Два месеци пред да биде приведен судијата Ѓоко Ристов, во чиј семеен дом истражителите пронајдоа соѕидани 350.000 евра, тој, заедно со уште двајца судии од Апелацискиот суд, донеле одлука за случајот „Талир 1, во полза на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Овој предмет беше отворен од СЈО, и го застапува обвинителката Ленче Ристоска, а се однесува на нелегалното финансирање на владејачката партија, во времето кога лидер на партијата беше Никола Груевски.
Пред неколку месеци, предметот по жалба на обвинетите завршил во Апелација, а на 12 ноември 2025 година била донесена одлука. Со жалбата биле оспорени доказите, односно адвокатите побарале „бомбите“, 106 на број, односно прислушуваните разговори, да бидат извадени од предметот, со изговор дека се стекнати на нелегален начин.
Советот од тројца судии, претседател Тања Милева, и судиите Лидија Зимбовска и Ѓоко Ристов ја прифатиле жалбата и донеле одлука Решението на Кривичниот суд за примената на доказите да се укине и да се врати на повторно одлучување.
Се почнало кога обвинетите Кирил Божиновски и правното лице ВМРО-ДПМНЕ, на судско рочиште побарале од доказите да се издвојат нелегално снимените разговори и нелегално прибавените СМС пораки, а кои што биле дел од листата на доказите на Обвинителството. Бидејќи судечкиот судија го одбил ваквото барање, предметот по жалба завршил во Апелација. Одлуката на овој суд „Фокус“ ја побара и ја доби со Барање за слободен пристап до информации. Решението е дека поднесените жалби се прифаќаат и предметот се враќа на повторно одлучување кај судечкиот судија. Односно повторно да донесе одлука дали „бомбите“ ќе се користат како докази. Апелационите судии му замериле на судечкиот судија дека не дал добро образложение зошто го прифатил овој доказен материја.
-Впрочем, во ситуација кога првостепениот суд донел формално решение по однос на предлогот на одбраната за издвојување на докази, бил должен во образложението на истото, да даде аргументирани причини поради кои го одбил предлогот за издвојување на докази, односно да наведе врз основа на кои факти и докази, утврдил дека доказите на кои се повикува одбраната дека се незаконити, се прибавени на законит начин. По оцена на овој суд, првостепениот суд неосновано се впуштил во образлагање дека предметните докази ќе бидат ценети во склоп и со останатите изведени докази, меѓутоа прашањето за издвојување на докази поради нивна незаконитост е од влијание за понатмошниот тек на постапката, кои факти судот е должен да ги утврди на правно релевантен начин, врз основа на фактите и доказите содржани во списите на предметот, како би можел да донесе правилен заклучок по однос на законитост односно незаконитост на докази за кои се бара нивно издвојување. Ова и од причина што во конкретниот случај е клучно прашањето, дали доказите на кои се повикува одбраната се прибавени на законит начин и со почитување на законската процедура што е од есенцијално значење за да потоа бидат употребени во текот на кривичната постапка, за утврдување на решителни факти и донесување на законита одлука, бидејќи принципот на ефикасно спроведување на постапката не може да биде оправдување за примена и употреба на таквите докази, ако не била почитувана процедурата во прибавување на таквите докази, дотолку повеќе што судот е должен и има обврска да спроведе процесна правда што значи при превземањето на сите процесни дејствија мора да се почитува Законот за кривична постапка и процедурата што се предвидува во истиот за прибавување на доказите, се наведува во Решението на Апелација.
Виш јавен обвинител во случајот била Наташа Гоџоска, која исто така побарала укинување на Решението на првостепениот суд.
Сепак во оваа насока, односно дека „бомбите“ непречено можат да се користат во овој предмет, одлука веќе има донесено Врховниот суд и тоа кон крајот на 2024 година. Тогаш, по поднесено Барање за заштита на законитоста (БЗЗ) и тоа од сегашната в.д. шефица на Републичкото јавно обвинителство, Анита Топалова-Исајловска. Обвинителката бараше да пропадне предметот „Талир„ бидејќи според неа СЈО не било овластен тужител, а исто така ги оспоруваше и „бомбите“ и тврдеше дека не можат да се користат како докази. Таа се повика на член од Законот за јавното обвинителство, член 110, според кој „бомбите“ не можат да се користат како доказ за предметите за кои обвинението било поднесено по јуни 2017 година. Обвинението за „Талир“ беше поднесено во 2018 година. Од Врховниот суд сепак одлучија дека поднесеното Барање за заштита на законитоста е неосновано.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија цени дека во конкретниот случај одредбата од член 110 од Законот за јавното обвинителство не може да биде применета со оглед дека со донесувањето на Законот за Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, аудио записите од телефонските разговори биле внесени во правниот поредок и врз основа на тие докази Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите истражувало кривични дела и гонело сторители, со што истите станале дел од доказниот материјал.
Ова дотолку повеќе што, во текот на доказната постапка, осомничените и нивните бранители биле известени за истражната постапка која се водела против нив и за сомненијата кои им се ставале на товар во однос на кривичните дела и во однос на дејствијата кои секој од осомничените ги превзел. Исто така, на одбраната и бил овозможен увид во списите на предметот и доказниот материјал кој бил обезбеден во текот на истражната постапка, а по завршување на истражната постапка доставено им било и известување за завршена истражна постапка.
Од наведеното произлегува дека понискиот суд правилно ја применил одредбата од член 366 став 4 од Законот за кривичната постапка кога не донел решение за издвојување на аудио снимките како доказ во конкретниот кривичен предмет и донел решение со кое го одобрил поднесениот обвинителен акт во целост. При ваква состојба на работите, Врховниот суд на Република Северна Македонија смета дека со побиваната одлука не се сторени повреди на законот, а на кои повреди неосновано се повикува подносителот на барањето за заштита на законитоста“, се наведува во образложението на Врховниот суд.
Случајот „Талир“ се уште се суди во прв степен и по 6-ти пат ќе почне од почеток. На следното рочиште, по напатствијата на Апелациониот суд, судечкиот судија ќе треба повторно да одлучи дали „бомбите“ ќе можат да се користат како доказ, или истите ќе треба да се извадат од предметот.
В.В.