира, што на некој начин може да се протолкува дека тој или тие би биле однапред дисквалификувани. Патем, донекаде се обиде да исцрта профил на идниот лидер, посочувајќи дека тој треба да биде човек со „рбет, интегритет, дисциплина и фокус“, а не некој кој „победува во анкети или што знае да аплаудира“.

И трето, иако посочува дека сè уште е рано за да каже дали изборот на нов партиски лидер ќе значи дека тој ќе треба да се повлече од премиерската функција, сепак јасно предочува дека двете работи не мора да се во колизија, што може да се прочита како негова позиција дека тоа што е тврд во ставот да го заврши раководењето со ВМРО-ДПМНЕ во 2029 година, не значи дека не би можел да продолжи да биде претседател на Владата што претходно ја формирал како мандатар.

Инаку, тој во неколку наврати најави дека по Конгресот ќе има темелна реконструкција на структурата на ВМРО-ДПМНЕ, по што ќе следува и реконструкција на Владата, меѓутоа посочи дека сè уште е рано да се говори за конкретни кадровски промени. Исто така, одби да коментира конкретни имиња за иден генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Во меѓувреме, најави дека можно е да донесе одлука да нема потпретседатели, со цел на тој начин да нема фаворизирање во контекст на идната трка за негов наследник.

КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ: Ивица Томовски ќе биде нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести