Министерството за култура и туризам информира дека е завршена постапката за избор на изведувач за реализација на проектот за реконструкција на објектот на Универзална сала во Скопје.
Донесена Одлука за избор на најповолен понудувач по јавната набавка за „Изведба на градежни и градежно-занаетчиски работи и ентериер на објект Универзална сала во Скопје – по принцип на изградба Клуч на рака“.
По завршување на законските рокови за доделување на договорот, ќе биде потпишан договорот за изведба, а по исполнување на сите потребни предуслови за почеток на градба и воведување на изведувачот во работа, ќе следи официјалното започнување на градежните активности.
Рокот за реализација на проектот е предвиден до декември 2027 година. Набавката се реализира по принципот Клуч на рака, што значи дека во предвидениот рок објектот ќе биде целосно изграден, уреден и подготвен за користење, односно за одржување на концерти, настани и други културни содржини.