Пишува: Валентина ВУРМО
Наместо, збор, прегратка или сочувство, дел од родителите што ги загубија своите најмили во пожарот, во дискотеката „Пулс“ се соочени со осуди и оцрнување. Како да им е малку црнилото што ги покри, како и „шлаканицата“ што ја добија од властодршците, прашувајќи ги за цената на нивните деца, па мора да ги слушаат и „душегрижните“ сограѓани, оперирани од емпатија.
Просто им замеруваат на начинот на кој продолжиле да дишат зашто излегува дека по нивен вкус требало побавно и поболно, дека не треба да се возат, особено не во џипови и на мотори, туку ако може да се влечат по улиците…
Звучи неверојатно и крајно нечовечно, но да, меѓу нас има и такви, кои се дрзнуваат да им стават ред како понатаму да живеат.
Наместо да протестирале секоја сабота и да им го „нарушуваат“ раатот, да оделе на гробишта и да си ги жалеле децата.
А, како да не се таму и дење и ноќе! Но, и да не се, од каде му правото некому да му кажува на друг како да го жали своето чедо? Секој на свој начин се справува со болката и загубата. Некој плаче, а друг, пак, нема повеќе солзи. Некој се затвора во своите четири ѕида, за да може тивко да тагува, а друг, пак, е бесен и вика пред целиот свет. А душата ги боли исто, искината на илјадници парчиња.
И наместо мевлем, постојано им се додава сол на раните, просто да не ти се верува што гледаш и слушаш.
А, мислев дека по трагедијата во Кочани, повеќе ништо нема да биде исто. Дека загубата на толку млади животи, но и толку многу повредени, ќе нѐ тресне од земја и ќе нѐ освести и обедини, а не дека на површина ќе ја извади малограѓанштината.
Но, и овојпат, за жал, се покажа дека важи народната, секое чудо за три дена. Затоа, кога веќе не ја добиваат потребната поддршка, барем да не им одмагаме.
А допрва ќе им биде уште потешко. Иако со нетрпение го чекаат денот кога виновниците ќе ги стигне казната, сепак судските рочишта, кои наскоро ќе треба да почнат, за нив ќе бидат мачни и долги. Одново и одново ќе го преживуваат трагичниот 16 март, кога згаснаа 62 животи.
И да, најголемиот виновник е државата, нефункционалниот систем, кој со години зарибува, а се подмачкува со мито и врски, но на крајот на краиштата, ние луѓето ја чиниме државата.
Затоа сѐ додека за сѐ и сешто бараме други виновници, а ниту за момент не се свртуваме кон самите себе, од нас не бидува ништо. Општеството ни се претвори во гладијаторска арена, каде што едни крволочно се тепаат или се обидуваат да преживеат, а другите, наредени во публиката, фаќаат сеир.
Слика и прилика за кажаното е и кога фудбалскиот натпревар во Штип, на деца од 15 години, стана крвава пресметка, бидејќи на еден од татковците не му се допаѓало што неговиот надежен син, налик Роналдо или Меси, добил црвен картон. Не знаејќи како да се справи со повредената суета, претепа две деца од спротивната екипа.
Па, зар се доведовме во ситуација и младинските фудбалски натпревари да ни ги обезбедуваат полицајци или специјалци од Единицата за брзо распоредување?
Па, зар треба да бараме полицијата да ни го следи секој чекор, за да чувствуваме дека децата ни се на безбедно?
Ако е така, некој нека го изгасне светлото и да си заминеме сите, зашто вака не заслужуваме држава!
Или, по случката кога маж пред кафуле раскрвави жена, удирајќи ја по глава со гајба полна со шишиња, да дочекаме коментари од публиката, дека така ѝ требало кога самата иницирала средба со насилникот. Односно, нема што да ја жалиме, бидејќи сама си го барала?!
Ваквите сцени од македонската гладијаторска арена, за жал, ни стануваат секојдневие, кои, или се правиме дека не ги гледаме, или им се ситиме, а најмалку сочувствуваме.
Но, на крајот, во сето црнило има и една светла точка. Тоа се младите од „Супорт Кочани“, кои посветено и неуморно, со месеци, им пружаат поддршка на повредените, но и на семејствата на настраданите.
Овие девојки и момчиња треба да ни бидат пример дека воопшто не е тешко да си емпатичен, а, пред сѐ, човек!