330 милиони евра вбризгани во општините: Крпење дупки на улици и канализација се капитални проекти за градоналниците

by irena 11:51
11:51

Од вкупно 80 општини во Македонија пристигнаа речиси 900 проекти од вториот повик на Владата за аплицирање со проекти кои ќе се финансираат со 250 милиони евра од унгарскиот кредит кој ни го одобри Владата на Виктор Орбан во 2024 година.

„Во однос на јавниот повик за аплицирање со проекти во рамки на програмата во вредност од 250 милиони евра, наменета за локалните самоуправи, Владата е исклучително задоволна. Од 80 општини има пристигнато речиси 900-тини проекти од вториот повик. Ако се земат предвид и апликациите од првиот повик, тогаш ќе имаме вкупно 1.200 доставени проекти. Сето ова го правиме за денешните и идните генерации да имаат подобри услови за живот“, се вели во одговорот на Владата до „Фокус“.

Оттаму велат дека најголем дел од проектите се насочени кон подобрување на патната инфраструктура.

„Исто така значителен е и бројот на проекти поврзани со се однесуваат на заштитата на животната средина, уредување, раззеленување на јавни површини, изградба на паркови и тревни зони. Меѓутоа и проекти коишто се во насока на подобрување на условите на воспитно образовните установи, преку изградба или доградба на училишта и детски градинки“, одговорија од Владата.

Дополнително информираат дека од првиот јавен повик има 288 проекти, повеќе од 90% веќе се реализираат, а голем дел од нив и се завршени.

„За првиот јавен повик, склучивме договори во висина од близу 4,6 милијарди денари (74 милиони евра), додека во вториот јавен повик податоците на проекти и денеска се собираа, засега има пристигнато апликативни формулари некаде близу 16 милијарди денари (околу 260 милиони евра), што значи дека вредноста на сите проекти кумулативно ќе надмине 20 милијарди денари и тоа е навистина импозантна бројка“, сметаат од Владата.

На огласот се јавија сите општини, без разлика од која политичка партија или коалиција доаѓа нивниот градоначалник, но не сите од нив објавија за какви проекти ќе аплицираат. Оние кои објавија, всушност се пофалија на социјалните мрежи дека аплицираат на капитални проекти, а „Фокус“ пренесува кои се идеите на градоначалниците за аплицирање на повикот.

Заеднички именител за сите објавени проекти на општините во првиот и вториот повик е реконструирањето на улици или изградба на атмосферска или фекална канализација. Ова покажува дека досега на ниту еден градоначалник во минатото приоритет не му било решавањето на основните инфраструктурни услови во градовите.

Но, има и некои разлики. Во вториот повик на шест месеци пред избори, градоначалниците се осмелија да предложат посериозни проекти, но не пропуштија да му се заблагодарат на премиерот Христијан Мицкоски за поддршката, барем оние што се од ВМРО-ДПМНЕ.

На пример, првиот човек на Општина Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, покрај проектите за фекална и атмосферска канализација, аплицираше со проект за изградба на поликлиника, реконструкција на објекти, речно корито, улици и пешачки патеки.

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски аплицираше со проекти за нова поликлиника, плоштад, културен дом, затворен базен и нови мостови.

Кирил Пецаков во Охрид аплицираше со проект за катна гаража покрај проектите за атмосферска и фекална канализација, додека градскиот татко на Битола, Тони Коњановски потпиша проектни апликации за 30 проекти, меѓу кои три спортски сали, реконструкција на улици и промена на канализациска и водоводна мрежа која според него е приоритетна. Но, ќе се реконструира и битолската Зоолошка градина.

Марко Колев во Велес, кој пред некој ден, како и горенаведените градоначалници, си заработи кандидатура за втор мандат, аплицираше со проекти за реконструкција на влезови од селски патишта, спортската сала, некои градски улици, но не и со проект за заштита на езерото Младост.

Митко Јанчев во Кавадарци побара два милиони евра за доградба на спортската сала и апартмани за сместување на спортисти, спа центар, еколошки пазар, картинг патека и за гасификација на општината.

Градоначалникот на Струмица, Костадина Костадинов аплицираше со 13 проекти, повеќето од нив за изградба на дел од сервисни улици во градот, но има и за изградба на семејни куќи во низа, што ќе бидат наменети за домување за социјално загрозени семејства.

Финансирањето на капиталните проекти од вториот повик се случува на шест месеци пред локалните избори што дава простор за политички шпекулации дека проектите кои ќе реализираат со оваа дополнителна сума од централната власт се изборен поткуп.

Орце Костов

Слични вести