Јазикот што не го слушаме, но треба да го разбереме

by irena 13:51
13:51

Кога политичарите зборуваат, јавноста внимателно ги следи, дел со интерес, други со критика. Но за глувонемите луѓе начинот на следење на политичките програми е малку различен бидејќи тие не зборуваат само со зборови.  Во нивниот свет, јазикот е визуелен, политичарите не се нарекуваат по име, туку по карактеристики што ги обележуваат.

Во поткастот „За секого по нешто“ на СДК, толкувачот на знаковен јазик во Македонската телевизија, Башеска-Стојановска објаснува како глувонемите „ги нарекуваат“ некои од најпознатите политичари: актуелниот премиер Христијан Мицкоски по очилата кои ги носи, Венко Филипче по неговата професија како „доктор“, поранешниот премиер Никога Груевски по неговото карактеристично одење, поранешната министерка Радмила Шеќеринска како „шеќер“, поранешниот премиер Зоран Заев како „зајак“.

„Глувите лица ги кажуваат имињата буква по буква, но немаат време ниту трпение да спелуваат па затоа точно ќе ве скенираат како изгледате, ќе забележат одредени карактеристики, како на пример дали сте слаба, дебела, висока, ниска, со насмевка, со виткана коса и слично. Потоа ќе ги покажат иницијалите на личноста и одредената карактеристика. Некогаш тие знаци знаат да бидат несоодветни, но глувите лица вeлат „ние така ја гледаме таа личност“. Радмила Шеќеринска е шеќер, залижана коса е знак за еден градоначалник од скопска општина, според перчето коса се опишува првиот претседател Киро Глигоров. За Данела Арсовска немаат карактеристика, само градоначалничката на Скопје.“ вели Башеска Стојановска.

Таа е толкувач на знаковен јазик од 1987 година. Нејзините родители биле глуви, па таа прво научила да зборува на толковен јазик, а потоа и на гласовен.

„Од двајца глуви родители, и јас и сестра ми сме многу музикални. Луѓето ми велеа „на кого си музикална“, без да знаат дека моите родители се глуви “ додаде таа.

Иако гестовите во комуникацијата може да изгледаат слично, знаковниот јазик не е ист насекаде. Башеска-Стојановска појаснува дека, исто како што светот има различни говорни јазици, така постојат и различни знаковни јазици, секој со свои граматички правила, културни особености и лексика.

„Глувите деца немаат можност да учат македонски знаковен јазик, не е стандардизиран, може за една иста работа да имате пет геста. Се согласувам дека е богатство, но мора да се знае кои од тие пет геста треба да се користи во официјална комуникација. Само во Скопје се изучува знаковниот јазик во просториите „Даре Џамбаз““ заклучи Башеска Стојановска.

С.Т

 

 

Слични вести