Техничка влада – аут, нов Изборен законик – ин, следува ли предвремен изборен натпревар?

Најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе бара консензус за укинување на техничката влада како непотребен баласт од т.н. „Пржински“ договор ја отвори „Пандорината“ кутија за можно изборно соочување до крајот на оваа или (евентуално) на почетокот од следната година. Ако во првата половина на годинава се направат неопходните промени на изборното законодавство, тогаш нема никакви формални пречки таквиот изборен натпревар и навистина да се случи. Иако, за да дојде до него, потребно е да се исполнат и серија политички (пред)услови.

by jadranka 12:05
12:05

 Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1580, на ден 15.01.2026 година

Пишувал: Зоран ФИДАНОСКИ

Божиќната најава на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе организира лидерска средба на која ќе побара и формално да се укине техничката влада како непотребен „баласт“ од минатото, веќе на стартот на 2026 ја разбранува „политичката бара“ во државава,  уште несмирена по минатоесенските локални избори. И, ако се суди според реакциите, го детерминираше темпото на политичките односи кај нас дека ќе биде во добра мерка жестоко во годината што е пред нас. Но, истовремено отвори и уште една дилема – дали на овој начин се „расчистува теренот“ за уште едно изборно соочување на кое би се избирале пратеници. Нешто што Македонија го доживуваше речиси редовно во годините кога ВМРО-ДПМНЕ суверено владееше со државата со влада на чие чело беше Никола Груевски.

Мицкоски, во интервјуто што се емитуваше на ТВ „Алфа“, на големиот христијански празник, побара консензус да се укине постоењето на техничката влада, која според актуелната законска регулатива е задолжителна во последните 100 дена пред секои избори за пратеници – и во која позицијата има обврска да предложи ново име за премиер кој би бил технички, а опозицијата добива министри во два ресора – за внатрешни работи, и за труд и социјална политика, како и заменик-министри во три ресори – во земјоделие, финансии и во администрација и информатичко општество. И, таквата влада би била задолжена за регуларно спроведување на изборниот процес.

„ПРЖИНСКАТА“ ВЛАДА ОДИ ВО ИСТОРИЈАТА?

Ваквата влада првпат беше воспоставена со т.н. „пржински“ договор што со голема интервенција на меѓународната заедница во 2015 го склучија Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи во услови на длабока политичка криза, што кулминираше со објавувањето на тогашните „бомби“ од опозицијата.

Пред овие избори (се мисли на претходните парламентарни), раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени, порача Мицкоски, најавувајќи дека за тоа ја свикува и лидерската средба.

Лидерската средба, уште незакажана (требаше да се одржи вчера), а првиот човек на социјалдемократите Венко Филипче жестоко се спротивстави на ваквата идеја на Мицкоски. Дента по интервјуто на премиерот, Филипче од партиското седиште на Бихаќка одби да присуствува на лидерската средба. Преку медиумите порача дека, како што рече, нема да влегува во ваквите игри на власта. Ја обвини дека на овој начин спроведува сценарио во кое ги спомена и фамозните мигранти, но и нови избори.

„Ваква средба на која ќе се дебатира за укинување техничка влада пред секои избори нема да има, односно СДСМ нема да партиципира. Ние не сакаме да бидеме покритие за потезите на власта. Се виде сценариото – дека прво ќе се оди на предвремени избори, а потоа ќе се реализира тоа за прием на мигранти за пари. Најавени шест милијарди во инвестиции и 20 илјади фунти за секој примен мигрант. И, затоа техничката влада мора да постои. Таа беше спроведена во периодот кога претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваше институциите. А, сега гледаме дека во овие година и половина, тие воопшто се немаат сменето“, беше дециден во отфрлањето на средбата лидерот на СДСМ.

Сепак, Филипче (по се изгледа) остана осамен во ставот дека е против укинувањето на техничката влада и одржувањето на лидерската средба. На Мицкоски, со јавни изјави, поддршка му дадоа неговите коалициски партнери – почнувајќи од претседателот на Собранието, Африм Гаши, потоа ЗНАМ на Максим Димитриевски, како и дел од помалите партии, како ДС на Павле Трајанов. Поддршка даде и Левица, која го услови своето присуство на лидерската средба со промена на изборниот модел – Македонија од шест да стане една изборна единица. Како и да има рамноправно медиумско претставување.

НОВИ ИЗБОРНИ „ПРАВИЛА НА ИГРА“

Токму ова последново е веќе во почетна фаза на реализација. Спикерот Гаши најави интензивирање на динамиката на измена на изборната регулатива што треба да се одвива во законодавниот дом. Има согласност тоа да се направи со консензус, се екипираат работните групи, но засега не е доволно јасно во колкав обем ќе бидат измените. Доколку се повеќе од една третина, тогаш би се одело со сосема нов Изборен закон – што значи и неколку месеци пролонгирање на неговото изгласување, првенствено поради потребата од поширока јавна расправа, затоа што станува збор за комплексен законски проект. Наспроти уверувањето на премиерот Мицкоски дека е можно тоа да се случи до крајот на месецов – со што би се отворило простор за усвојување на новите изборни правила со внесени препораки на ОБСЕ/ОДИХР во нив уште во февруари. Што значи дека допрва ќе биде јасно дали партиите повторно на маса ќе ги стават предлозите за промена на изборниот модел, односно Македонија да биде една изборна единица наместо сегашниот модел со шест изборни единици со пропорционален систем и отворени листи, за финансирање на политичките партии, за медиумското претставување на партиите, како и за прагот за учество на независните, односно цензусот при избор на претседател на државата и на градоначалниците.

Дебатата за укинување техничка влада, заедно со интензивирањето на процесот на измени на изборните „правила на игра“ се чекори што упатуваат на сериозно размислување за тоа дека има шанси 2026 или 2027 година да не останат години без изборен натпревар. Без оглед на тоа што самиот премиер Мицкоски, во неколку наврати ја уверуваше јавноста дека има намера да го истера целиот мандат што завршува во средината на 2028 година. А, оваа и следната година се вистинско време, како што посочуваше, да покажел дека умее да ги реализира дадените ветувања пред граѓаните, поради што и ја доби убедливата доверба на последните избори.

Сепак, во политиката постои едно основно правило – дека сè е минливо и менливо, а вечен е само интересот. На рака му оди рејтингот, кој во континуитет е убедливо поголем од тој на опозицијата. Последното истражување што телефонски го направи во средината на декември, Институтот за политички истражувања (ИПИС) покажува повеќе од 2,5 пати поголем рејтинг на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ (26 наспроти 9,6 отсто). Многу блиску до СДСМ, а и меѓусебно се ДУИ и ВРЕДИ со 8,9, односно 8,2 отсто од довербата. Левица со близу шест и ЗНАМ со речиси четири отсто го заокружуваат кругот на партии што може да се надеваат на влез во евентуален иден состав на законодавниот дом. Од 1.114 испитаници, близу 36 отсто, комбинирано, не се изјасниле за ниту една од понудените политички опции.

Првиот човек на ИПИС Владимир Божиновски смета дека нема причина воопшто од одржување нови парламентарни избори годинава. Владиното мнозинство е стабилно, а владата може да се посвети на реализација на ветувањата, особено во економско-социјалниот дел.

„На ВМРО-ДПМНЕ и останатите партнери – ВРЕДИ и ЗНАМ, ако се решат за предвремени избори, повеќе им одговара тоа да го направат следната 2027 година. Прво, затоа што може да се очекуваат први опипливи резултати од нивните политики, особено во делот на економијата, како и борбата против корупцијата и криминалот, што ги направиле во првата половина на мандатот плус уште некој месец. Доволно да се направи рекапитулација затоа што ќе има поминато барем 2/3 од него. И, второ потребна е и сериозна причина плус, каква што е решавањето на блокадата во евроинтеграциите и прашањето со Бугарите. А, во моментов за тоа немаат партнер од другата страна, затоа што Бугарија е без влада и многу блиску до уште едни избори. Значи прво треба да се стабилизира ситуацијата кај источниот сосед, а дури потоа да се влезе во некаква разрешница за која би имало потреба од нов полн мандат “, вели Божиновски.

ПРОМЕНА НА ОДНОСОТ НА СИЛИТЕ

И, покрај ваквите објаснувања, сепак не треба целосно да се исклучи опцијата – предвремени парламентарни избори. Причините може да се лоцираат токму во односот на силите на „политичката мапа“ на Македонија за што веќе споменавме погоре. Исходот од последните локални избори ја доведе СДСМ во позиција на, кажано условно, „грогиран боксер“ и му дава шанса на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш изборно да ја „смачка“ и уште повеќе да ја продлабочи кризата во опозициската партија.

Второ, потребата од добивање на уште постабилен партнер од албанскиот политички блок. ВРЕДИ, на последните локални избори покажа дека го зазема просторот што досега неприкосновено го држеше ДУИ – победи во речиси сите големи општини со доминанто албанско население (освен Гостивар каде во неделата на повторените избори победи кандидатот од крилото на Алијанса на Таравари, поддржан од ДУИ). Ваквото рекомпонирање на силите на локално ниво, не се исклучува дека е желба преку изборен натпревар да се пренесе на и централно ниво. Кажано со други зборови, ВРЕДИ да се обиде да освои повеќе пратеници од ДУИ и така практично да демонстрира дека се водечки политички фактор кај Албанците во Македонија. На тој начин, кажано со речникот на ловџиите – власта, пред се ВМРО-ДПМНЕ, со еден куршум би се добила два зајака. Едниот – за да покаже и дефинитивно дека успеале да го совладаат, како што велеа во изборната кампања во 2024, „канцерот наречен ДУИ“. А, вториот, многу поважен – да се има во свои раце и т.н.бадентерово мнозинство во Собранието, за да не се случи тоа за многу законски проекти и одлуки да биде предмет на политички пазар (на пример – виси ставањето во функција „сејф сити“ камерите во сообраќајот затоа што не може да се направи измена на Законот за прекршоци, поради противењето на ДУИ).

Ако на ова се додаде и фактот дека годинава, државата има историски највисок буџет од близу седум милијарди евра, како и најавените „британски пари“ во форма на многу поволни кредити, кои е најавено дека ќе се употребат во инфраструктурата, тогаш опипливи резултати од владините политики може да се очекуваат и порано од идната година.

И, конечно – геополитичката ситуација во светот помножена со последните случувања и опкружувањето во кое се наоѓа Македонија може (не задолжително) да станат причина за поургентно деблокирање на македонскиот пат кон ЕУ. А, тоа да има потреба од (задолжително) добивање на нов целосен политички мандат за да се затворат сите отворени прашања што стојат на истиот тој пат.

А, опозицијата. Таа секако е обврзана да се појави на секој изборен натпревар кога и да се случи. За да се тестира дали начинот на кој избрала да ја води битката со власта е исправен во борбата за добивање на доверба од граѓаните. Во доволна мера, за да може што поскоро да ја промени истата. Впрочем, тоа го потврдија и самите опозиционери – Филипче уште при одбивањето на лидерската средба и дебатата за техничка влада рече дека СДСМ е подготвен за избори кога и да се одржат. А, на почетокот на неделава и новиот генерален секретар на „интегративците“, Арбр Адеми, порача дека и тие цврсто стојат на ставот дека се неопходни предвремени избори. Од Левица, во континуитет порачуваат дека се подготвени за избори во секое време.

Слични вести