Многу Хрвати останаа без неколку илјади евра во петокот, а некои и без своите животни заштеди, објавија хрватските медиуми.
Платформата XUEX за инвестирање во криптовалути, која припаѓа на EG Investment Group, пропадна, објави Индекс.хр.
Според медиумот оваа платформа пропаднала во петокот навечер во Србија, а минатата недела и во Албанија. Од групите на Telegram медиумот пренесува неколку приказни за инвеститори во XUEX кои останале без своите инвестирани пари.
Човек кој работел во градежништвото донел одлука да се откаже од работата и да вложува на платформата XUEX. Дури и позајмувал пари за да инвестира и да заработи што е можно повеќе. Друго лице во Славонија претворил половина од својот деловен простор во консултантска канцеларија за EG Investment Group. Трето лице поставило огласи за EG во својата продавница.
Една жена вчера беше изненадена – како тоа пропадна кога преговараше со администраторот на групата еден ден пред отворањето на канцеларија на EG во Германија, пишува Индекс.
Според медиумот, кога платформата ќе пропадне, таа не го признава тоа. ,,Според нив, платформата XUEX е под надзор на финансиски институции од вчера, и додека трае надзорот, корисниците не можат да ги повлечат инвестираните пари. Причината за надзорот се некои други лажни инвестициски платформи, па XUEX сега е во незгодна ситуација поради нив. Надзорот наводно ќе трае до максимум 10 месеци, но XUEX вели дека нема за што да се грижите. Тие не направиле ништо нелегално, па сè ќе биде во ред по инспекцијата. Ова лажно објаснување веќе ги утеши некои инвеститори. Второ, платформата си игра со човечките емоции и им препорачува на своите членови да ги информираат новите членови да не депонираат пари. Ова ја покажува нивната наводна загриженост и сочувство кон новите корисници. Патем, целата комуникација се одвива преку групи на Telegram, кои имаат по неколку илјади членови секоја.
Трето, во истите групи на Telegram, претходните инвеститори добиваат пораки за приклучување кон новата платформа SKLCOIN во меѓувреме – уште една нова измама. И за жал, многумина повторно ќе паднат на неа. Четврто, многу корисници биле контактирани од платформата 133EX, сега трета, која сочувствува со тешкотиите и болката низ кои минуваат членовите на групата XUEX и ќе им дојде на помош. Сè што е потребно е членовите на XUEX да направат снимка од екранот на состојбата на нивната сметка и ќе добијат субвенција од 15% кога ќе се приклучат на новата група. Секако, кога ќе го платат почетниот капитал.
Некои луѓе се фаќаат за сламка затоа што сакаат некако да ги вратат своите пари. И затоа повторно ќе ги инвестираат преостанатите пари во нова платформа, а некои ќе се задолжат дополнително за оваа потреба. Единственото решение е никогаш да не спаѓате во такви групи. Откако ќе влезете во групата, администраторите успеваат да ве задржат со слатки зборови и докажани методи“, пишува Индекс.