Обвинителот Пеливанов, кандидат за шеф на ОЈО ГОКК: Јас сум вистинскиот избор

by valentina 08:17
08:17

Кон крајот на следниот месец ќе биде познат наследникот на Ислам Абази, досегашниот шеф на најмоќното обвинителство во државата, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.  Сите петмина кандидати за „Фокус“ споделуваат зошто сметаат дека се вистинскиот избор за прв човек на ова обвинителство, односно зошто колегите да гласаат за нив. Исто така, одговорат и на прашањето што му е потребно на ова обвинителство за да може бескомпромисно да се спротивстави на сериозниот криминал, како и тоа кои ќе бидат нивните заложби доколку бидат избрани?

Во оваа трка се обвинителите Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски. „Фокус“, во следните денови, ќе ги објавува нивните изјави по редоследот кој е утврден со кандидатската листа која ја објави Советот на јавните обвинители. 

Обвинителската кариера  Трајче Пеливанов ја започнува во 2009 година, во скопското обвинителство, каде што работи до 2015 година. Тој беше дел и од тимот обвинители во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а за обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција беше избран во април 2021 година. Во одреден период беше и привремен шеф на ова обвинителство, односно додека траеше суспензијата на Вилма Русковска. Пред две години беше избран за виш обвинител во скопското Вишо обвинителство.

Пеливанов смета дека искуството, но и успешноста во работата, му се најсилната страна.

–Сметам дека токму јас сум вистинскиот избор за шеф на ОЈО ГОКК со оглед на моето две децениско јавно обвинителско искуство, интегритет и професионален пристап кој сум го докажал во моето досегашно постапување. За јавен обвинител сум избран во 2009 година, имам скоро тригодишно искуство како јавен обвинител во ОЈО ГОКК, при тоа три месеци раководев со тоа обвинителство, а и безмалку две години бев заменик на шефот на ОЈО ГОКК. Низ мојата долгогодишна кариера сум постапувал во предмети со особено комплексни и сериозни кривични дела од областа на организираниот криминал и корупција. Обвиненијата кои сум ги застапувал завршиле успешно во сите судски истанци, вклучително и пред Европскиот суд за човекови права. Сметам дека во постојната јавно обвинителска организација ретко кој го поседува моето искуство во постапување на сите јавообвинителски нивоа во најсложените кривични предмети, а истовремено и со успешно раководење на институцијата за која преферирам на шефовското место, дециден е обвинителот Пеливанов.

На прашањето пак, што му е потребно на ова обвинителство за да може безкомпромисно да се спротивстави на сериозниот криминал и кои ќе бидат неговите заложби доколку биде избран, Пеливанов вели дека дава посебен осврт во неговата Програма за избор.

–По однос на ова прашање давам посебен осврт во мојата Програма за избор која е во завршна фаза на изготвување и која се разбира ќе имам можност да ја презентирам и направам достапна на секого, вели обвинителот.

Валентина ВУРМО

 

 

Слични вести