Ѓорѓиевски: Одговорно тврдам дека градот ќе биде исчистен

by vlatko 22:56
22:56

Јас сметам дека добро знам да ги организирам и решам проблемите, така што, како што најавив, во првите 72 часа, јас одговорно тврдам дека градот ќе биде исчистен и ќе се направи една голема генералка која што нема да ја направи само градот туку тука ќе помогнат сите општини, вели за „Трилинг“ кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.

-Ние изминативе четири години не сме имале координативен состанок со градот Скопје. Тоа е недопустливо без разлика кој на која политичка партија и припаѓа. Јас како претседател на ЗЕЛС мислам дека покажав изминативе години како треба да функционираме сите заедно кога станува збор за интересот на граѓаните. Јас во тие 72 часа освен што целосно ќе ја пуштам на располагање целата механизација на градот Скопје и јавните претпријатија, ќе ги повикам да се вклучат и сите општини, но и да се вклучат општествено одговорните компании. Сите ќе излеземе. И граѓаните ќе излезат – вели Ѓорѓиевски.

За тоа како планира да се справи со урбаната мафија и со градежната експанзија која создава сериозен проблем во Скопје, Ѓорѓиевски вели дека тој како градоначалник на Кисела вода веќе покажал како тоа се прави.

-Јас мислам дека покажав како тоа се прави во Кисела Вода. Прв што ќе го спомнам е меѓународниот конкурс за Расадник каде што требаше да има 99 згради, а сега нема згради. Во Црниче и Пржино откако јас сум градоначалник нема издадено одобрение за градба со повеќе од четири станбени единици. Во минатото на одобрение за градба на куќа по 28, 32, 40 станбени единици се издаваа. Истата пракса ќе биде и во градот Скопје – вели Ѓорѓиевски и додава дека за евентуален мораториум на одреден период за изградба на згради ќе одлучи заедно со неговиот тим од урбанисти.

Слични вести