Една година и седум месеци не е одржано ниту едно судско рочиште во процесот за оштетената пациентка од Дебар, Јилдиз Веапоска, на која за време на породување со царски рез во струшката болница во 2020 година и биле отстранети три органи – матката, јајникот и бубрегот.
И денешното рочиште беше одложено по вторпат во рок од само два дена. Веаповска најави дека ќе повика на протести пред судот во Струга.
-Доколку нема одлука до крајот на овој месец и доколку судењето не продолжи, односно ако сите рочишта продолжат да се одложуваат вака, ќе бидам принудена да закажам протест и да има протест пред судот.
Тој протест ќе трае секој ден од 8 до 16 часот, сè додека не заврши судењето, сè додека не биде објавена пресудата во овој суд. Поддршка очекувам од целиот наш народ, од Дебар, од моите сограѓани и од цела Македонија – изјави Веапоска.
Денешното рочиште беше одложено поради отсуството на адвокатот на првообвинетиот, Мухамед Асани, Игор Петкоски, бидејќи во исто време имал закажани други случаи во друг суд.