Претседателката на Молдавија, Маја Санду денес ја обвини Русија дека сака да влијае врз резултатите од парламентарните избори закажани за септември, тврдејќи дека Москва планира „невидена“ акција за „внесување на своите луѓе во парламентот“.
Русија сака да ја контролира Молдавија од есен и се подготвува да се меша во септемвриските избори, вклучително и купување гласови и нелегално финансирање со користење на криптовалути, за што се наменети 100 милиони евра, изјави Маја Санду за новинарите.
Таа изјави дека Кремљ планира да започне „кампања за манипулација со информации“ и сајбер напади, како и да организира платени насилни протести, користејќи традиционални религиозни структури.
Санду изјави дека плановите на Москва ги користат поддржувачите на прорускиот политичар Илан Шор, тврдејќи дека тој е водач на „криминална група“ чија цел е да ја дестабилизира Молдавија преку демонстрации и „создавање мрежа за купување гласови“.
Според Маја Санду, Русија финансира „суверенистички“ сили, кои го поттикнуваат евроскептицизмот и потчинувањето на молдавските интереси на Москва.
Сите овие проекти се координираат од командната точка во Москва, рече Маја Санду, пренесува АФП.
Според анкетите на јавното мислење, владејачката коалиција на Маја Санду ужива поддршка од 39 проценти од гласачите, а проруската опозициска Социјалистичка партија помалку од 15 проценти, но околу 30 проценти од граѓаните тврдат дека се неодлучни.