Медицинските сестри и техничкиот персонал од Клиничката болница во Тетово, кои изминатата недела протестираа поради неизвесниот работен статус и неисплатени плати, добија ветување дека нивните договори за работа ќе бидат продолжени до крајот на декември. Ова го потврди директорот на болницата, Агим Бериша, кој истакна дека станува збор за привремено решение.
Иако дел од барањата на протестантите се исполнети, медицинските сестри велат дека главниот проблем – добивањето на редовни решенија за вработување – останува нерешен. Тие нагласуваат дека немаат формален статус на вработени и сè уште работат со договори на дело или без јасно дефинирани обврски и права.
Доколку надлежните институции не излезат во пресрет на нивните барања, медицинските сестри најавуваат дека ќе ги продолжат протестите – овој пат пред Министерството за здравство во Скопје.