Додека тече процесот на трансформација на ВЛЕН од коалиција во единствена политичка партија, се случи промена на лидерската позиција во еден од субјектите што ја сочуваат оваа коалиција – Алтернатива.
Имено, досегашниот лидер Зеќирија Ибраими се повлече од позицијата и на негово место дојде актуелниот пратеник Беким Сали, кој наскоро треба да биде избран за прв вицепремиер на Владата и воедно министер за евроинтеграции.
При повлекувањето, Ибраими наведе дека тоа е резултат на неговите политички убедувања и визија, а не поради внатрешно незадоволство. Според него, случувањата во ВЛЕН бараат „нов ритам и ново водство“.
„Сега кога ВЛЕН има потреба од нов политички проект, нова визија, нова политичка кауза, редефинирање на политичкиот субјективитет на Албанците, но и ново лидерство, сметам дека не можам да понудам повеќе од она што досега сум го понудил и затоа сакам да бидам пат за новата енергија што ја бара овој процес“, порача тој.
Во таква ситуација, до следниот Конгрес на Алтернатива кој треба да се одржи во март-април следната 2026 година, лидерската функција ќе ја извршува досегашниот потпретседател Сали, кој притоа истакна дека оставката на неговиот претходник е „доказ за неговата политичка култура“.
„Не ја преземам Алтернатива како негов наследник, туку како продолжувач на патот што професорот го трасираше со труд, знаење и чесност. Ветувам дека ќе го чувам политичкиот морал што тој го изгради, ќе го зачувам неговиот дух и ќе го водам нашиот политички проект со целосна одговорност“, порача тој.
Во врска со случувањата во Алтернатива се огласи и коалицијата ВЛЕН, од каде соопштија дека „во функција на унификацијата на ВЛЕН, процес што ќе продолжи и во наредните денови, Ибраими веќе понудил предлог кој лидерите го разгледуваат како опција“.
Со оглед на сето тоа, го прашавме новиот лидер на Алтернатива и иден прв вицепремиер Сали дали промената во партијата е техничка или суштинска, како и каков е нивниот предлог за функционирање на ВЛЕН, кој, како што истакнаа од таму, го разгледуваат?
–Промената во Алтернатива е техничка. Наш предлог за ВЛЕН е ротирачко претседателство. Според швајцарски модел – вели тој во изјава за „Фокус“.
Оттука, Алтернатива ја застапува идејата на чело на ВЛЕН да се менуваат кадри од четирите ентитети и структури што ја сочинуваат коалицијата, со тоа што тие би имале временски определен мандат.
Како што неодамна објави „Фокус“, ротирачко претседателство е еден од моделите што се разгледуваат во рамки на ВЛЕН, меѓутоа дискусиите и анализите генерално оделе во правец дека новата партија треба да има двајца претседатели, односно претседател и копретседател.
Притоа, тогаш објавивме дека претседател и копретседател на ВЛЕН треба да бидат првиот човек на Демократското движење и градоначалник на Чаир, Изет Меџити, и првиот човек на БЕСА и градоначалник на Тетово, Биљал Касами.
–Коалицијата е базирана на принципите на партнерство и не дозволуваме да не поделат дебати од типот кој повеќе тежи во коалицијата, но Меџити и Касами најмногу се издвојуваат според многу аспекти и логично е да бидат први луѓе на партијата – ни изјави функционер на ВЛЕН.
Веднаш потоа, Меџити во телевизиско гостување рече ја чита пораката на албанските гласачи дека тие сакаат ВЛЕН да биде една партија, а не акционерско друштво. Во тој контекст, посочи дека се разгледуваат повеќе модели за унифицирање на ВЛЕН, при што оцени дека моделот со двајца копретседатели „не е лошо решение“.
–Работиме на креативни и инклузивни решенија, сите да се чувствуваат победници и важни. Првично, сите лидери на ВЛЕН сме свесни дека дотука не сме дошле како мали партии, туку како ВЛЕН. Второ, има добар дел на гласачи кои не се на одредени партии во ВЛЕН, туку се додадена вредност, гласаат за нас кога ќе не видат заедно… Побитен е ВЛЕН од индивидуалци – рече Меџити на Телма.
Одговарајќи на прашањето дали меѓу него и Касами ќе се бира лидерот на ВЛЕН, тој одговори: „Па тука негде е. Сепак, тој е фактор во Тетово повеќе, јас во Скопје. Ова се два главни градови каде се концентрирани Албанците. И работиме на креативни решенија. Има повеќе низ партиите низ Европа, разгледуваме модели од Германија, Англија…“
–Може ротирачки претседател, може во прва фаза и копретседатели, има и такви модели. Има кај зелените во Германија, имаше случај и во Косово со копретседатели. Едниот е потписник, оти е правен субјект, мора некој да се потпише, но пред членството и јавноста и со определени ингеренции функционираат како двајца претседатели. Ова како преодна фаза не е лошо решение – рече Меџити.
Во меѓувреме, Касами во интервју за Алсат изјави дека ВЛЕН е на пат кон трансформација во политичка партија, преку спојување на сегашните субјекти што ја сочинуваат коалицијата. Во таа насока, според него, доминира аргументот дека имаат заедничка политичка организација, наспроти опцијата да бидат коалиција меѓу повеќе политички партии.
–Раководството на ВЛЕН не може да биде класичен и едноставен модел. Ова значи дека пред да му ја дадеме главната тежина на претседателот, имаме претседателство на ВЛЕН, каде што повеќето одлуки се носат со консензус како и досега, а претседателите на субјектите што ја сочинуваат ВЛЕН имаат важни позиции во оваа организација – нагласи тој.
Портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, ни изјави дека во рамки на ВЛЕН постои одлична соработка меѓу четирите партии и претставникот на Движењето Самоопределување, која, според него, се темели на взаемна доверба, целосна и динамична координација, како и на заедничка политичка платформа која ја доби довербата на Албанците во неколку изборни циклуси.
„Во рамките на оваа соработка веќе функционираат Централно раководство, медиа-центар и кадровска комисија, кои работат координирано и во заеднички интерес. Овие структури го одразуваат високото ниво на организација и сериозност со кое ВЛЕН ја гради својата политичка основа за стабилно и долгорочно ангажирање – вели Сулејмани.
Во однос на прашањето за претседател и лидерство на ВЛЕН, тој посочува дека тоа ќе биде разгледано преку „отворен дијалог и целосна соработка меѓу лидерите на партиите, со цел конечната одлука да ја рефлектира единственоста и заедничкиот дух што ја карактеризира ВЛЕН, со потребното внимание и без притисок на време“.
Меџити и Касами ќе бидат претседател и копретседател на ВЛЕН, која наскоро ќе прерасне во партија!
Сали ќе стане вицепремиер откако отпадна од трка за Чаир – дали ресорот здравство ќе биде трампан?
Влатко СТОЈАНОВСКИ