Поранешниот министер за локална самоуправа ветил 50.000 евра, посредниците добиле 5.000 евра, директорот 400 евра

by irena 16:59
16:59

Иако, првичните информации кои вчера излегоа се дека поранешниот министер за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски, Џевдат Насуфи е тој што го пријавил директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Илија Стоилев за земање мито, сепак последните информации се дека токму тој е првоосмничениот во истрагата.

Според извори во истрагата, осомничениот Насуфи во својство на управител на фирмата „Сигнас -Агро“ ДООЕЛ од струшко Велешта на ден 19 јуни, 2024 година до агенцијата поднел барање за користење на финансиски средства преку ИПАРД програмата за набавка на машини и преработка на пченица, по што бил рангриран со помал број на бодови. Од тука почнува целата приказна.

Нашите извори тврдат дека со цел повисоко да биде рангиран на листата, иако не ги исполнувал условите од јавниот оглас и да ги добие финансиските средства, тој ги контактирал двајцата браќа Ф.Ф. и А.Ф, со намера тие да го искористат своето влијание и службената положба и да влијаат кај сега веќе осомничениот директор Стоилев да склучи договор и фирмата на Насуфи да ги добие финансиските средства.

Еден од браќата ја контактирал Ј.К. вработена во Агенцијата за, исто така да влијае на директорот, а тројцата посредници за тоа добиле 5.000 евра. Осомничената Ј.К. посебно се сретнала со директорот во познат скопски локал каде го убедила дека во прашање се 50.000 евра и дека треба да помогнат Насуфи да ги добие, иако не успеал да влезе на двете ранг листи.

Преку посредниците, директорот на 6 август, 2025 година се сретнал со поранешниот министер во просториите на Агенцијата и добил ветување на примање награда. Стоилев се согласил и првично му испратил фотографии на Насуфи дека е добитник на финасиски средства од ИПАРД програмата, а вчера добил и дел од ветениот подарок во висина од 400 евра,  при што при претрес парите се најдени.

Осомничените се изведени пред судија на претходна постапка и се очекува за краток период да се донесе одлука за притвор.

Ирена Мулачка 

 

Слични вести