Три пациентки заразени со болнички инфекции

by Fokus 22:30
22:30

Текстот е објавен во 1 септември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1091

Пишува Ирена МУЛАЧКА

- Advertisements -

 Пред повеќе од еден месец, „Фокус“ објави серија текстови за скандалот на скопската Клиника за гинекологија, каде што за шест месеци починаа повеќе од 80 бебиња, од кои дури 20 за две недели. Меѓу главните причини за зголемената смртност на новороденчињата за кои пишувавме, се наведуваа нестручноста на дел од лекарите, недостигот од кадар, интрахоспиталните инфекции, нехигиената, како и фактот дека речиси сите критични случаи на породување од другите болници во државата ги носат на оваа скопска клиника.

Веднаш по објавувањето на аферата, експресно реагираа од Гинеколошката клиника од каде што конечно ги извадија бројките на починати бебиња, но само до крајот на 2015 година, тврдејќи дека податоците што ги објавивме се неточни. Но, во текстовите што „Фокус“ ги објави стануваше збор за починати бебиња во првите шест месеци од 2016 година, за кои од клиниката не дадоа никакви информации.

Од Клиниката веднаш се заканија со тужба, но заканите не беа упатени само до нашата редакција, туку според нашите информации на вработените, кои според раководството изнесувале документи од клиниката, им се заканувале со бркање од работа.

По два месеца оттогаш, од Гинекологија сѐ уште не добивме никакви бројки за смртноста на новороденчињата во 2016 година, но нашите последни информации се дека таа бројка во последниот период алармантно продолжува да се зголемува. Сепак, тоа не се единствените смртни случаи на клиниката, која за себе вели дека е „реномирана установа со седумдецениско постоење, со стручен и професионален тим“, зашто покрај бебињата на Гинекологија умираат и пациентки.

Од сите тие причини, одлучивме повторно јавно да ги споделиме нашите нови сознанија и податоци со читателите. А, тргнавме и по одговори на прашањата – зошто надлежните институции и министерот за здравство Никола Тодоров, кој на времето поднесуваше кривични пријави против непознат сторител, воопшто не реагираат во случајот за да проверат што точно се случува на Клиниката за гинекологија? Зошто по провладините медиуми постојано се вртат кампањи за трето дете? Што да направат мајките во случај кога го изгубиле бебето, а немаат каде да се обратат? Зар толку малку вреди човечкиот живот во Македонија?

ОД ОБИЧНА ЦИСТА, И ИЗВАДИЛЕ МАТКА И ПАЦИЕНТКАТА ПОЧИНАЛА

Според информациите до кои дојде „Фокус“ во последните неколку недели, на скопската Клиника за гинекологија има уште неколку случаи на починати новороденчиња, но има и мајки што починале поради обилно крававење поради лошо изведени операции.

Познато е дека на Клиниката секојдневно се одржува Стручен колегиум на кој присуствуваат повеќе од 70 гинеколози, анестезиолози и педијатри, кои редовно реферираат што се случувало претходната ноќ за време на дежурствата, колку бебиња се родиле, каква е здравствената состојба на новороденчињата и родилките, односно колку од нив се во критична состојба. Нашите болнички извори тврдат дека во последниот период, откако податоците излегле во јавноста, ваквата традиција е прекината, па на колегиумите повеќе не се кажува дали има нови починати бебиња.

„Фокус“ располага со нови документи во кои се објаснува целата голгота што ја поминала 32-годишната пациентка Е. Т., која на 17 август, 2016 година починала на Гинеколошката клиника. Според документите, а и според раскажувањата на лекарите, пациентката боледувала од хронична миелоична леукемија која ја лекувала со лекот гливек, но на клиниката дошла за сосема друга работа, за обична операција на циста. Пред да биде оперирана, се формирал стручен конзилиум од тројца лекари, еден гинеколог и двајца радиолози за да направат проценка на нејзината здравствена состојба. Според нашите информации, првиот стручен конзилиум воопшто не забележал дека пациентката има леукемија. Во документите се наведува дека на 9 август на пациентката и бил извршен оперативен зафат и ѝ била извадена матката, иако воопшто немало потреба од таква операција. Таа цело време имала крварење. Дали лекарите од конзилиумот направиле погрешна проценка со тоа што одлучиле пациентката да се оперира, а со тоа нејзината здравствена состојба се влошила?

Во меѓувреме, додека таа починала се одржале уште два конзилиуми од тројца професори, кои алармирале дека пациентката под итно мора да се оперира уште еднаш, затоа што животот и виси на конец. Последниот конзилиум е одржан на 15 август, 2016 година во 14 часот.

Со оглед на влошување на состојбата на пациентката до моментот на одржување на овој конзилиум, абдомен балониран, од КТ на абдомен и мала карлица – знаци за илеус и хидрареични нивоа, конзилиумот одлучи итно да се направи ревизија во присуство на дежурен абдоминален хирург. Со оглед на општата лоша состојба од основната болест, повикана е фамилијата на пациентката, објаснети им се ризиците од оперативниот зафат и истите се согласни за изведување на операцијата во интерес на пациентката – се наведува во стручното мислење од тројцата лекари.

Пациентката по вторпат е оперирана на 16 август, а веќе наредниот ден починала. Дел од лекарите на клиниката тврдат дека хирургот што ја оперирал, нестручно и непрофесионално си ја завршил работата и не ги почитувал протоколите. На нашата редакција ѝ се познати имињата на лекарите што биле во стручниот конзилиум, како и на хирургот што ја оперирал пациентката, но одлучивме да го скриеме нивниот идентитет.

За само неколку дена, на 25 август, на Клиниката имало уште еден смртен случај, и тоа на родилка. Според нашите извори, се работи за 23-годишна пациентка од Битола, која била примена во 33-та недела од бременоста. Пациентката била породена со царски рез, но таа имала и претходни здравствени проблеми. Пред два месеца ѝ била ампутирана ногата. Родилката починала, но бебето е живо и во моментот е на Клиниката за гинекологија. Во овој случај не се работи за лекарска грешка, туку пациентката била примена во многу влошена здравствена состојба.

ПАЦИЕНТКИ ВО ИЗОЛИРАНИ СОБИ ПОРАДИ ИНФЕКЦИИ

По објавените текстови во „Фокус“ за скандалот на скопската Клиника за гинекологија, од таму експресно испратија демант во кој се пофалија за стручната работа, професионалниот кадар и беспрекорната хигиена на клиниката. Но, новите информации до кои дојдовме, ја демантираат „идеалната“ слика и повторно алармираат за страшните случувања на клиниката, што поради нестручност на дел од кадарот, што поради нехигиенските услови и бактериите што шетаат таму.

Доказ за тоа се трите пациентки, кои повеќе од два месеца лежат на гинеколошката клиника поради докажани позитивни брисеви за интрахоспитални инфекции, кои ги закачиле додека се лекувале во оваа установа. Сите три се сместени во изолирани простории, немаат никакви допирни точки со другите пациентки, родилки и бебиња, за да не ги заразат. Нашата редакција располага со имињата и презимињата на пациентките и со нивните болнички истории. Една од нив е 36-годишната С.М. од Кавадарци со болничка историја бр. 8747, која речиси два месеца лежи на Клиниката. Таа боледувала од аденокарцином (рак на матка), при што на 25 јули оваа година на клиниката ѝ била извршена операција, радикална хистеректомија (вадење матка). Но, наместо нејзините здравствени проблеми да завршат, оттука почнува нејзината голгота на клиниката. Во периодот додека лежела на клиниката закачила интрахоспитална инфекција, за што потврдиле и позитивните брисеви. Жената имала загноена рана со инфекција, при што морала повторно да биде оперирана, а интервенцијата била извршена на 4 август. Дури, по 25 дена, пациентката во вторникот била пуштена дома.

Таа не е единствената пациентка што се соочила со ваков здравствен проблем. Втората пациентка, која сѐ уште е хоспитализирана на клиниката, е 28-годишната Е.А. од Виница, која, исто така, досега двапати била оперирана. Според нејзината болничка историја бр. 9213, на пациентката на 4 јули, 2016 година ѝ бил извршен царски рез, но во меѓувреме и таа добила интрахоспитална инфекција, поради што морало да ѝ се изврши уште еден оперативен зафат. По речиси два месеца поминати на клиниката поради инфекција на рана, на 28-годишната пациентка ѝ била извршена ревизија на загноената рана во петокот, на 26 август, и тоа во присуство на пластичен хирург.

Но, тука не завршуваат проблемите на Клиниката за гинекологија. Третата пациентка, која дури трипати била оперирана во рок од два месеца е 70-годишната З.Х. од Скопје, на која на 22 јуни ѝ била извадена матката. Оттогаш почнуваат нејзините нови здравствени проблеми. Во меѓувреме, додека сѐ уште била хоспитализирана на клиниката, фатила инфекција, ѝ се отворила раната и повторно ѝ направиле операција на 18 јули оваа година. Еден месец подоцна, врз пациентката повторно е изведена операција во понеделникот, на 29 август, така што таа повеќе од два месеца лежи во изолирана просторија на клиниката.

„Фокус“ којзнае по кој пат ја побара директорката на Клиниката за гинекологија, доктор Марија Хаџи –Лега за да ни одговори на неколку прашања и да даде свое видување и објаснување за ситуацијата, но таа цело време нѐ игнорира. Според досегашната практика, само еден ден по излегувањето на новиот број на весникот, таа експресно испраќа демант, во кој повторно не одговара на ниту едно поставено прашање, не ги демантира објавените случаи, но затоа ја фали клиниката и стручниот тим што работи таму и се заканува со тужба.

Министерот за здравство, Тодоров, исто така веќе подолг период ги игнорира прашањата на „Фокус“ на оваа тема, иако неколкупати досега го прашавме и инсистиравме да ни каже што ќе преземе за зголемената смртност на бебињата на државната клиника, со оглед на тоа што постојано се фали дека бројот на мртвороденчиња се намалил и дека Македонија има едно од најдобрите здравства во Европа.

ХАЏИ-ЛЕГА ПАЛИ И ГАСИ НА ГИНЕКОЛОГИЈА

Со Клиниката за Гинекологија веќе четири години управува д-р Марија Хаџи-Лега, која на оваа функција дојде во 2012 година, само неколку месеци откако ја породи сопругата на министерот за здравство, Тодоров, со второто дете. Таа за целиот овој период работи како в.д. директор, иако законскиот рок е само шест месеци. Гинекологија е единствената клиника, која веќе неколку години нема економски директор, кој ќе управува со парите, иако според законот, сите клиники се обврзани да бидат управувани од двајца директори преку врзан потпис, еден здравствен и еден економски директор. Клиниката, последен пат економски директор имала во периодот од 2009 до 2012 година, кога на тоа столче седна Елисеј Цицимов, кој сега моментално работи во Заводот за вработување.

Може ли да дојде до промена на директорската позиција на Гинекологија е прашање што се поставува последната недела откако пред две недели, во еден од дневните весници се појавил конкурс за нови двајца директори на скопските клиники, меѓу кои и на гинеколошката клиника. Конкурсот траел седум дена, до овој понеделник. Дали Хаџи-Лега ќе ја задржи функцијата или ќе биде сменета ќе покаже времето, со оглед на тоа што за директорското столче конкурирале уште неколку нејзини колеги.

За време на нејзиното „владеење“, клиниката ја следеа низа скандали, меѓу кои беше и опремувањето на нејзиниот директорски кабинет со мебел од италијанската фирма „Каза Италија“, во вредност од речиси 20.000 евра. Целиот нејзин кабинет е во зелена боја со бел мебел. Сите овие податоци се јавни и беа објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.

Покрај тоа што Клиниката за гинекологија е во нова зграда и располага со нова опрема, таа е една од клиниките која има највисок буџет, кој во 2015 година изнесувал 6,5 милиони евра, додека во 2016 година е малку зголемен и достигнува сума од близу седум милиони евра.

Колку и да сакаат надлежните институции да ја прикажат убавата слика на јавното здравство, сепак страшните информации излегуваат на површина. Во архивите на Гинекологија остануваат болничките истории за тоа колку пациентки и бебиња починале низ годините, иако голем проблем претставува и тоа што сите критични случаи од внатрешноста и од приватните болници завршуваат таму. Клиниката има директорка, која јавно може да ги каже проблемите, наместо да се препукува со медиумите. Сепак, за човечки животи се работи, чија вредност очигледно во Македонија го достигна дното!

Рамка:

ЗА ВРЕМЕ НА ПОПЛАВИТЕ, И ПОДРУМОТ НА ГИНЕКОЛОГИЈА ПОД ВОДА

Невремето што го зафати Скопје на 6 август ги поплавило и подрумските простории на Клиниката за гинекологија каде што се вршат крвните анализи на пациентките. Според нашите информации, и во таква ситуација, кога сѐ било поплавено, медицинскиот кадар продолжил таму да ги прави испитувањата сѐ додека не им затропала инспекција на врата и не им забранила. Тогаш, морале да се снаоѓаат во последен момент и ги носеле крвните анализи на другите клиники.

 

 

Поврзани новости