По извршените анализи на Центарот за јавно здравје Велес, препораката е дека водата во езерото Младост не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во езерото нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини. Екохаваријата ја потврди извештајот, кој го изготвија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид уште лани, но локалните власти не веруваа во него и нарачаа нови анализи од приватни акредитирани лаборатории.
Пишува: Орце КОСТОВ
Сликата што доаѓа од езерото Младост во Велес е поразителна – наместо природна убавина и чиста вода, површината на езерото е прекриена со дебел слој алги, отпад и органски остатоци, претворајќи го некогаш популарното излетничко место во вистинско мочуриште.
Во минатото создадено за наводнување на лозовите плантажи околу него, во сегашноста прераснато во атрактивен туристички центар со хотели, викенд-населби, пешачки и велосипедски патеки, како и паркови за инклузивност, велешкото езеро по бурното лето во 2024 година повеќе нема иднина, барем не според она што негрижата на граѓаните и на институциите му го направи и според она што „планираат“ да го преземат.
Водата во вештачкото езеро Младост крај Велес и ова лето е со лош квалитет и е ризична по здравјето на капачите и по опстанокот на живиот свет.
Центарот за јавно здравје од Велес, по барање на општината, во месец јуни зел мостри на површинска вода од три локации на езерото, а резултатите од извршените испитувања го констатирале загадувањето, кое и лани беше присутно во езерската вода.
Но, за разлика од лани, кога Центарот за јавно здравје заклучи дека водата може да се користи за капење и рекреација, и покрај отстапувањето од бараната втора класа на некои физичко-хемиски параметри, годинава е констатирано дека не смее да се користи водата буквално за ништо.
Оваа јавна здравствена институција по однос на микробиолошките индикатори ја категоризира водата во велешкото езеро за добра, додека по однос на физичко-хемиските параметри оценува дека таа одговара на 5-та класа по сатурација, 3-та класа по присутна матност, 3-та и 2-ра класа по присуство на амонијак, а по однос на останати испитани параметри е во 2-ра и 1-ва класа.
Од извршениот санитарно-хигиенски увид на езерото Младост, Центарот за јавно здравје Велес констатира постоење „видлива пролиферација на алги и појава на пена и големо количество биомаса-густи, пивтиести, сунѓерести наслаги со жолто-кафеава боја, кои покриваат значителен дел од крајбрежјето на акумулацијата“.
По добиените резултати, препораката на Центарот за јавно здравје Велес е дека водата не смее да се користи за капење и рекреација, додека не се изврши испитување од стручна институција, која ќе докаже дека во езерото нема цијанобактерии и не содржи цијанотоксини.
ВОДА ПОЛНА СО ФЕКАЛИИ
Екохаваријата ја потврди извештајот, кој го изготвија експертите од ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид уште лани, но локалните власти не веруваа во него и нарачаа нови анализи од приватни акредитирани лаборатории.
Резултатите на физичко-хемиските анализи на оваа установа од Охрид покажаа дека водата во Младост е проѕирна само два метри под површинскиот слој и е категоризирана во 3 класа.
Во површинскиот слој е присутен растворен кислород, додека во длабочина го нема. Тоа значи дека животинскиот свет, флората и фауната може да се одржи во живот до само седум метри во длабочина ако воопшто за нив доволни се присутните количества разреден кислород додека под оваа длабочина езерската вода се категоризира во 5 класа.
Тоа, според потпишаните лекари, двајца доктори на науки и еден пред докторирање, како и тројца специјалисти во своите области од Хидробиолошкиот завод, значи дека велешкото езеро Младост е езеро во изумирање.
Во резултатите на Хидробиолошкиот завод во Охрид се открива и ново фекално загадување на езерската вода. Експертскиот тим на Заводот заклучува дека според застапеноста вкупните колиформни бактерии, квалитетот на водата е лош, поточно е во 4 и 5 класа. Водата е фекално и органски загадена.
Во препораките на Хидробиолошкиот завод се наведува дека густите наслаги со жолто-кафеава боја, кои покриваат значителен дел од езерската површина, мора механички да се исчистат. Исто така, потребно е и механичко чистење на конгломератите наталожени на езерското дно.
„Еден од начините (и најсоодветен) за подобрување на квалитетот на оваа вода е аерација. Доколку е можно, препорачливо е и снабдување на акумулацијата со свежа вода. Препорачуваме механичко чистење на речното корито од отпадот, за да се овозможи непречен проток на речната вода“, се вели во препораката од тимот професори што го вршеа испитувањето.
НЕИСПРАВНА КОЛЕКТОРСКА МРЕЖА
Различните извештаи на Центарот за јавно здравје, лабораторијата „Фуд лаб“ од Скопје и на Хидробиолошкиот завод од Охрид фрлија сенка врз вистинскиот причинител на загадувањето, односно на излевањето фекалии, кој се спомнува и во извештајот на вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за животна средина – сателитската населба Отовица, чии куќи се делумно приклучени на колекторскиот систем со кој управува Јавното комунално претпријатие од Велес, „Дервен“.
„Од десната страна на населбата Отовица се правеше колектор, но изведувачите ја подигнаа висината на каналот поради тоа што наидоа на голема карпа. Од левата страна сите куќи се приклучени, но фекалиите одат во езерото затоа што пумпата што ја направија за префрлување на водите од лева на десна страна не работеше неколку години. Граѓаните не знаеја за тоа и сега се покажа дека тоа било проблем. Да, има некои неприклучени куќи, но тие имаа септички јами, кои подоцна им беа забранети “, вели жител на Отовица, кој ужива во пензионерските денови во викенд-населбата и кој раскажа како дошло до екохаваријата.
Од ЈКП Дервен тврдат дека колекторскиот систем во населбата Отовица функционира, но и дека има некои објекти што користат септички јами. Приклучувањето е задолжително, но комуналното претпријатие нема должност да утврди дали овие фекалии се влеваат во езерото, туку само да ја контролира и одржува во состојбата на фекалната канализација во функција.
ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР
Дел од жителите се сомневаат дека отпадните води што ги исфрлаат рестораните и хотелите се, исто така, причинител за катастрофата, но надзорот на Државниот инспекторат за животна средина, односно на инспекторката Билјана Шуркова-Манаскова над правни субјекти во околината на езерото, како и на ЈКП Дервен, кој управува со Регионалниот колектор за фекална канализација за населените места Кумарино, Сојаклари, Отовица и Сателитска населба на езерото Младост, покажа дека правните субјекти не го загадуваат езерото, туку проблемот е во колекторскиот систем во населбата Отовица.
„Во населбата Отовица, објектите од десната страна на пристапниот пат се приклучени на колекторот. Објектите од левата страна не се приклучени поради тоа што колекторот е на повисока кота од објектите, но нивното приклучување е изводливо во поединечни случаи. Дел од објектите најверојатно имаат септички јами, но не е исклучена и можноста за директно одведување на отпадните води поради близина на коритото во кое повремено тече Отовичка Река.
Индивидуалните објекти од левата страна на пристапниот пат кон Отовица не се приклучени на колекторот, а кај дел од објектите колекторот поминува непосредно пред парцелите и не е проблем нивното приклучување на системот. Дел од овие објекти не може да се приклучат, најверојатно сите имаат септички јами, а се наоѓаат на 200 метри од езерото“, се вели во извештајот на инспекторката.
НЕМА ПОРИБУВАЊЕ
Невладините организации и дел од советниците лани организираа акција за чистење на езерото и успеаја да извлечат над 120 тони од штетната материја, но проблемот не се реши затоа што езерото е во клиничка смрт.
Првите 60 тони ги собраа граѓанските волонтери на иницијатива на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“, а останатите 60 тони ги извлекоа две цистерни на биогасната електрана во Сарамзалино. Волонтерите од ЕД „Вила Зора“, ОО на Црвен крст Велес, кајакарски клуб „Бабуна“, „Клуб 28“ и ЗГ „Акцијаши ветерани“ велат дека материјата мириса на измет кога ќе се промеша.
Се проценува дека има уште над 300 тони материја, која треба да биде собрана во следниот период.
Од Здружението на спортски риболовци (ЗСР) „Бабуна“ од Велес неодамна предупредија дека годинава нема услови за порибување со предвидените 300 тони крап, бидејќи водата е загадена со фекалии и без присуство на кислород – состојба што ќе резултира со масовно угинување на рибата.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, по неверојатни притисоци од сите загрижени страни, испрати писмо во кое бараше пари од владата за спас на езерото, а пред половина месец доби од Министерството за животна средина 10 милиони денари со кои треба да се пушта свежа вода во езерото.
„Апсурд над апсурдите, верувале или не, нема 1 милион денари (15.000 евра) за активирање на аераторите (водените прскалки) на езерото Младост, ама има за цвеќенцата со цреповите, кои чинат 2 милиони денари и никако да се откажеме од нив.
И тоа не е сѐ. Како смртоносен десерт на менито на Младост го има и амонијакот, кој е петпати повеќе од дозволеното“, напиша советникот во Општина Велес, Игор Смилев по објавувањето на новите резултати на Центарот за јавно здравје од Велес.
ПОМОР НА РИБИ ВО ЗАГАДЕНАТА ТОПОЛКА
Општина Велес веќе четири години е без локален инспектор за животна средина, позиција со најголеми овластувања за контрола, спречување и санкционирање на загадувањето. Иако оваа функција е клучна за заштита на здравјето на граѓаните и животната средина, градоначалникот Колев не распишува јавен оглас за нејзино пополнување.
Велес, во изминатиот период, се соочи со сериозни еколошки катастрофи, меѓу нив и најновата за која Основното јавно обвинителство покрена истрага.
Речното корито на долниот тек на Тополка, кон крајот на мај беше полно со угинати риби, како резултат на поморот што го предизвикала бела пенлива материја, која ја открија рибочуварите на Здружението на спортски риболовци „Бабуна“.
Десетици килограми угината риба ги вознемири велешани во коритото на потегот од поранешната фабрика „Порцеланка“ до вливот во реката Вардар.
СВР Велес, инспектори на Државен инспекторат за заштита на животната средина, на Агенцијата за храна и ветеринарство, овластена лабораторија, здружените и граѓански еколошки активисти излегоа на терен да направат увид по масовниот помор.
Одделението за животна средина во Општина Велес, кое функционира без локален инспектор за животна средина, сѐ уште не излегло со официјална информација за причината за еколошката катастрофа во која изумре цел жив свет во реката Тополка.
Последната официјална информација е од ДИЖС од пред десеттина дена, дека ОЈО Велес покренало истрага за случајот и дека во интерес на истрагата, детали нема да се објавуваат.
Текстот е објавен на 10 јули 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.553.