Левица остро ја критикува актуелната власт, посочувајќи дека речиси две години од нејзиното владеење поминале без суштински одговор на економските предизвици со кои се соочуваат граѓаните. Според партијата, голем дел од работниците едвај го преживуваат месецот со, како што наведуваат, најниска минимална и просечна плата во регионот, и покрај изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за висок економски раст.
Левица ги повика ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, како што наведуваат, да се соочат со реалната економска состојба во земјата. Од партијата порачуваат дека премиерот мора јасно да одлучи дали ќе продолжи со политика насочена кон интересите на бизнис-заедницата или ќе ја извршува својата функција во служба на граѓаните и работниците.
Во соопштението се потсетува и дека Левица минатата година поднела предлог-закон со кој се предвидувало зголемување на платите за најмалку 100 евра за сите работници, со што минималната плата би достигнала 500 евра. Според партијата, овој предлог бил одбиен од парламентарното мнозинство, што, како што тврдат, дополнително ги продлабочило економските проблеми.
„Трошоците за живот постојано растат, а работниците повеќе немаат време за чекање“, порачуваат од Левица, нагласувајќи дека ќе продолжат да ја поддржуваат борбата на синдикатите и на улица и во институциите, со јасно барање Владата да преземе конкретни мерки за обезбедување плата што овозможува достоинствен живот.