Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, кој денеска во Берлин присуствува на Конгресот на германската Социјалдемократска партија, порача дека на планираните билатерални средби со претставници на социјадемократските партии во Европа, ќе го пренесе ставот на СДСМ за извештајот на Европскиот Парламент за Северна Македонија.
-Денеска сум во важна посета на Берлин, каде што ќе имаме повеќе билатерални средби со високи претставници на социјалдемократските партии во Европа. Клучната средба е со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и ко-претседател на СПД, нашата сестринска партија од Германија.
Една од поважните теми е извештајот на ЕП за Македонија. СДСМ во минатото, со мудра дипломатија, успеа да ги отфрли сите обиди за какви било одредници на идентитетот и јазикот во преговорите и извештаите. СДСМ обезбеди македонскиот јазик и идентитет во ЕУ да бидат чисти, признати и без никакви додавки. Ова беа нашите црвени линии од кои никогаш не отстапивме.
По само една година од власта на ВМРО-ДПМНЕ, оваа позиција е нарушена. Се појавува сериозен ризик за носење извештај во кој јазикот ќе биде со додавка „современ“, а ние тоа не смее да го дозволиме. Тоа Владата не смее да го дозволи, и меѓу другото, сметаме дека е резултат и на погрешната надворешна политика во целата измината година. Денес на средбите ќе ги пренесам ставовите на СДСМ и ќе ги бранам позициите на Македонија. Извештај со амандман за додавка „современ“ пред јазикот не смее да помине – рече Филипче.