Рекреативци, кои во текот на вчерашниот ден, во претпладневните часови, биле на пешачката патека од источната страна на езеро „Младост“ и забележале угинат поголем крап и количина на помали риби во бизина на брегот, објави „Дума.мк“ од Велес.
-Станува збор за поголемо парче на крап и јато од помали риби кои плутаа на површината на водата. Ги фотографиравме и ви ги испраќаме за да ги објавите. Ние сме големи почитувачи на природата на езерото кое максимално го користевме до минатата година и не можеме да се помириме со глетката што ја гледаме, рекоа овие Велешани.
На нивната фотографија видливо со голо око е парчето крап кое плута на езерската површина. Институциите немаат информации за угината риба.
Угинувањето на рибата во езерото се должи на недостаток на кислород во презагадената вода, велат експертите. Според последните резултати од анализите на Центар за јавно здравје состојбата со квалитетот на водата летово е во уште полоша и позагрижувачка состојба од минатото. Според нивните препораки мора да се испита дали во неа постојат и во колкава количина цијанотоксини, поточно токсични материи.
По извршените анализи на Центарот за јавно здравје Велес, препораката е дека водата во езерото Младост не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во езерото нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини. Екохаваријата ја потврди извештајот, кој го изготвија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид уште лани, но локалните власти не веруваа во него и нарачаа нови анализи од приватни акредитирани лаборатории.
За загадувањето на езерото Младост, како и за пропустите на институциите „Фокус“ пишуваше во неколку наврати.
Велешкото езеро е полно со цијанотоксини и со амонијак: Кој ги штити загадувачите на Младост?