Ново сведоштво на мајка за починато бебе во Скопје: Бебето добило сепса, а лекарите тврделе дека е реакција од памперсот

by Fokus

Текстот е објавен на 6 октомври, 2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1096

Пишува Ирена МУЛАЧКА

Поранешниот министер за здравство на Црна Гора, Миодраг Радуновиќ, пред две години поднесе оставка поради скандалот што се случи во општата болница во Бјело Поље каде што пет бебиња беа заразени од болничка инфекција, а едно од нив почина. Според него, под итно требало да се откријат грешките и да се казнат сите кај кои ќе биде утврдена одговорност, од чистачка до министер. Но, сепак, додаде, тој прв мора да си оди, бидејќи тој е на врвот на здравствениот синџир и алката која утнала нешто во јавното здравство, па од тие причини експресно ја напушти министерската фотелја.

За разлика од таму, во Македонија и по многубројните скандали што со години го тресат јавното здравство како скандалот „Перде“, доктори што прегледуваат пациенти, а немаат завршено Медицински факултет, починати бебиња и родилки, потоа алармантната бројка на заболени и починати од рак, лекарски грешки… првиот човек во здравството Никола Тодоров не почувствува никаква морална одговорност досега, а ниту пак има намера да поднесе оставка. Неговиот пример го следат и директорите на јавните здравствени установи, кои освен што не поднесуваат оставки, главната стратегија им се сведе на закани за тужби против новинарите како еден вид притисок, да создадат страв и да најдат начин како да го спречат понатамошното објавување на информациите.

Таков е случајот со скопската Клиника за гинекологија за која „Фокус“ пред три месеци објави дека за само шест месеци починале околу 80 новороденчиња, од кои 20 за последните две недели. Во наредните неколку месеци продолжија црните статистики на починати бебиња. Откако излезе првиот текст, понатаму продолжија да се јавуваат револтирани лекари и мајки чии бебиња починале, раскажувајќи го во детали хоророт што го поминале на Гинеколошката клиника. Во неколкуте објавени текстови досега излегоа трагичните судбини на многу семејства, од кои некои планираат да покренат судска постапка против клиниката, додека дел ќе поднесат тужби против лекарите што го извршиле породувањето. Сепак, сите се едногласни „Нѐ завија во црно за цел живот“.

БЕБЕТО ДОБИЛО СЕПСА, А ЛЕКАРИТЕ ТВРДЕЛЕ ДЕКА Е РЕАКЦИЈА ОД ПАМПЕРСОТ

До редакцијата на „Фокус“ во понеделникот се обрати 33-годишната Е.П. од Скопје, не можејќи да се помири со фактот дека пред само одреден период купувала облека и ја подготвувала детската соба за своето бебе кое требало да се вика Ања, а кое починало само неколку денови по породувањето на Гинекологија. Таа со нас сподели документи од периодот додека била следена целата нејзина бременост во една од приватните болници, па сѐ до нејзиното породување на Клиниката за гинекологија. Несреќната мајка, исто така сподели и фотографии од новороденчето, кое само неколку дена по породувањето фатило инфекција на клиниката и било исфрлано по целото тело.

Револтираната мајка ја раскажа целата здравствена голгота што ја поминала на Гинеколошката клиника, лошиот однос на лекарите и медицинскиот персонал и катастрофалните хигиенски услови во болницата. Според нејзините кажувања, таа целата своја бременост ја водела во една од приватните болници сѐ до периодот додека предвремено требало да се породи во 31 гестациска недела. Тогаш отишла на Гинекологија и како што вели, „од тука почнува хоророт и загубата на моето чедо“.

Таа на клиниката отишла на 5 септември, а останала на Интензивна нега сѐ до 13 септември, денот кога се породила.

За целиот овој период бев четири сантиметри отворена и примав антибиотици ландицин и магнезиум венски. На 12 септември вечерта, во 19 и 30 часот добив породилни болки кои траеја цела вечер, а породувањето почна дури на 13 септември во 9 и 25 минути наутро. Што е уште пострашно, на моето породување не присуствуваше педијатар, иако е задолжително, со оглед на тоа што се породив неколку недели порано – тврди 33-годишната Е.П.

Бебето се раѓа помало и го ставаат во инкубатор, но без кислород затоа што не било зависно од кислород. Веднаш му дале некакви антибиотици, тврдејќи дека закачило инфекција од мајката. Но, тоа е тврдење на лекарите на Гинекологија, додека документите со кои ние располагаме го покажуваат токму спротивното. Во медицинската документација на која се прикажани лабораториските наоди по микробиологија, може да се забележи дека сите брисеви од микробиолошките испитувања кои мајката ги направила само неколку недели пред породувањето и се негативни и нема никакви инфекции, така што новороденчето не можело да закачи инфекција од неа.

За да се спасат, најлесно им е да ме обвинат мене, па почнаа да измислуваат дека бебето инфекцијата ја фатило од мене, што не е точно, а тоа може да се види и во документите. Бебето се роди здраво, само беше помало и затоа го ставија во инкубатор – додава револтираната мајка.

Таа тврди дека нејзиното бебе фатило сепса додека било на клиниката во инкубатор, а тоа го потврдуваат и дел од лекарите таму, но и оние што ја видоа фотографијата од новороденчето кое со црвени точки е исфрлано по целото тело.

За тоа што се случило со бебето и со промените кои настанале по неговото тело, родителите биле информирани на 15 септември, само два дена по породувањето. Тогаш, следувала нова приказна:

Тоа не е ништо страшно, само реакција од памперсот. Не се плашете, ја премачкуваме со физиолошки раствор. Ќе ѝ помине. Така ме тешеа и лажеа цело време на Гинекологија – вели 33-годишната Е.П.

Веќе на 16 септември од клиниката стигнале уште полоши вести. Таа и сопругот биле известени дека бебето имало крвавење од желудникот, а истиот ден му било направено ехо на главата и таму немало никакво крвавење. Два дена подоцна, на 18 септември, од клиниката им рекле дека состојбата на бебето е стабилна, не е ни полоша, ни подобра.

Нѐ убедуваа да не се плашиме, нивната поента била да ни дадат здраво бебе, а и да не се грижиме толку, бидејќи дома имаме веќе едно дете. Тоа значеше дека што и да се случи со него, не треба да се потресуваме – вели мајката на починатото новороденче.

Бебето починало на 19 септември во 4 часот и 50 минути, а родителите биле информирани дури три часа подоцна, во 7:46. Телото на починатото новороденче е испратено веднаш на обдукција на Институтот за патологија, а во зависност од обдукциските наоди, семејството ќе одлучи што да прави понатаму.

Ќе одам до крај, поради нив ми почина бебето. Ќе тужам и до Хаг ќе ја терам работата ако треба – гневна е нашата соговорничка.

СМРТНОСТА СЕ ЗГОЛЕМУВА, НАДЛЕЖНИТЕ МОЛЧАТ

Но, ова не е единствениот случај на починато новороденче во септември на скопската Клиника за гинекологија. Пред само две недели на клиниката имало уште еден смртен случај на бебе после природно породување. Станува збор за пациентката Ц.Н. чија бременост е водена преку „ин витро“, а која според информациите се породила природно на 21 септември во 36 гестациска недела. Бебето се раѓа тешко 1.620 грама. Само три дена подоцна, на 24 септември бебето починало и неговото тело е пренесено на обдукција на Институтот за патологија.

Според лекарите со кои разговаравме се уште не се знаат точните причини од што починало бебето, каква била бременоста на мајката во целиот период, дали имала некакви други здравствени проблеми и сл. Одговорите на сите овие прашања треба да ги дадат обдукциските наоди, кои според досегашната пракса се готови дури за два месеци.

„Фокус“ досега објави повеќе од десетина потресни случаи на починати бебиња на скопска Гинекологија, а главните причини за зголемената смртност според лекарите се болничките инфекции што ги закачиле новороденчињата во периодот додека престојувале таму, потоа предвремените породувања, како и лекарските грешки. Исто така, постоеја и неколку случаи на родилки кои пред два месеци биле ставени во посебни изолирани простории поради тоа што закачиле болнички инфекции и биле оперирани и по неколку пати.

Ова што се случува на клиниката е страшно. Имаме гинеколози, но немаме доволно анестезиолози и педијатри, што се неопходни за работата да се врши како што треба. И, после се прашуваме зошто имаме толку смртни случаи, зошто умираат родилки и бебиња. Што е најжално и покрај се што се случува, никој не презема ништо. Се однесуваме како да работиме со кукли, а не со деца – вели лекар, кој работи на клиниката но бараше да остане анонимен, плашејќи се да не го изгуби работното место.

И покрај сите случаи што досега ги објави „Фокус“ за настаните на Гинекологија, директорката Марија Хаџи –Лега не ги објавува бројките за починати новороденчиња во 2016 година. Таа до „Фокус“испрати табела од која може да се види бројот на починати бебиња во периодот само до 2015 година. Според статистичките податоци, на клиниката лани починале 99 бебиња, а една година претходно, во 2014, починале 140 новороденчиња. Ништо поразлична не е сликата и во текот на другите години. Во 2013 година бројот на починати бебиња бил 137, додека во 2012 година таа бројка била 125 бебиња.

„Фокус“ и овојпат се обиде да стапи во контакт со директорката Хаџи-Лега, на која досега и имаме испратено неколку пораки на мобилниот телефон, барајќи да ни објасни за колку се зголемил бројот на починати новороденчиња, зошто не се преземаат никакви мерки за да се намалат алармантните бројки и зошто постојано ги игнорира нашите прашања. До затворањето на овој број од неделникот не добивме одговор.

Последен пат кога директорката на Гинекологија комуницираше со „Фокус“ беше пред две години, во мај 2014 година, кога исто така баравме податоци за тоа колку е зголемена смртноста на новороденчињата. Тогаш таа не извести дека се уште се обработуваат податоците и дека на време ќе нѐ информира. Оттогаш, таа ниту одговара на нашите телефонски повици, ниту на смс-пораките.

Исто така, неколку прашања испративме и до Министерството за здравство од каде што веќе неколку месеци молчат. Така одлучија да постапат и сега.

Како и да е, редно е надлежните институции да реагираат и да ги откријат причините за алармантните бројки на починати бебиња на скопска Гинекологија. Сепак, се работи за живи суштества, а не за кукли. Јавноста е должна да знае, а посебно семејствата што ги изгубиле своите бебиња.

Рамка

„СГС“ ПОВЕЌЕ НЕ ЈА ОБЕЗБЕДУВА КЛИНИКАТА

Повеќе од еден месец, скопската Клиника за гинекологија останала без приватното обезбедување „Секјурити Сервис Груп“ (СГС) што беше ангажирано да го обезбедува објектот, откако на 1 септември им истекол склучениот договор. Пред точно една година откако во јавноста излегоа информации за зачестените напади врз лекарите и медицинскиот персонал, клиниката одлучи да го обезбеди објектот, па на располагање имаа 24-часовно обезбедување.

Се уште не се знае дали ќе има нов тендер за приватно обезбедување и кој ќе го обезбедува објектот во меѓувреме. Она што е познато во моментот, е дека за заштитата на персоналот на Гинекологија се задолжени двајца болничари, од кои едниот стои на влезната врата, а другиот кај операционите сали.

Според податоците на Бирото за јавни набавки, Гинеколошката клиника една година ја обезбедувала фирмата „СГС“, која во јавноста е позната како фирма блиска до поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, а тоа го докажаа и „бомбите“ што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Договорот со „СГС“ бил склучен на 7 август, лани, во вредност од 76.747 евра, а како главен критериум за избор на оваа фирма се наведува најниската цена, иако таа ја дала единствената понуда на тендерот.

Пред повеќе од една година, опозицискиот СДСМ објави „бомба“ во која се тврдеше дека зад фамозната фирма „СГС“ стои Мијалков. Тие на прес-конференција во Кавадарци обелоденија повеќе аудио – снимки со кои тврдат дека се докажува оти Мијалков е газда на агенцијата за обезбедување, која според нив, добивала милионски суми од Владата на Никола Груевски.

Дополнително, беше објавен разговор помеѓу Мијалков и Дејан Митревски – Урко, поранешниот телохранител на премиерот Груевски кој се повлече од агенцијата за обезбедување „Лупус“, откако „СГС“ почна да работи со полна пареа.

Исто така, пред повеќе од една година, од СДСМ излегоа со фрапантни податоци за десетици милиони евра кои отишле на контото на „СГС“, за добивање државни тендери за обезбедување.

Рамка:

„ПАП“ ТЕСТОВИТЕ НА ГИНЕКОЛОГИЈА СЕ НЕТОЧНИ?

 Пред неколку дена, Здружението на гинеколози излезе со информација дека резултатите од пап-тестовите правени на Клиниката за гинекологија и акушерство се неточни, се даваат без потпис и печат и направениот втор тест на друго место најчесто дава поинакви податоци. Ова го потврди доктор Душко Филиповски, претседател на Здружението. Тој се сомнева во точноста на резултатите и од тие причини досега двапати реагирал и до ресорното Министерство.

За само неколку часа, експресно се јавија од Гинекологија од каде што испратија демант, тврдејќи дека ова е неосновано клеветење на клиниката сѐ со цел да се наруши угледот на оваа установа.

Поврзани новости