Од 2021 година наваму, Македонија бележи неверојатен бум со изградба на фотоволтаици. Зголемениот интерес кај бизнисмените од различни профили, кои за првпат влегуваат во енергетскиот сектор, се случи и поради поедноставените процедури за фотоволтаици, според кои, компаните ќе можат да постават најбрзо фотонапонски централи за производство на струја без одобрение за градба од општината во која ќе градат. Поволностите за отпочнување бизнис со фотоволтаици ќе ги искористи и бизнисменот Ивица Георгиевски-Фреди, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен функционер во партијата и екс директор на Агенцијата за млади и спорт во периодот од 2006 до 2008 година.
Пишува: Орце КОСТОВ
Поради енергетската криза во цела Европа, предизвикана од војната во Украина, Македонија донесе законски измени со кои се олесни инсталирањето фотоволтаици за компаниите и граѓаните. Бизнис-заедницата намириса профит од сонцето, па голите ридишта и земјоделски земјишта од државата ги покри со фотоволтаични панели.
Од 2021 година наваму, Македонија бележи неверојатен бум со изградба на фотоволтаици, иако дотраената мрежа за пренос на електричната енергија не може да прифати толку.
До државниот преносен систем оператор МЕПСО се стигнати барања за приклучување нови 8.000 мегавати од обновливи извори на енергија во преносната мрежа, што е трипати поголем капацитет од оној што постои во Македонија, вклучувајќи ја струјата од термоелектраните, хидроцентралите, ветропарковите и фотоволтаичните централи.
Според националната стратегија за развој на енергетиката на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Македонија има зацртан план до 2040 година да инсталира 1.400 мегавати од фотоволтаични централи. Досега се инсталирани 800 и многу бргу оваа бројка ќе стигне до планираното.
Интересот е толку голем кај бизнисот и кај политиката за инвестирање во обновливи извори, што партиите го искористија како за политичка борба и дневни обвинувања кој повеќе изградил и кој повеќе ги искористил врските со власта, партијата или во самите институции.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше многу гласна од говорницата во партијата додека беше во опозиција. Во аферата што тогаш ја нарекоа „Броило“, ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека фирмата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски и неговиот кум заработила два милиони евра само од државни тендери.
–Соларниот картел составен од Димитар Ковачевски и кумот Горан Паунов е создаден и почнува да врти милиони со доаѓањето на СДС на власт. Аферата броило ни покажува како мала група длабоко вгнездена во највисоките структури на власта тргувала со влијание за стекнување сопствена корист, изјави тогаш пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Според опозицијата, Ковачевски и неговиот кум Горан Паунов основале фирма пет месеци откако СДСМ направил влада во 2017 година. Во тоа време, премиер е Зоран Заев, а Ковачевски подоцна станува заменик-министер за финансии.
Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за афера тешка над 26 милиони евра од областа на соларниот бизнис. Од компанијата тогаш рекоа дека пред назначувањето на Ковачевски за заменик-министер за финансии, објавиле дека тој истапува од сопственичката структура на „Пиксел груп“ бидејќи тоа е неспоиво со неговиот политички ангажман.
НОВ ИГРАЧ НА ПАЗАРОТ
Зголемениот интерес кај бизнисмените од различни профили што за првпат влегуваат во енергетскиот сектор се случи и поради законските измени за поедноставни процедури за фотоволтаици, кои се донесоа во 2022 година и стапија во сила преку Законот за градење.
Според тие измени, компаните ќе можат да постават најбрзо фотонапонски централи за производство на струја без одобрение за градба од општината во која ќе градат.
„Клучно е што процедурата е без административни постапки и не е потребно издавање на одобрение/решение за градење од локалната самоуправа. Инвеститорите се сега должни само да ја известат општината и да ги достават потребните документи.
За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица, копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект. Контролата дали се поставени фотоволтации како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори, наведоа тогаш од Владата.
Поволностите за отпочнување бизнис со фотоволтаици ќе ги искористи и бизнисменот Ивица Георгиевски-Фреди, за кого медиумите своевремено пишуваа дека е другар и бизнис-партнер на вицепремиерот и министер за транспорт и врски, како и втор човек во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Георгиевски е поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, функционер во партијата и екс директор на Агенцијата за млади и спорт во периодот од 2006 до 2008 година.
Сега е успешен бизнисмен во градежништвото. Неговата градежна компанија „БИСИ“ во септември 2024 година прослави 35 години од основањето.
„Македонија има свои херои во бизнисот и во економијата. Јубилеите се повод да се зборува за проектите и постигнувањата на успешните бизнис–приказни во нашата земја.
Една таква приказна е „БИСИ“, која за денешните генерации е докажан бренд во градежништвото, а повозрасните генерации сигурно се сеќаваат на малопродажниот ланец на продавници „БИСИ“ за обувки и спортска опрема.
Историјатот на компанијата на семејството Георгиевски, кое е основач на „БИСИ“ е доказ дека кога се има храброст, љубов и план, бизнисот може успешно да се развива во повеќе сектори “, објави на социјалните мрежи, Георгиевски.
Во последните 15 години, на чело на фирмата е Георгиевски, кој фирмата ја трансформира во бренд за изградба на премиум станбено-деловни објекти. Покрај градежништвото, тој ја формира групацијата „ИГ“, која развива неколку угостителски брендови, а своето работење го шири и во секторот на хотелиерство.
Јубилејот беше повод Георгиевски да најави нови проекти во делот на градежништвото, хотелиерството и енергетиката, односно изградба на четири фотоволтаични централи.
„Во партнерство со деловните банки, „БИСИ“ и групацијата „ИГ“ ќе инвестираат над 50 милиони евра за изградба на премиум станбен комплекс ЕЛИСИУМ во бруто површина од 50.000 квадратни метри, изградба на нов луксузен хотел во центарот на Скопје и изградба на четири фотоволтаични централи со вкупен капацитет од 18,5 мегавати“, објави компанијата во сопштението до медиумите.
ФОТОНАПОНСКА ЦЕНТРАЛА ВО ШТИП
Еден месец пред прославата, неговата компанија „БИСИ“ се јавува како нарачател на проектна програма за изработка на Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за намена Е1.13 – Површински соларни и фотоволтаични електрани во катастарска општина Долани, Општина Штип. Таа бара да се пренамени деталниот урбанистички план, со цел да инвестира и да изгради фотоволтаична централа.
„Проектниот опфат на Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за намена Е1.13 – Површински соларни и фотоволтаични електрани (фото-напонски панели за производство на електрична енергија кои се градат на земјиште) на дел од КП 1572/1, дел од КП 598, КП 566/3, дел од КП 600, дел од КП 566/4 и дел од КП 566/2, КО Долани, Општина Штип опфаќа дел од КП 1572/1, дел од КП 598, КП 566/3, дел од КП 600, дел од КП 566/4 и дел од КП 566/2, КО Долани, Општина Штип и зафаќа површина од 140680.56 м² или 14,07 ха.
Предметниот проектен опфат ги зафаќа следните катастарски парцели: дел од КП 1572/1, дел од КП 598, КП 566/3, дел од КП 600, дел од КП 566/4 и дел од КП 566/2, КО Долани, Општина Штип.
Предмет на изработка ќе биде оформување нова градежна парцела согласно стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, одредување на катноста на градбата, површината за градба, компатибилните намени и сообраќајните пристапи, согласно стандардите и нормативите за урбанистичко планирање за ваков тип објекти до оформената градежна парцела, со тоа што на дел од КП 1572/1, дел од КП 598, КП 566/3, дел од КП 600, дел од КП 566/4 и дел од КП 566/2, КО Долани, Општина Штип, се формира градежна парцела ГП 1, чија површина изнесува 140680.56 квадратни метри или 14,07 ха.
Предмет на планирање е површински соларни и фотоволтаични електрани (фотонапонски панели за производство на електрична енергија кои се градат на земјиште) со моќност до 10 мегавати“, стои во барањето за одобрување на Проектна програма за урбанистички проект до Општина Штип потпишано од Георгиевски како управител на „БИСИ ДООЕЛ Скопје“.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов експресно го прифаќа барањето за одобрување. Општина Штип, во април 2024 година поднела барање до Агенцијата за планирање на просторот за издавање услови за планирање на просторот со намена површински соларни и фотоволтаични електрани, а во јули 2024 година, решението го издава Министерството за животна средина на чие чело е првиот вицепремиер Изет Меџити.
СИМПТОМАТИЧНИ БИЗНИС-ОДЛУКИ
Фирмата што поднесе барање до владата за дооформување нова катастарска парцела на местото каде што ќе никне нова фотонапонска централа е Друштво за производство на електрична енергија БИГ СОЛАР ДООЕЛ Скопје.
Според податоците од Централен регистар, оваа компанија е основана во јули 2023 година од Ивица Георгиевски и неговиот брат Бранко Георгиевски со намена за производство на електрична енергија од необновливи извори. Фирмата не генерира речиси никакви приходи.
Ивица Георгиевски, во февруари годинава излегува од сопственоста на БИГ СОЛАР ДООЕЛ Скопје, со што целосен сопственик станува неговиот брат.
Симптоматично е што неколку месеци подоцна од неговото излегување од сопствеништвото во фирмата БИГ СОЛАР ДООЕЛ Скопје, на седница одржана на 17 јуни 2025 година, владата донесе три акти, односно одлуки за отуѓување градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија во корист на оваа фирма.
„Со оваа одлука се отуѓува градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија на Друштвото за производство на електрична енергија БИГ СОЛАР ДООЕЛ Скопје, со седиште на ул. Златко Шнајдер бр. 6а/9, Скопје, по пат на непосредна спогодба, за оформување на градежна парцела, кое има повеќе од 30 отсто од градежната парцела, за градежното земјиште сопственост на Република Северна Македонија, кое претставува градежно неизградено земјиште на КП бр. 1568/5, со површина од 98127 квадратни метри, запишано во Имотен лист бр. 94, КО Долани, согласно Извод од план бр. 694 за Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за намена Е1.13 – површински соларни и фотоволтаични електрани, бр. 18-7059/2 од 12.11.2024 година, донесен од страна на градоначалникот на Општина Штип со Потврда за одобрување бр. 18/24-256 од 6.11.2024 година, за изградба на објект од јавен интерес со намена на градба Е1.13- површински соларни и фотоволтаични електрани.
Оваа одлука да ја спроведе Општина Штип согласно Одлуката за вршење на работите за располагање со градежно земјиште сопственост на Република Македонија за Општина Штип („Службен весник на Република Македонија” бр. 140/11) “, се вели во една од трите одлуки на Владата за дооформување на градежната парцела на која ќе се гради фотонапонската централа.
Трите одлуки на владата за отуѓување на земјиштето се однесуваат на градежно неизградено земјиште на КП бр. 1568/4, КП 1568/3 и КП бр. 1568/5 со површина од 104238 м2, 95054 м2 и 98127 м2 во КО Долани, Штип.
Компанијата БИГ СОЛАР ДООЕЛ на овој начин ја дооформува својата парцела со купување на државно земјиште со површина од 297.419 м2 односно нешто под 30 хектари за кои ќе плати по 70 денари за метар квадратен или околу 340.000 евра, открија за „Фокус“ од Општина Штип која веќе ја спроведе одлуката на Владата.
„Во однос на одлука за отуѓување на земјиште сопственост на РСМ на Друштвото за производство на електрична енергија БИГ СОЛАР ДООЕЛ Скопје, која Владата на РСМ ја донесе на седница на 17 јуни 2025 година Ве информираме дека истата е спроведена и постапката е завршена .
Висината на цената е утврдена согласно Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на РСМ и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуќување, давње под закуп и за засновање на право на стварна службеност („Службен весник на Република Макеонија“ бр.190/17, 201/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 129/21 и 99/22) и изнесува 70.00 (седумдесет) денари по м2“, одговорија од Општина Штип за „Фокус“.
Инаку, Општина Штип донесе одлука да го пренамени урбанистичкиот план на 12 ноември 2024 година за изградба на објект од јавен интерес со намена Е1.13 – површински соларни и фотоволтаични електрани.
ОВЛАСТУВАЊЕ ЗА ГРАДБА ОД ВЛАДА
Ивица Георгиевски, во февруари годинава излегува од сопственичката структура и од компанијата БИГ ЕНЕРЏИ СОЛУТИОНС, која е формирана на 20 јули 2024 година, според податоците од Централен регистар. Повторно, како единствен сопственик на компанијата останува неговиот брат Бранко Георгиевски.
Оваа компанија на 7 август 2025 година е овластена од Владата за изградба на фотонапонска централа во Долани, Штип.
„Co оваа одлука на Друштвото за производство на електрична енергија БИГ ЕНЕРЏИ СОЛУТИОНС ДООЕЛ Скопје му се дава овластување за изградба на енергетски објект-фотонапонска електроцентрала ФЕЦ Долани.
Енергетскиот објект фотонапонска електроцентрала ФЕЦ Долани (во понатамошниот текст: енергетски објект) ќе биде наменет за производство на електрична енергија. Планирана вкупна инсталирана моќност е 56.1. MW и очекувано годишно производство од 112.028 GWh. Локацијата предвидена за проектот опфаќа дел од подрачјето на општина Штип, КО Долани.
Во продолжение на документот Владата ги набројуваат катастарските парцели каде што ќе се гради енергетскиот објект.
„Фокус“ испрати прашања до сопственикот на БИСИ, Ивица Георгиевски во кои побара одговор зошто тој донесе ваква деловна одлука да се повлече од компаниите за производство за електрична енергија БИГ СОЛАР ДООЕЛ и БИГ ЕНЕРЏИ СОЛУТИОНС на неколку месеци пред донесување на владините одлуки за отуѓување на три градежни парцели во Долани, односно за овластување за изградба, иако неговата компанија за изградба на станови „БИСИ“ е нарачател на проектна програма за изработка на урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за изградба на фотоволтаична централа во Долани, Штип.
Го прашавме дали одлуките за повлекување е донесени поради неговите блиски релации со партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ, но до затворањето на неделникот тој не испрати одговори. Доколку ги добиеме, одговорите ќе бидат објавени дополнително.
И покрај тоа што има блиски релации со ВМРО-ДПМНЕ и со Александар Николовски, нејасно е зошто Ивица Георгиевски Фреди прво го најави бизнисот со производство на енергија од обновливи извори и изградбата на фотоволтаични централи и потоа излезе од сопственичката структура на двете компани кои ги основал со неговиот брат, на неколку месеци пред Владата да донесе одлуки да докупат градежно земјиште и да добијат овластување за изградба на фотоволтаична централа.
Сепак, на прославата 35 години јубилеј на БИСИ беше најавена изградба на четири фотоволтаични централи со вкупен капацитет од 18.5 мегавати, а не 56.1 MW колку што ќе биде вкупната инсталирана моќност на ФЕЦ Долани од која се очекува годишно производство од 112.028 GWh.
ФОТОВОЛТАИЦИ СО УНГАРСКИ ПАРИ
Инаку, интересот на бизнисот се очекува да биде уште поголем откако владата, со одлука во средина на јануари 2025 ја прошири листата кој сè може да конкурира за парите од унгарскиот кредит.
Владата ги смени утврдените услови и дозволи секој што сака да гради енергетски објекти од обновливи извори да може да конкурира за дел од 250 милиони евра.
Токму бизнисот со електрична енергија и изградбата на хидроцентрали, фотоволтаици и ветерници беше сектор во кој изминативе десетина години, многумина поранешни и сегашни политичари отворија компании.
Меѓу нив се синовите на Зоран Заев и на Али Ахмети, дел од семејствата на Заев и на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, семејството на поранешниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, поранешниот вицепремиер за економија, Кочо Анѓушев, и поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Овој бизнис, откако стана лидер на ВМРО ДПМНЕ, го напушти премиерот Христијан Мицкоски.
Текстот е објавен на 11 септември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.562.