На вториот Конгрес на партијата Движење ЗНАМ за наша Македонија Максим Димитриевски денеска едногласно повторно ја доби довербата и е избран за претседател. Тој се заблагодари за изборот и нагласи дека има намера да создава нови лидери бидејќи движењето ЗНАМ работи и ќе работи, вели, со и за граѓаните, како нова политичка сила која во изминатиот период од 14 месеци се потврди и докажа.
– Преземаме голема одговорност. Ова не е игра или обид. Ова е да создадеме нешто ново бидејќи Македонија тоа го заслужува и ние тоа го правиме. Тоа ни го потврдуваат тие што не обвинуваат, критикуваат бидејќи нормите во Македонија се променија во корен, нагласи Димитриевски во обраќањето по неговиот избор за претседател на ЗНАМ.
Пред присутните претседателот на ЗНАМ вети дека никој, како што рече, нема да побегне од одговорност без разлика кој колку и да се обидува да се приближи до владејачката политичка елита. Меѓу другото, посочи дека „сите волци сега облечени во јагнешки кожи“ плаќаат портали, медиуми и многу други инфлуенсери да шират говор на омраза, лаги, невистини и јавни обвинувања против луѓе, од кои, подвлече, се плашат бидејќи вистината секогаш излегува на виделина.