Нобеловата награда за физика годинава им припадна на тројца научници од САД за нивните револуционерни откритија во областа на квантната механика, соопшти денеска Кралската шведска академија на науките, а пренесува Си-ен-ен.
Тројцата научници, Џон Кларк, Мишел Х. Деворе и Џон М. Мартинис ќе ја поделат наградата за откривање на макроскопско квантномеханичко тунелирање и квантизација на енергијата во електрично коло.
Комитетот за доделување на Нобеловата награда за физика ги пофали лауреатите за спроведените експерименти со електрично коло во кое демонстрирале квантномеханичко тунелирање и квантизираните енергетски нивоа во систем доволно голем за да може да се држи во рака.
Во соопштението од Академијата при објавувањето на наградата е наведено дека квантната механика ѝ овозможува на честичката да помине директно низ бариера, во процес наречен тунелирање.
Но, кога се вклучени поголем број честички, овие квантномеханички ефекти обично стануваат занемарливи.